Мобилни апликации: 2016-та е година на ботовите, а за 2017-та очекуваме повеќе виртуелна реалност

Изминатава година сите истражувања и статистики потврдија дека 2016-та е година во која корисниците дополнително ја зајакнаа својата навика да не ги испуштаат своите телефони од раце. Година на селфито, на фотографирањето храна, година во која Viber, Facebook Messenger, iMessage станаа многу повеќе од обични инстант месенџери и понудија можност за плаќање, нарачки, автоматизирана комуникација и интеграција на еден куп сервиси. И несомнено, година на ботовите.

Додека индустријата се мачи со хардверскиот дел – Samsung се посрамоти со батеријата на Galaxy Note 7, Apple го понуди старото малку подотерано и спакувано во потемно издание и го отстрани џекот за слушалки, обидувајќи се да наметне нов бежичен тренд, софтверскиот дел се занимаваше воглавно со оптимизирање на перформансите, иновативни апликации, развој на вештачката интелигенција во форма на ботови и експериментирање со виртуелна реалност. Хибридни развојни околини, подобрување на сигурносната страна, воведување на енкрипција, приоретизирање на корисничкото искуство во дизајнот и слични активности кои беа поздравени од корисниците.

Од 2017-та, очекувањата во сегментот на мобилни апликации се големи. Се очекува интернет на нештата да заземе постабилна позиција, вештачката интелигенција да понуди нешто повеќе од бот кој дава предефинирани одговори внесени во база, 2017-та треба да биде година во која паметните часовници конечно ќе почнат да се користат и ќе ја оправдаат инвестицијата…

Во Македонија, на полето мобилни апликации годинава ја означија апликациите Letz.do, кои добија и инвестиција од 100.000 евра од SC Ventures, Bike Computer на Venikom, и Мој Воздух без која се чини ниту една зимска сезона неможе да помине.

Ги прашавме креаторите на овие апликации што тие мислат за 2016-та и кои се нивните очекувања од 2017-та… одговорите на Нино Карас од Letz.do, Иван Ивановски од Venikom и Горјан Јовановски во продолжение…

.

Која мобилна апликација највеќе ја користевте во 2016-та година и зошто?


Иван: Најмногу време на телефон поминував на Youtube. Секој ден последните 3-4 саати од денот ги поминувам гледајки TED говори, разни презентации, интервјуа како и рецензии на нова технологија. Голем фан сум на YouTube каналот MKBHD.

Горјан: Buienalarm, апликација која што дава точно предвидување за колку ќе врне дожд во наредните 2 часа, во интервали од 5 минути. Супер едноставно изработена апликација, и супер прецизна. Како што сите возиме точаци во Амстердам, и те како ни е потребно такво нешто.

Нино: Искрено, најпотребна ми беше некоја добра апликација за продуктивност, која навистина ќе ја користам. Се обидов со многу и сите завршија со uninstall, па од истата потреба се створи идејата позади креирањето на Letz. Од моментот кога ни стана достапна, можам да кажам дека ми е најкористена апликација во текот на денот. Да не испадне наша е па си ја фалиме, но навистина е така.На страна од Letz, најмногу користени апликации ми се Facebook Messenger и Viber chat апликациите, како и Gmail клиентот.

Развојот на мобилни апликации е доста променет споредбено со претходните години, респонзивниот веб си го постигна своето па така се повеќе луѓе очекуваат самиот сајт да има целосно функционална мобилна верзија… како ова влијае на самите апликации?


Иван: Статистиките потврдуваат дека луѓето поминуваат повеќе време на телефон отколку пред компјутер. Тоа е знак за секој бизнис дека треба да е присутен во соодветна форма и на мобиленот уред. Во зависност од самиот бизнис и неговата работа може да се разговара дали мобилна веб страна може да ја заврши целата работа или потребна му е мобилна апликација за поголемо и целосно оптимизирано корисничко искуство.

Горјан: Се поголем е бројот на корисници што сурфаат од мобилен телефон, и верувам дека денес сите очекуваме да секоја веб страна си има своја мобилна верзија. Но не верувам дека тоа ќе ги тргне корисниците од мобилните апликации. Мобилните веб страни сеуште ја немаат достигнато таа брзина, оптимизација и интеграција што ја нудат native апликациите, и верувам дека поредовните корисници на одредени сервиси, се уште би го преферирале вториод вид.

Нино: Responsive web-от веќе станува стандард бидејќи се повеќе пристапуваме на веб страниците преку нашите паметни телефони. Со самото тоа доколку даден веб сајт не е responsive може да се каже и дека не е пристаплив т.е. некорисен за пристапување од мобилен уред.Со самото ова сите оние “пасивни” апликации од информативен карактер кои имаат за цел да прикажат информации на корисниците на самиот мобилен уред кои инаку не се достапни преку истиот, сега стануваат минато и го губат значењето. Но сепак станува збор за незначителен мал процент од мобилните апликации. Самиот responsive веб служи за прилагодување на веб сајтовите кон мобилните уреди, па поради таа ограниченост неможе да ги понуди повеќето работи кои можат да се понудат со мобилна апликација. Со други зборови доколку сакате да направите некаков сервис кој навистина ќе понуди активна интеракција со корисникот или ќе извлече некакво паметно знаење во комбинација со податоците добиени од можностите понудени на самиот паметен телефон, тоа единствено може да го направите со мобилна апликација. Затоа мобилните апликации според мене не се никако загрозени од responsive вебот туку напротив заедно си го наоѓаат своето место на мобилните уреди на корисниците.

Каде очекувате мобилните апликации да се развиваат во 2017-та? Имплементација на виртуелна или проширена реалност или некои други правци…


Иван: Сите трендови го предвидуваат ова и сигурно дека ке има доста нови сервиси од овој тип следната година. Очекувам доста ботови, апликации со локациски сервиси и доста апликации во кои акцент ке биде даден на вештачката интелегенција.

Горјан: Виртуелната реалност е голема тема, но може е сепак прерано според мене. Треба да стане достапна за поголемиот дел од луѓето, како гејминг платформа ако не и повеќе. Верувам дека ќе гледаме се повеќе апликации со отворени податоци, бидејќи има се поголем број на сервиси (владини и невладини) што нудат информации кои порано биле недостапни или во неструктуриран формат. Но главната тема што мислам дека ќе биде хит во 2017 е machine learning и AI апликации. Сега ги видовме почетоците, а натаму може само експоненцијално да растат.

Нино: На најголемите светски портали овој месец имаше доста статии за официјалното прогласување на 2016 како година на ботовите. Не се сомневам дека овој тренд ќе продолжи и следната година. Очекувам дека фокусот се повеќе ќе биде на вештачката интелигенција и нејзина примена во entertainment мобилните апликации.

Монетаризирање преку мобилни апликации, купување преку месенџери? Дали мислите дека ова ќе прерасне во тренд во 2017-та?


Иван: Сигурен сум дека купувањето преку мобилни апликации ќе се зголеми бидејки трендот на раст го прикажува тоа… Но, се уште не сум купил нешто преку месенџер. Интересни се овие ботови бидејќи може да ги го скратат потребното време, ако знаеш точно што сакаш да купиш или да го олеснат процесот на купување на ситни работи како цвеќе, пица и слично.

Горјан: Секако, плаќањето треба да е што полесен и побезболен процес. За жал тоа иде многу тешко на Балканот, каде што ни светски познати стартапи како Revolut не успеаа да опстанат. Но со спората но сигурна дигитализација на банкарскиот систем, ќе се направат услови за да просперира fintech и на нашиве простори.

Нино: Во светски размери навистина го очекувам тоа. Сепак во Македонија мислам дека скептицизмот е доста влијателен кога станува збор за вакви примени, но сметам дека полека ќе почне да се менува и локалното мислење и примена на тоа поле.

Најчитани текстови на IT.mk во овој сегмент за 2016 година: