Веб дизајн: Во 2016-та имавме шаблонски и предвидливи дизајни, 2017-та ќе биде фокусирана на UX

Додека на локално ниво, се уште одбираме неиновативни, застарени и сајтови базирани на темплејти (секоја чест на исклучоци, кои ги има неколку) преку манифестацијата Сајт на годината, која воглавно глорифицира трендови од пред неколку години, веб дизајнот на светски рамки доживеа огромна експанзација за време на 2016-та. Иако окарактеризиран како шаблонски, базиран на едноставен грид, препознатлив и сличен дизајн помеѓу сајтови, веб дизајнот во 2016-та се фокусираше на содржината и на корисничкото искуство. Framework-овите како BootStrap, Foundation и многу други ја олеснија работата и интеграцијата, поставија неколку стандарди и ги упатија веб дизајнерите да ја оптимизираат содржината и да ја прилагодат на потребите на корисникот и неговиот уред – без разлика дали тоа е 32 инчен монитор или мобилен уред.

Во 2017-та очекуваме продолжување на овој тренд, поголем фокус на корисничкото искуство, посветување поголемо внимание на брзината при конзумација на содржините, особено што таа е еден од позначајните фактори за рангирање на Google, но и дополнителна интеграција на платформи како Instant Articles и Accelerated Mobile Pages. На кратко, ни претстои уште една одлична година во сегментот веб дизајн, полна со изненадувања и посветување внимание на детали.

За тоа што ја одбележа 2016-та, а што ќе ја одбележи 2017-та, ги одбравме Александар Тасевски, долгогодишен веб и UX/UI дизајнер и Петар Павлов, креативен директор и основач на креативната заедница Creative Exchange, да ни раскажат со свои зборови…

Кога во три зборови би ги опишале веб дизајн трендовите во 2016-та, кои зборови би ги употребиле:


Александар: Предвидлив, досаден и базиран на шема; што не значи дека е лошо, туку повеќето агенции се фокусираа на брзо лансирање и користеа веќе познати и докажани модели на веб дизајн.

Петар: Пред да дадам било каков одговор, морам да напоменам дека веб дизајнот не ми е примарно поле на работа, па одговорите земаат во обзир многу помал дел од оваа огромна категорија отколку некој што се бави првенствено со тоа. За веб дизајнот би рекол дека во себе содржи 4 целини:

  • • Графички дизајн
  • • Технички дизајн
  • • Дизајн на комуникација и
  • • Дизајн на доживување.

Со еволуцијата на веб дизајнот секоја од овие точки во некој момент преовладува(ла). Пред 15-тина години се восхитувавме на техничките можности без да водиме сметка како тоа изгледа или колку е квалитетна содржината. Може да се направи споредба како кога почнуваме за првпат да работиме во Adobe Photoshop. Во првите месеци ќе се воодушевуваме кога ќе искористиме некој филтер или ќе ја претвориме својата фотографија во ◐, а ќе оставиме само една црвенa 🌹:) Со тек на времето ќе сфатиме дека тоа биле само начини да покажеме техничко познавање и сме далеку од уметници или дизајнери. 2016 би рекол дека беше почетокот каде фокусот се сврти кон дизајнот на комуникацијата. Графичикот изглед на сајтовите најлесно ќе се опише во еден гиф (шаблонски, чисти, ориентирани на содржина).

Она што ги одвојува успешните од неуспешните сајтови во 2016 не е отскокнувањето во технички поглед или уникатноста на композицијата, туку начинот на кој ни е искомуницирана содржината. Сајтовите кои посветиле време да ја “дизајнираат” содржината и да понудат нешто автентично се тие што остануваат запаметени. Земете го во предвид сајтот Medium.com или пак неговата копија Instant Articles на Facebook. Двата сајта се трудат да го направат дизајнот да биде потполно невидлив за во прв план да дојде содржината. И вие самите веројатно можете да приметите дека иако дизајнот е потполно ист на сите статии, повторно може да ги категоризирате по квалитет статиите, само врз основа на колку добро е средена содржината во понудените рамки. За пример за добра содржина, погледнете дел од Medium постовите на Нина Геометрива и Дамјан Цветков.

Кои трендови за веб дизајн можеме да ги очекуваме во 2017-та година според тебе? Кои трендови кои беа актуелни досега ќе ги гледаме сè помалку и помалку во 2017-та?


Александар: Во следната година би требало да очекуваме подобра интеракција и персонализација. Паметни сајтови кои ќе го запознаваат корисникот и ќе се прилагодуваат на неговите потреби. Би требало да почне да опаѓа трендот на креирање страни од веб сајтот со содржини наменети само за SEO односно без големо значење на корисникот.

Петар: За да збориме за трендови, би ги поделиле сајтовите најбаналано на содржински и услужни сајтови. Кај содржинските сајтови, дизајнот би рекол дека има тенденција да станува скоро невидлив за да во фокус би дошла квалитетната содржина. Сите естетски додатоци како што се неоснованите анимации (анимации кои постојат само да се движи нешто) и естетиката без практична употреба, ќе исчезнат наскоро. Со појавата на Instant Articles на Facebook, се допринесе веб дизајнот да стане дури и потполно невидлив, додека пак кај услужните сајтови, трендот на поедноставување на процесите продолжува да расте и понатаму. Процесите стануваат многу поинтуитивни и фокусот е ставен во дизајнирање на што поквалитетно доживување. Земете го AirBnB како пример. Сетете се како изгледаше пребарување на сместување пред само неколку години. Разликата постигната со паметниот дизајн на AirBnB е огромна. Меѓутоа, не е само до созревањето на дизајнот. Глобално гледано созреваат и самите корисници во користењето на овие сајтови/услуги што овозможува во поедноставување на комуникацијата – полесно се разбираат луѓето и самите интерфејси.

Кое е предвидување за веб дизајн трендовите во 2017-та, што очекуваш драстично да се промени од сегашните трендови?


Александар: Во следната година би требало да очекуваме продолжување на трендот на користење на веќе проверени модели, но со малку труд и нивно подобрување и персонализирање. Ќе продолжи трендот на долгите веб страни (one-pagers), особено корисни при мобилно пребарување, потоа фотографии и видеа во висока резолуција, со соодветна типографија и микро анимации. Благодарение на развој на веб технологијата, се повеќе ќе гледаме флексибилни дизајни испирирани од печатарската индустрија, скоро без никакви ограничувања. Интересно би требало да биде и заменување на стандарден веб сајт со Facebook страна или друга еквивалентна социјална мрежа или веб пазар (marketplace), каде соптсвеникот со минимална инвестиција добива директен начин на продажба и комуникација со корисниците.

Петар: Драстичните промени би рекол дека би се појавувале во начинот на кои комуницираме со сајтовите. Со развивање на Deep Learning Networks и појавата на ботовите, се формираше еден нов интерфејс за комуникација (да не заборавиме дека и веб дизајнот во најосновна смисла е интерфејс за комуникација). И веќе не сме ограничени на кликање копчиња и читање содржина за да пронајдеме нешто. Сега можеме преку дискусија со вештачка интелегенција да го најдеме или направиме тоа што треба. Како еден од успешните примери во оваа категорија е и македонскиот стартап Letz.

Според вас, кои се топ 3-те најдобро дизајнирани и развиени веб страници во Македонија во моментов?


Александар:

Петар:

  • reborn.mk – поради љубовта што ја внесуваат во создавањето на секоја содржина.
  • it.mk – поради објективноста, конзистентноста со години и техничкиот квалитет.
  • • Не можев да се сетам на трет сајт кој би го издвоил поради слабата навика на проверување македонски сајтови.

Дали во 2017-та година го очекувате пристапот на веб дизајнирање прво за мобилни уреди, а потоа за десктоп?


Александар: Појавата на мобилни уреди со нивните мали екрани имаше голем удел и го промени начинот на дизајнирање. Но, најважно е да се сфати дека прилагодлив дизајн не е тренд туку потреба. По веројатно е дека вашиот веб сајт ќе биде отворен на мобилен уред отколку на десктоп компјутер. Дали треба да се почне дизајнот прво за мобилен или десктоп и покрај големите дебати и подделеност не е толку важно, колку што е важно да е добро изработен и за двата типа на уреди. Технологијата оди пребрзо напред, така што тешко е сега да дефинираме еден начин на работа што ќе опстои подолго време. Најдобра опција би била, применување на искуства од минатото и следење на развојот и адаптирање на иднината.

Петар: Тоа мислам дека веќе и во 2016 се подразбираше, па воопшто не го ни спомнував. Факт е дека бројот на посети преку мобилни уреди расте и го надминува бројот на посети преку десктоп уреди. Мобилните уреди како помали имаат повеќе композициски рестрикции па мислам дека секој веб дизајнер при создавањето на содржината (би требало да) има во глава решение како содржината ќе се адаптира на мобилни уреди (освен ако не решил да искаже некој став со тоа што нема да се размислува на мобилна верзија:) Големиот број на саати поминати покрај мобилните уреди и користејќи ги апликациите, некои сајтови (како на пример Quartz.com) мобилната верзија ја имаат направено да потсетува на мобилна апликација – каде во дното има табови со икони за главните категории). Токму таквиот начин на размислување каде се надоградуваат веб сајтовите и апликациите едни со други ќе ни овозможи уште побрзо снаоѓање. За крај, морам да напоменам дека отворање веб сајтови на мобилен во денешно време сé уште не е на задоволително ниво. Најпопуларниот прелистувач Chrome е скоро идентична копија на десктоп верзијата. Отворање на линкови преку Facebook апликацијата (што е најчест случај на откривање нова содржина) е уште понепријатно искуство. И мислам дека доколку Chrome се измисли од нула за мобилен уред, а воедно и Facebook сфати дека има обврска кон своите корисници да го подобри искуството на отворање линкови, ќе се подобри и целокупното доживување на самиот веб дизајн, а веројатно ќе се отвори и врата за креирање нови видови доживувања.

Најчитани текстови на IT.mk во овој сегмент за 2016 година: