Стартапи: Ако во 2016-та еко-системот заживеа, во 2017-та го очекуваме првиот .мк еднорог

Ако изминатите години во Македонија генерално преовладуваше лоша клима за основање на стартап, немаше пристап до инвестиции, ниту реален еко-систем и стартап ентузијастите беа гледани само како следачи на последните трендови, на крајот на 2016-та може слободно да кажеме дека ова беше годината во која сето тоа промени и година во која македонската стартап сцена заживеа. Стартапи, инкубатори, неделни настани, неформални дружења на заедницата, присуство на инвеститори, приватните како SC Ventures и државните како Фондот за иновации, гостински предавачи и лансирање на неколку свежи стартапи со голем потенцијал беа само дел од она што се случуваше изминатата година на македонската стартап сцена. Дури од многу читатели добивме реакции дека претеруваме со пренесување на стартап настаните, бидејќи се случуваа толку често и делуваше на моменти дека тие се единственото нешто за кое што пишуваме.

Во 2016-та приватен инвестициски фонд вложи 100.000 евра во целосно македонска компанија, која имплементира технологија која е последен тренд и беше изгласана за Бот на годината на Product Hunt. Со овој исчекор, SC Ventures како да внесе самодоверба на пазарот, охрабри многумина дека и во Македонија може да се најде пристап до пари кои може да делуваат како катализатор во лансирањето. Истовремено, самиот стартап Letz сега е пред огромен тест да ја оправда довербата и инвестицијата, а и да послужи како пример за целата стартап заедница. Годинава, дури и меинстрим медиумите скоро секојдневно зборуваа за стартапи, стартап настани и интервјуираа луѓе од заедницата, бидејќи 2016-та е годината во која стартап еко-системот во Македонија конечно заживеа. Дополнително, секоја недела во 2016-та стартап заедницата се дружеше благодарение на одличната иницијатива Funky Coworking Friday, а еко-системот доби една сериозна организација наречена Startup Macedonia, од која очекуваме многу во 2017-та.

2017-та е годината во која стартапите и инволвираните во еко-системот, особено оние кои што беа медиумски доминантни во 2016-та како Fueloyal, Letz, Bike Computer, Cavern Tavern, Brainster, треба да се постават како стабилни и профитабилни бизниси, кои ќе бидат дополнителна мотивација а можеби ќе послужат и како двигател на нови реформи во еко-системот.

За тоа што го одбележа овој сегмент, на страна од нашите видувања, зборуваме со серискиот претприемач и еден од најискусните ИТ претприемачи во Македонија Глигор Дачевски, и стартап ентузијастите Нина Николиќ, која со своето #StartUpSelfie сега е и автор на HuffingtonPost, и Емир Слезовиќ, човекот кој е виновен за Funky Coworking Friday.

Kои настани или новости ја одбележаа македонската стартап сцена во 2016-та?


Глигор: Startup Macedonia е најдоброто нешто што се случи на стартап сцената во Македонија минатата година. Јас сум најсреќен дека луѓе со различни профили седнуваме и разговараме за проблемите, решенијата и можностите во рамките на стартап заедницата. Делувањето на South Central Ventures и нивната прва инвестиција на македонско тло. Формирањето на Founders Institute Macedonia, стартап еко-систем со седиште во Силиконската долина – добра шанса за стартапите во Македонија, што не ја искористивме, се надевам дека во новата 2017 некој од стартапите ке ја искористи таа можност. Матурирањето на Codefest и Codeference во рамките на истиот. Започнувањето и константното одржување на Funky Coworking Friday, прекрасна иницијатива на која за жал не успеав да присуствувам.

Нина: Startup Europe Week во првата недела на февруари 2016, го стави Скопје на мапата на Европски стартап еко-системи. Огромно задоволство е да се биде организатор на настан кој за прв пат се организираше во преку 40 земји и 200 градови низ Европа. Со завршната конференција се обидовме на исто место да ги имаме сите засегнати страни (институции, заедница, поддржувачи), нешто што до тогаш се немаше случено. Преку Швајцарската програма за претприемништво (#SwissEP), македонската стартап заедница имаше можност да работи со еден од основачите на Startup Weekend – Френк Нуригат. Негова цел и мисија беа да помогне во мапирање на еко-системот и да предложи следни чекори, по две недели интензивна работа во Скопје, Тетово, Битола, Охрид. Во извештајот за MKstartups, Френк предложи формирање на асоцијација, која што од ова лето (август 2016) постои во формата на Startup Macedonia. Уште една супер-иницијатива за здружување на заедницата е Funky Coworking Firday. А како програма за стартапи која понуди сериозна содржина, меѓутоа и тимови кои се ‘doers instead of talkers’ беше пре-акселераторската програма од Seavus Incubator. Традиционално како супер tech event би го издвоила Codefest, кој оваа година беше ‘освежен’ со еднодневната Codeference, пред самиот викенд-хакатон. Три иницијативи кои стартуваа оваа година, а очекувам да видам интересни резултати во 2017 се:

1. Codepreneurs академијата од Brainster. Се надевам на пролет барем 3-4 супер стартап тимови со реални продукти.

2. Стартап Career Launch – треба да послужи млади луѓе да се мотивираат својата кариера да ја почнат во стартап.

3. Првиот Balkan ChangeMakers, работниот викенд кој се оддржа во Струга и кој успеавме да го организираме за помалку од 3 недели. Се собраа 15-тина претставници од 7 балкански земји со цел да се креира нешто кое ќе биде од корсит за зближување на овие еко-системи.

И како highlight на годината би издвоила, првата инвестиција на South Central Ventures во македонски производ – тимот на Letz кои за помалку од 3 месеци прават големи чекори кон освојување на глобалниот пазар.

Емир: 2016-та помина со многу успешни стартап настани за стартапи како: Стартап Викенд Скопје, Codefest, CareerLaunch и други. Настан кој најмногу ми остави впечаток е Demo day организиран од Seavus Incubator. На настанов учесниците во акцелераторксата програма на Seavus Incubator ги претставуваа своите идеи пред јавноста. Најмногу ме изненади фактот на големиот број на нови лица и нови тимови во македонската стартап приказна. Доста од овие тимови оставија впечаток дека напорно работат на своите идеи. Односно не се talkers, туку doers.

Втора охрабрувачка новост за македонските стартапери е првата инвестиција од venture капитал, односно од South Central Ventures во македонскиот стартап Letz.

Креаторите на игри на табла Final Frontier Games и Archona Games  ја одбележаа оваа година со нивните Kickstarter кампањи. Успехот на Small Star Empires и Cavern Tavern докажаа дека може да се успее на Kickstarter и дека македонската индустрија на игри на табла има огромен потенцијал.

Што очекуваш од .мк стартап сцената во 2017-та?


Глигор: Fueloyal. Исто така ја очекувам следната инвестиција на Фонд за иновации и технолошки развој во некој од стартапите што ги финансираа во претходните рунди, со поголема сума за продолжување на растот и излегување на странските пазари, највероватно најдобриот кандидат за тоа е EmbedSocial. Дечките стварно ја разбираат, сакаат и професионално си ја работат, и имаат сериозни шанси за меѓународен успех.

Нина: Самата убавина во стартап заедницата останува на фактот дека е прилично флуидна. Многу е важно да се потенцира дека треба да се работи здружено, поготово бидејќи сме мал пазар, со самото тоа и мал еко-систем. Следнава година сакам да видам асоцијацијата Стартап Македонија да биде “телото” кое ќе ги придвижува работите нанапред, преку активности, програми… Во 2017г. би сакала да видам барем еден стартап, позади кој ќе стои целата заедница, кој ќе успее на интернационалниот пазар. Нешто по што Македонија ќе биде препознатлива (а тоа да не се fake news).И се надевам дека веќе од следната година, многу повеќе луѓе ќе знаат што е тоа стартап, многу повеќе новинари и медиуми ќе покриваат теми како технологија, стартапи, претприемништво. Многу повеќе стартап тимови ќе се решат да сработат MVP, пред да бараат пари од инвеститори, многу повеќе успешни претприемачи ќе се решат да волонтираат по час, два неделно да менторираат млади претприемачи. Многу повеќе настани за вмрежување, соработки и партнерства… и да, дека нашата држава ќе се ‘модернизира’ во склоп со денешните потреби за водење бизнис, работење ‘онлајн’ бидејќи е 2017.

Емир: Од стартапскиот Дедо Мраз во 2017 го чекам првиот македонски еднорог. :) Сепак, најреално очекувам дека 2017-та година ќе биде година на успешен настап на неколку македонски стартапи  на глобалниот пазар. Таков случај е со Brainster, кои покрај Скопје и Струмица, очекувам приказната на Brainster да биде застапена и во некоја европска метропола. Слично како и Brainster, се надевам дека 2017-та ќе биде успешна година за понатамошно ширење надвор од Македонија за тимот на Buzz и новобрендираната Outleton – KupiOdDoma кои се веќе активни во Македонија и Србија.

Кои се според тебе, .мк стартапите кои треба да ги следиме со будно око во 2017-та и од кои имаме големи очекувања?


Глигор: 1) Solveo – Cash flow positive – од самиот почеток успешни 3 проекти за proof of concept од кои едниот е во странска компанија. За 2017 веке договорени проекти во странство. Очекувам Digital Solveo во 2017 и барем 2 клиенти од странство што го користат. 2) Letz – би требало да го искористат buzz-от што го креираа за да растат, се надевам дека стварно ќе пораснат интернационално. 3) Fueloyal – Паметното капаче е во функција, а првата инвестиција од Techstars е веќе влезена. 4) Microtica – сервисот за креирање на cloud околина и сервисот за deployment на микро-сервиси.

Нина: 1) Brainster – Време е во 2017, Brainster заедницата да освојува Европски градови. 2) Letz – 2017 година е за скалабилност и освојување глобален пазар. 3) Резервирај.мк – сакам да се изненадам во 2017 од овој тим!

Емир: Со будно око може да ги следиме 1) Fueloyal и StayUncle. Иако не се чисто македонски компании бидејќи во двете фигурираат и основачи кои не се македонци, јас лично од овие две компании имам најголеми очекувања. Fueloyal е компанија со седиште во Чикаго која го креираше паметното капаче за гориво, ICAP 1000, и спречува кражба на гориво во  индустријата за камиони. Штета која ги чини компаниите за камиони 10 милијарди долари годишно. Овој стартап каде Игор Христов е еден од основачите, влезе во акцелераторската програма на Tech stars којшто важи за еден од најдобрите акцелератори во светот. Од самата програма веќе има добиено инвестиција од 120 илјади долари. StayUncle е индиски стартап кадешто еден од трите основачи и одговорниот за маркетинг на StayUncle е Блаже Аризанов. Овој стартап e платформа преку која млади парови во Индија можат да си резервираат хотел за неколку часа, без да бидат предмет на морално малтретирање. Овој стартап го привлече вниманието на неколку светски медиуми како BBC, Business Insider, Huffington Post, а Quartz India го вброи StayUncle како еден од 50-те најдобри работи што се случија во Индија во 2016-та година.

Најчитани текстови на IT.mk во овој сегмент за 2016 година: