Онлајн медиуми: Во 2016-та остваривме „историски успех “, а во 2017-та ќе се разделат важните од лажните

Лажни вести (на глобално ниво, додека на локално ниво – Велес). Зборот што најдобро ќе ја опише ситуацијата со онлајн медиумите во 2016-та година. Дури и пред BuzzFeed да ја расплете приказната за е-печалбарите од Велес (исто така присутни и во Куманово, Скопје, како и во Америка, Европа, Азија…), македонската јавност, предводена од купиштата онлајн портали и медиуми во Македонија кои пласираат над 100.000 вести на месечно ниво, веќе изгради толеранција и се привикна на тоа дека онлајн медиум може да објави што сака и да биде предводен од било кој, во голем случај и анонимни луѓе. За нас, сторијата на BuzzFeed, пропратена во најголемите светски медиуми, не беше ништо ново, туку етаблирање на локалниот талент во манипулација на медиумите на светско ниво. Приказната во светски рамки особено со прошири кај американците, оние кои не очекуваа Доналд Трамп да победи на претседателските избори па бараа оправдување кај и да стигнат, а голем дел го пронајдоа во Велес.

Добрата страна од сето ова, како што пишувавме и претходно, е историскиот успех , кој несомнено ќе ги притисне Google, Facebook и останатите инволвирани легитимни ИТ гиганти да најдат начин да го решат проблемот со лажни вести и лесното ширење на каква и да е пропаганда без последици. Да појасниме, проблемот технички е лесно решлив, тешко е да се реши ситуацијата во која што преку лажните вести и Google и Facebook исто како и е-печалбарите заработуваат милиони, бидејќи профитот од кликната реклама се дели помеѓу рекламните платформи и издавачите.

Во 2017-та, година која за нас е јубилејна бидејќи IT.mk ќе го прослави својот 10-ти роденден, очекуваме големи промени во перцепцијата на луѓето за тоа што читаат и на кој медиум го читаат, промени во легислативата која барем малку ќе ограничи политичка и печалбарска агенда во медиум, ќе го крене нивото на потребниот квалитет на продуцирана содржина и ќе постави стандарди кај онлајн медиумите. На локално ниво, очекуваме и конечно брендовите и агенциите да ја разберат разликата помеѓу квантитетот и квалитетот, со што многу локални онлајн медиуми ќе добијат од колачот и ќе бидат охрабрени да објавуваат уште поквалитетни и подобри содржини. Ако таа рационализација не се случи во 2017-та, се надеваме дека моќниот Google ќе ја дозволи интеграцијата на најголемата рекламна мрежа AdSense во Македонија, со што вештачката интелигенција и автоматската дистрибуција зад AdSense ќе го постигне тоа што агенциите не можеа.

Во овој сегмент, зборуваме со Зоран Ричлиев, новинар и специјалист за дигитални медиуми, Срѓан Стојанчов, долгогодишен новинар и Мите Кузевски, дипломиран новинар и основач на VidiVaka.mk.

Лажните вести ќе бидат означени како топ тема на 2016-та, посебно за Македонија. Кое е вашето предвидување и што очекувате да се промени во врска со темава во 2017-та?


Зоран: Лажните вести во последните години беа катастрофа која чекаше да се случи. Онлајн медиумите поради леснотијата да се востановат, проблематичната примена на легислативата за авторски права имаат значително послаб интегритет и јасен идентитет во однос на традиционалните медиуми. Ако кон ова се додаде слабата медиумска писменост на публиката во однос на дигиталните платформи, тие имаат плодна почва за функционирање. Нивната цел може да биде чисто финанасиска особено кај т.н. clickbait страници кои нудат сензационалистички наслови и лажни вести, со цел што повеќе луѓе да ја посетат нивната страница, а тие да инкасираат од рекламите на Google, или пак тие се создаваат со цел промена (искривување) на јавниот дискурс. Првите често се создадени од аматери-профитери, а вторите се востановени во голем број и се финансирани од политички или економски силни структури со цел да ја искриват јавната перцепција кон одредени прашања. Рака под рака со оваа политика оди и стратегија со креирање лажни профили на социјалните мрежи преку кои се популаризира работата на овие лажни медиуми. За една страница да може да се дефинира како медиум треба да има редакција наведена во импресум и соодветна уредувачка политика. Зад лажните медиуми во суштина не постојат ниту редакции и ниту новинари, туку онлајн алатки за копирање и дисеминација на содржини. На некој начин сум благодарен на популаризацијата на лажните вести затоа што немаше друг начин публиката да се образува дека треба да го провери изворот на информациите. Тие во суштина ќе им помогнат на вистинските медиуми да го зацврстат својот идентитет и интегритет, тој да добие на важност, па и на цена. Конечно ќе се разделат важните од лажните. Сериозното новинарство е скапа работа, а од и така малата сума за онлајн рекламирање, тие имаат мал удел и се под сериозен финансиски притисок.

Срѓан: Воопшто не гледам на сајтовите со лажни вести како на топ тема. Мислам дека темата беше сериозно надуена, барем од аспект на политичкото влијание што овие сајтови го имаат. Сè додека има луѓе што веруваат дека сме владеени од луѓе-рептили, ќе се најде некој што таа приказна ќе им ја продава. Пред 20-тина години го имавме М-Експрес, сега тоа е преселено на интернет. Ако има начин тоа да се продаде и да се наплати, наредната година веројатно ќе продолжи истиот тренд. Од друга страна, ние треба да научиме како и од каде да ги читаме вестите. Само зголемувањето на медиумската писменост ќе го ограничи влијанието на овие сајтови.

Мите: Лажните вести беа една од топ темите но некако пренасилено тоа се случи кога Доналд Трамп беше избран за претседател, па наместо причината да се бара во американското општество за неговата победа се бараа различни оправдување зошто победил. Едно од тие оправдувања беа и лажните вести. Во ситуација кога комуникациската парадигма на масовните медиуми е промената, кога луѓето имаат можност да “зрачат” како медиуми и кога вниманието на луѓето е се помало, нормално е да се создадат услови за виреење на лажни вести. Луѓето најчесто сакаат да читаат вести кои ги потврдуваат нивните ставови па затоа и лажните вести се успешни денес. Најверојатно, како што и веќе најави Facebook, социјалните мрежи ќе бидат построги кон овие објави и ќе се борат против нив. Но, вистинска борба треба да почне рано уште во образовниот систем каде поради промената во комуникациските парадигми неминовно е да се воведе медиумска писменост како задолжителен предмет.

Кога зборуваме за онлајн медиуми, веќе и да не постои печатен медиум кој нема свое онлајн издание. Што очекувате да се случи со печатените медиуми во 2017-та? Колапс, или уште ќе тераат по свое?


Зоран: Во моментот сме сведоци на четвртата комуникациска револуција. Ако првата беше појавата на говорот (комуникација еден на еден), втората појавата на книгата (комуникација со одложено траење), а третата појавата на масовните медиуми (комуникација еден кон сите), четвртата е онлајн комуникацијата, т.е. комуникација сите со сите. Оваа револуција за кратко време тектонски го редефинираше начинот на кој луѓето комуницираат, но во исто време серизно ги заниша и новинарските жанрови, како и медиумските куќи. Или си онлајн или те нема, или ќе прифатиш пет пари или ќе останеш и без петте денари, е ситуацијата во која се најдоа медиумите. Печатениот формат никогаш нема да го изгуби своето значење до таму за да се изгуби. Едноставно сите жанрови се менуваат, така што дел од луѓето што читаат книги, се префрлаат кон читање магазини, а дел од луѓето што читаа весници се префрлаат кон онлајн информирање. Печатените медиуми ќе останат, но тие ќе бидат за читање, а не за дневно информирање, тој простор е зафатен од онлајн медиумите, но и на социјалните мрежи.

Срѓан: Не очекувам колапс на весниците, ни наредната, ни во годините по неа. Попрво ќе „умрат“ онлајн изданијата на весниците, отколку класичните печатени медиуми. Секако, весниците нема да можат да се надеваат на тиражите што ги постигнувале во нивните златни времиња, но очекувам да го преживеат интернетот, како што претходно ги преживеале појавата на радиото и телевизијата. Весниците веќе се менуваат и очекувам таа промена да се интензивира. Сè повеќе ќе се фокусираат на печатените изданија, додека на он-лајн изданијата бесплатно ќе пласираат само куси агенциски вести. Од содржински аспект целиот фокус ќе го стават на истражувачки и аналитички текстови и ќе мора да наметнат сопствена агенда, наместо да „трчаат“ по настаните. Ќе мора повеќе да инвестираат во создавање на содржина која никој друг ја нема и истовремено сериозно ќе ги засилат напорите за почитување на авторските права за таа содржина да може да ја продаваат, наместо некој да им ја украде и бесплатно да ја пласира.

Мите: Печатените медиуми нема да престанат да постојат во 2017. Можеби дел од нив ќе пропаднат но нема да видиме исчеснување на една медиумска форма во 2017. Оние што ќе најдат начин да се преосмислат ќе продолжат да постојат и понатаму. Тоа го прават дел од нив постојано прилагодувајќи се на новите услови.

Видео содржината е силно форсирана од друштвените медиуми… дали мислите дека овој тренд ќе опстане во 2017-та со оглед на фактот дека се навистина потешки за продукција и бараат повеќе ресурси или онлајн медиумите ќе се спротистават со пишана форма поагресивно?


Зоран: Секое чудо за три дена. Публиката, поради интензивните напади на сите сетила од модерната мултимедија станува се попасивна и мрзлива, но и тоа ќе се случи до одредена граница. Видеото не е нативна форма за компјутерите и мобилните уреди, тоа окупира премногу внимание и бара гледачот да се изолира за да може да го следи. На тој простор телевизијата неприкосновено владее. Видеата на веб секогаш ќе останат кратки и слатки, никогаш сериозни.

Срѓан: Трендот на продукција на видео содржини за друштвени мрежи ќе продолжи сè додека шумот не стане толку голем што нема да се препознаваат. Зависноста на медиумите од друштвените мрежи е веќе преголема. Медиумите постојано ја прилагодуваат формата, но, што е уште позагрижувачко, и содржината, заради поголема видливост на друштвените мрежи, но тој тренд ќе запре. Не знам дали тоа ќе се случи догодина, но неминовно ќе се случи и тоа не поради трошењето огромни ресурси, туку поради тоа што со тек на време, трчајќи по видливост, толку многу ќе се лишат од содржина, што ќе им остане само формата. Медиумите што сакаат да изградат идентитет ќе мора тоа да го прават преку содржината, макар и надвор од друштвените мрежи. Немам одговор како тоа ќе се случи, но ќе мора да најдат начин. Процесот веројатно ќе биде бавен, но не гледам друго решение.

Мите: Да, трендот на видео содржина дури мислам и ќе се засили во 2017. Видео продукцијата станува се полесна и подостапна. Веќе и имате луѓе кои се мултимедијални новинари. Па така тие можат да го напишат текстот, да снимат видео и аудио и на крај сами тоа да го претворат во завршен медиумски производ. Иако социјалните мрежи ги преферираат како содржина видеата, успехот на кратките видео вести не е само во тоа туку и во правењето на содржина соодветна на каналот за дистрибуција и пренесување на таа видео содржина онаму каде што е твојата публика. Тоа најдобро го осетивме со лансирањето на Види Вака каде што досегот до публиката ги надмина сите наши очекувања за така кратко време.

Instant Articles, AMP, видеа, AdBlock… се исто така чеда на 2016-та, но кога би зборувале за монетизација, кои се вашите предвидувања за заработката на медиумите? Дали мислите дека 2017-та ќе биде добра година за заработка или уште потешка од 2016-та?


Зоран: Можеби во 2017 видеото ќе биде главно во тој поглед, но нема да остане така и понатаму. Онлајн платформите и уредите се интерактивни по природа, а видеото не бара интерактивност туку „послушност“ и затоа мислам дека видеото на веб секогаш ќе остане на ниво на .gif. Instant Articles филозофијата е слична. Таа популариза кратки форми, а не сериозни содржини. Сè што е инстант е Instagram – полно содржини без вистинска вредност: забава од една секунда. Мислам дека иновации ќе има уште, но ниедна нема да биде суштинска. Сè уште имаме проблем со разбирањето на улогата на дигиталната комуникација и влијанието врз нашите животи, за да може да се случи нешто суштински корисно.

Мите: Со добра стратегија за добра и квалитетна содржина шансите за монетизација драстично се зголемуваат. Тука зборувам за долгорочна инвестиција, а не за заработи во моментов стратегии, како што се оние со лажните вести. Можеби класичното претплатување нема да оди во пораст иако и тоа е можно, но други начини на монетизација како спонзорирани содржини квалитетно одбработени се можност за монетизација.

Секој може да има сајт и да пласира лажни вести. Македонските медиуми, дури и оние што ги сметаме за легитимни објавуваат сè и сешто… дали предвидувате позитивни или негативни промени во 2017-та на ова поле?


Зоран: Поради финансиската состојба, македонските онлајн медиуми, во огромно мнозинство, одвај може да се квалификуваат дека се медиуми. Вистинска редакција имаат помалку од десетина, а авторските права ги почитуваат помалку од пет. Другите, за жал, се само „велешки“ сајтови со добри (и лоши) намери. Во таква ситуација, со реклама од само 100 евра може да се повлијае на уредувачката политика. Доколку зависите од Владата, а таа е најголемиот адвертајзер во државата со дискреционо право на насочување на средствата, тешко ќе се одбраните од нивните притисоци и тешко ќе пишувате против нејзините лоши политики. Затоа и се изродија толку многу „послушни“ медиуми, кои во суштина се само средства за дисеминација на содржини претходно произведени во одредени политички центри за комуникации. Во Македонија во последната декада, поради силната интервенција на државата, функционирањето на пазарните принципи на сите нивоа е речиси невозможно. За медиумот да биде добар, треба да работи за својата публика, а не за тој што го „плаќа“. Без пазар, особено онлајн пазар на реклами тоа е извонредно тешко. За квалитетнен медиум основно е тој да се финансира од независни извори, во најдобар случај, директно од публиката. Вистинскиот сопственик на медиумите е јавноста. Медиумите се јавно добро, а нивните „газди“ се само концесионери на јавниот простор кои можат да заработат врз основа на популарноста на медиумот. Овде не гледам дека има свест за тоа. Од публиката, а за жал и од новинари се среќава ставот дека последниот збор е зборот на сопственикот. Се додека е така, медиумите ќе бидат евтини. Евтини медиуми е еднакво на слаби медиуми.

Срѓан: Не очекувам никакви промени на овој план. Македонските медиуми барем наредната година ќе си продолжат како и досега.

Мите: Како што кажав претходно брзи закрпи за овој проблем можат да помогнат само краткорочно. Пред некое време еден американски медиум сподели на социјалните мрежи текст со наслов: Зошто американците не читаат повеќе. Тој текст беше споделен на социјалните мрежи од страна на неколку милиони корисници, но доколку кликнете на самиот текст ќе видите дека текстот не е ништо друго туку само наслов. Тоа беше начин да се покаже дека луѓето ќе споделат се само доколку им го погодите ставот или интересот во насловот. Затоа е нужно и неминовно медиумската писменост да се изучува во образовниот систем. Каде луѓето ќе научат да препознаваат кликоповикателен наслов од нормален наслов, каде луѓето ќе знаат да препознаат извор, ќе знаат како да проверат одредена информација или во најмала рака ќе знаат да пребараат во Google images дали некоја фотографија е навистина од тој настан или само се користи за засилување на пропогандата.

Кои три македонски медиуми највеќе ги читате и зошто?


Зоран: 1. Призма, затоа што работам таму и затоа што верувам дека правиме нешто што е над стандардите и пред времето. Истражуваме – не препишуваме.

2. НоваТВ – Затоа што се сериозна екипа, во сериозен подем со јасна цел – вистината.

3. МКД.мк – Затоа што е медиум во вистинска смисла на зборот. Професионален, информативен, едукативен и рекреативен, а егзистира по пазарни принципи во истата бара со другите „крокодили“.

Special mention за IT.mk, без лицемерие пред сè поради професионалниот и иновативен пристап кон темите, не само од сверата на информациската технологија туку и од сè што е поврзано со неа.

Иако, да бидам искрен, прво отворам Тајм.мк, но не го вбројувам во медиуми затоа што е агрегатор, одличен агрегатор.

Срѓан: НоваТВ, Призма и МИА. Првите две поради истражувачките приказни и отворањето теми кои не нужно ја следат дневната политика. Од аспект на дневно-информативни содржини, државната новинска агенција е несомнено најмоќниот медиум, со најмногу ресурси и широк дијапазон на информации.

Мите: Реборн – Затоа што произведуваат квалитетна и уникатна содржина од областа на културата што многу фали кај нас.

Мактел – Затоа што практикува еден вид на гонзо новинарство.

IT.mk – Затоа што сакам квалитетна информација од областа на технологијата

Најчитани текстови на IT.mk во овој сегмент за 2016 година: