ИТ кариера: 2016-та ја стави индустријата на тест, 2017-та треба да ја стабилизира

„Кај вас во ИТ е поинаку“… е една од најчестите реченици кои ИТ професионалците ја слушаат во разговор со некој надвор од секторот, кој обично се жали на својата индустрија. Различното е во тоа што еден ИТ професионалец, јуниор или сениор, во моментов има голем избор пред него кога станува збор за неговата кариера – работење како фриленсер, во домашна компанија, во администрација, на свој производ/стартап, во странска компанија, или пак да прифати работа во Холандија, Германија… Различното е и во тоа кои трендови да ги следи, кои технологии да почне подетално да ги изучува и понуди, бидејќи информатичката технологија е жива материја која пребрзо се менува. Гледано на пазарот, различното е во тоа што индустријата има недостиг на квалитетен кадар и со тоа се создаваат доста интересни позиции при вработување, особено од страна на оние кои бараат или се потребни за да се заврши работата. 2016-та е годината кога ИТ индустријата во Македонија беше ставена пред комплетен тест. Промашениот политички слоган од изминатите години „Земја на информатичари“ скоро и да исчезна, а индустријата се справи со глобализацијата, фриленс работењето и доаѓањето на странските компании како Ендава кои директно ја зголемија конкуренцијата на домашните компании кога станува збор за регрутирање на потребната работна сила.

Се надеваме дека 2017-та ќе биде година во која работите во одделот на ИТ кадар барем малце ќе се стабилизираат, условите на пазарот ќе се додефинираат, системот за едукација, формален и неформален, ќе напредне и поблиску ќе ги прати трендовите, со што квантитативното продуцирање на кадар ќе го замени со квалитативно.

За овие работи дискутираме со Анче Јовановска од Семос Едукација, како и со Александар Марјановиќ од Марјановиќ Едукација, кои се дел од неформалната ИТ едукација во земјава.

Кои три работни позиции во македонската ИТ индустрија беа најбарани во 2016-та година?


Анче: Согласно барањата кои Кариерниот Центар на Семос Едукација ги добиваше од компаниите кои вработуваат IT кадри, како најбарани во изминатата 2016 би можеле да ги издвоиме: веб девелопери (.NET, Java, PHP и Android…), веб и графички дизајнери, проектни менаџери. Но она што е највпечатливо кај барањата на компаниите е дека најчесто тие имаат потреба од специфичен профил на кадри кои поседуваат комбинации на конкретни ИТ и софт вештини. Не ретко се случуваше компаниите да бараат и лица кои во своите основни знаења имаат инкорпорирано и искуство со ИТ безбедност, Cisco, SharePoint, Exchange Server, Quality Assurance, ITIL, Agile методологии, Проектен Менаџмент и сл.

Александар: Во ИТ индустријата, исто како и во секоја друга индустрија, постојат голем број работни позиции. Според разговорите кои ги имам водено со над 40 партнери на веб академијата Еверест, но и според она што и самиот можам да го заклучам набљудувајќи ги огласите за работа, најбарани позиции се програмерите и веб развивачите (девелоперите) – front-end и back-end.

Кои три работни позиции во ИТ индустријата очекувате да бидат најбарани во 2017-та година во Македонија и зошто?


Анче: Cloud администратори и девелопери (Azure, Office 365, Vmware), Data Science аналитичари, проектни менаџери, Софтвер тестери не се само професии кои ќе се бараат во 2017 туку тие се на еден начин професии на иднината кои во следните неколку години ќе бидат на “цена”. Ова се должи на се поголемата потреба на компаниите за користење на cloud сервиси со цел намалување на трошоците и големиот број на податоци во различен формат кои треба да се анализираат и интегрираат. Секако во 2017 очекуваме дека ќе продолжи трендот од минатата година и дека програмерите се тие за кои ќе има најголема побарувачка на пазарот на трудот.

Александар: Иако станува збор за динамична област, не верувам дека 2017 ќе донесе драматична промена во поглед на топ листата на барани позиции. Со оглед на тоа што во последно време се формираат голем број нови компании кои (главно) работат за клиенти од странство, очекувам главната промена да биде од квантитативна природа. Да бидам попрецизен, очекувам побарувачката од вакви кадри да биде зголемена.

На вашата академија, за кои курсеви имаше највеќе интерес во 2016-та?


Анче: Најпродавани курсеви во 2016 година во Семос Едукација беа курсевите од официјалниот Microsoft трак за MCSD (Microsoft Certified Solution Developer) пакетот кој ги вклучува курсевите:

  • 20480: Programming in HTML5 with JavaScript and CSS3
  • 20486: Developing ASP.NET 4.5 MVC Web Applications
  • 20487: Developing Windows Azure and Web Services

Како и официјалните Microsoft курсеви за SQL бази на податоци

  • 20461: Querying Microsoft SQL Server
  • 20462: Administering Microsoft SQL Server Databases

Александар: Според резултатите на анкетата која ја направивме, најголем е интересот за веб дизајн (24,3%), потоа Јаva (23,1%), Front-end (18,7%), WordPress (13,3%), Back-end (12,7%) и UX/UI (6,2%).

Неформалното образование се чини е неразделив дел од ИТ индустријата… какви промени очекувате во овој сегмент во 2017-та? Дали ќе биде задолжителен дел од едукацијата на еден ИТ професионалец или…


Анче: Да, неформалното ИТ образование е и ќе остане неразделив дел од ИТ индустријата. Причини за тоа има многу. Добра вест е тоа што формалното образование посебно техничките факултети, од каде што најчесто произлегуваат ИТ професионалците, во последните години е подигнато на повисоко ниво согласно барањата на пазарот и дава солидна основа за градење на ИТ професионалец. Но од една страна, знаејќи колку е тешко постојано да се менува системот за да се воведуваат новини, а од друга, брзиот развој на технологиите и потребата од нивно следење, неизбежно се јавува потребата од неформално образование кое ќе биде дополнување на формалното. Неформалното образование дава можност за насочување и специјализирање во одредена област и побрзо го подготвува поединецот за да се вклучи во работен процес. 2017 може нема да донесе коренити промени во неформалното образование како потреба, единствено може да се очекуваат промени во начинот на кој се спроведува наставата. И секако секој ИТ професионалец е свесен дека мора да е во чекор со технологиите и секојдневно да ги следи новите трендови за да остане конкурентен на пазарот и да одговори на очекувањата на работната позиција. Неформалното образование ќе му го овозможи тоа.

Александар: Целта на неформалното образование е надополнување на формалното и е од суштинско значење за развојот на секој што сака да стане вистински ИТ професионалец. Неформалното образование главно е фокусирано кон стекнување вештини кои ги бараат работодавачите. Поради ова, токму од поседувањето на овие вештини ќе зависи дали кандидатот ќе биде вработен или не. Со други зборови, неформалното образование е задолжително.

Во Македонија воглавно недостасува квалитетен ИТ кадар, според вас што би требало да се промени во 2017-та за Македонија навистина да стане земја на информатичари, а тоа да не се користи само како политички слоган?


Анче: За Македонија да има квалитетен ИТ кадар, потребно е да има вложување од две страни. Од една страна се компаниите кои доколку сакаат да имаат успешни тимови мора да вложуваат во едукација на вработените на сите нивоа и да овозможат градење на идни ИТ професионалци преку вклучување на јуниори во тимовите кои понатаму ќе ги градат за повисоки и поодговорни позиции. Ова е пракса кај многу компании со странски капитал или компании кои работат за странство. За жал, од страна на компаниите се уште најчести се нереалните барања за “човек за сè” и сениори со долгогодишно искуство кои секако се многу малку. Од друга страна се поединците кои треба да почнат да вложуваат во себе, да се насочуваат во одредена област, да се развиваат и специјализираат и покрај ИТ вештините да ги градат и своите тимски, менаџерски, презентациски и комуникациски вештини. Вложувањето во едукација и градењето на тимовите, се клучни за тоа Македонија да биде земја на информатичари во вистинска смисла на зборот.

Александар: Ако некогаш Индија беше синоним за квалитетна и евтина интелектуална работна сила, денес на тоа место доаѓаат земји како Романија, Бугарија, Белорусија, Србија… Добро е што Македонија се наоѓа во регионот од светот кому допрва му доаѓа времето. За да бидеме посериозно сфатени, потребно ќе биде да сериозно да поработиме не само на квантитетот туку и на квалитетот. Квалитетен ИТ кадар не се создава преку ноќ, туку со многу работа а во основа на тој процес не лежат компјутери и опрема туку добри наставници кои инспирираат и мотивираат. За да успееме да станеме земја на информатичари во вистинска смисла на зборот, потребно е да се работи и понатаму на подигањето на свеста кај младите за перспективите кои ги нуди оваа област и уривање на митовите дека програмирањето е тешко и здодевно. Што се однесува до продукцијата на кадрите, не е доволно само да се зголемуваат факултетите и уписните квоти – потребно е зголемување на наставниот кадар и негово усовршување. Но, најважно од сè, најважно е студентите да разберат една работа – за вработување не е доволно да се поседува само факултетска диплома. За да најдат работа денес потребно е да се поседуваат вештини, да се говори барем еден странски јазик и да имаат желба континуирано да учат и да се усовршуваат. Конечно, за да станеме земја на информатичари не е потребно да имаме факултет во секој град. Денес кога целиот свет е поврзан на интернет, луѓето не мораат да патуваат за да имаат пристап кон квалитетна едукација. Тоа денес е можно со студирање на далечина а токму такви студиски програми (на македонски јазик) нуди веб академијата Еверест.

Најчитани текстови на IT.mk во овој сегмент за 2016 година: