Друштвени медиуми: Видеата во живо се тука за да останат

Друштвените медиуми добиваат сè поголема популарност веќе неколку години по ред и се едни од првите платформи на кои секој од нас се логира секое утро. Сепак, 2016-та ги надмина сите очекувања поради зголемениот број на корисници и начинот на кој друштвените медиуми беа искористени. Годинава имавме неколку клучни моменти.

Иако Periscope ги најави видеата во живо уште во 2015, својот пик тие го добија во 2016 откако беа претставени и од Facebook како лесен и ефективен начин за интеракција на брендовите со своите корисници. А и прес конференциите на политичките партии кои ги следевме во живо, заедно со нивните митинзи во предизборната кампања само ни го потврдија трендот. Дефинитивно видеата во живо допрва ќе ги прошируваат своите можности и ќе продолжат да нè импресионираат и во 2017, но очекувањата одат во насока на креативно и паметно искористување на оваа функционалност од страна на агенциите и компаниите, иако нивото за прифатлив квалитет на продукцијата опаѓа со секоја помлада генерација што доаѓа, бидејќи нивната перцепција за конзумирање на видео и каков формат на видео е прифатлив доаѓа во време на видео продуцирано на мобилни, во вертикален формат и со ниска резолуција е хит. За разлика од нив, на постарите генерации им е потребен претходно осмислен и обработен формат на видео во висока резолуција. Како овој генерациски јаз ќе биде решен од страна на големите играчи, останува да видиме во годината што претстои.

Во 2016 го забележавме и сè поголемиот фокус на мобилното корисничко искуство. Потврда за тоа се Instagram и Snapchat кои може да се користат само преку мобилни уреди, како и одредени функционалности кај некои медиуми кои се достапни само на мобилните апликации. Дефинитивно очекуваме овој тренд да продолжи со уште позасилено темпо и во 2017, паралелно со зголемување на бројот на корисниците на мобилни уреди и на мобилниот интернет. Тоа ќе продолжи да го обликува начинот на кој постоечките и новите друштвени медиуми ќе се развиваат.

Во 2016 се запознавме и со содржината која исчезнува. Кошмарот на секоја маркетинг агенција која работи во овој сегмент. Прво Snapchat, а потоа и Instagram отворија мал милион можности за раскажување на оригинални приказни од страна на брендовите со нивните Stories. Во Македонија овој тренд е сè уште на својот почеток, но очекуваме 2017 да биде година на креативно размислување и кај агенциите и кај компаниите за да се искористи максимално раскажувањето приказни преку содржина која ја снемува, а со тоа и да се задржи вниманието и интересот кај корисниците.

Рекламирањето преку друштвените медиуми секако е тренд кој нема да запре во скоро време. Но, дали може да се очекува скоро целосна интеграција на онлајн рекламирањето со онлајн купувањето преку друштвените медиуми, ќе ни раскаже 2017-та.

Дефинитивно 2016 беше година на пресврти во користењето на друштвените медиуми. Една од најинтересните за нас се лажните вести и Велес, но таа тема ја спакувавме во сегментот за онлајн медиуми како посоодветен сегмент за нејзино дискутирање. :)

За предизвиците со кои се соочија македонските корисници и агенции, како и за предизвиците кои следат во 2017, разговаравме со Дарко Булдиоски, основач на NewMediaMK, Митко Цабевски, ко-основач и CMO на u:Plug, и со Ива Дујак, менаџер за дигитални операции во Brand Union.

Кој друштвен медиум најмногу го користевте, а кој најмалку во 2016-та и која е причината за тоа?


Дарко: На приватен или професионален план? Одговорот (за жал) во некои поопшти рамки е ист, Facebook. Велам за жал затоа што од една страна овој медиум најмногу успеа да се менува и да ја задржи актуелноста а од друга страна ниту еден нов не успеа ни малку да ја помрдне локалната публика. Тука може да се отстапи малку повеќе место за Instagram но и тој е дел од големото Facebook семејство. На индивидуален план Messenger, повторно на Facebook, презеде сериозно голем дел од времето кое го поминувам на мојот паметен телефон. Најмалку користен, споредено со минатите години, Twitter.

Митко: 2016-та беше чудна година. Поголем дел од годината секојдневно го користев SnapChat и беше прилично забавно да се набљудува како добива моментум кај мејнстрим корисниците во регионов. Но, во моментот кога Instagram ги “ископира” повеќето од идеите на SnapChat тој моментум наеднаш како да прекина. Едноставно поради нетворк ефектот во нашиов регион, Instagram продолжи да биде топ социјален медиум.

Ива: Oчекувано, Facebook сè уште е на прво место. Колку и да сакаме да се отргнеме од него, сè уште е многу тешко да се најде замена која ќе ги покрие сите можности кои ги нуди Facebook и ќе има толкава, активна публика на едно место. Најмалку време поминавме на Snapchat иако верувам дека тоа ќе се промени веќе следната година.

Видео продукција и видео во живо некако се форсираа годинава.. според вас, дали овој тренд ќе продолжи или да очекуваме пад во 2017-та?


Дарко: Допрва доаѓа овој тренд. 2016 ќе му дојде како подготвителна фаза, сега видеото во живо очекувам да влезе во годишните стратегии и да претставува нов предизвик, особено за глобалните брендови. Локално, не верувам дека премногу ќе се менува, ќе се адаптираат нови механики кои вклучуваат видео во живо, но тешко дека некој бренд ќе има доволно сила за некоја посериозна продукција.

Митко: Дефинитивно продолжува. Видеото само започна да го достигнува својот вистински потенцијал. Посебно лајв стриминг. Во 2017 очекувам се повеќе брендови, бизниси и корисници да го користат како еден од главните медиуми за комуникација. Ако во минатото видеото беше ограничено поради технички и психолошки бариери, денешните млади луѓе апсолутно не чувствуваат никаква бариера кон камерата. Еден клик на мобилниот и вие креирате содржина за илјадници луѓе во живо. Видео филтери кои го менуваат реалниот свет, интерактивни стикери, PPW видео, проширена видео реалност, ќе бидат мејнстрим во 2017. Исто така очекувам многу нови и креативни видео содржини кои постојано ќе го редефинираат видеото како медиум за комуникација.

Ива: Дефинитивно ќе продолжи и ќе се развива, особено во поглед на поголема персонализација и интеракција со гледачот. Кампањите базирани на видео содржина кои годинава ги спроведовме во Brand Union се покажаа како многу успешни во пренесувањето на пораките на клиентите, без разлика дали стануваше збор за претходно снимено видео или live stream. Можеме да очекуваме и зголемена улога на видеото во адвертајзинг делот, така што видео продукцијата веќе полека станува неопходен дел на community management-от.

Од кој друштвен медиум имате најголеми очекувања во 2017-та во поглед на негова експанзија во Македонија?


Дарко: Instagram. Не е мал ни сега, ама очекувам да расте уште повеќе, да се приближи многу до она што денес е Facebook за повеќето брендови. Големи ќе бидат и чет апликациите, пред сè Messenger но не очекувам големи поместувања на ова поле кај активностите на брендовите. Пред се мислам на чет ботови и сл.

Митко: Македонија заглави на Facebook и на Instagram. Иако видовме некои промени и користење на нови социјални медимуми, сепак мејнстримот во Македонија остана инертен на новите трендови. Во 2017 очекувам Instagram да продолжи да расте, посебно поради новите функционалности кои постојано ги додаваат. Она што може да биде интересно за Македонија во 2017 се месинџер апликациите како нови социјални медиуми. Глобалните трендови (посебно ако пратиме што се случува во Кина) покажуваат дека месинџер апликациите стануваат новите социјални медиуми. Место каде што луѓето комуницираат, го споделуваат својот ден, купуваат, продаваат, комуницраат со брендови, практично се на едно место. Ботовите ќе имаат исто така голема улога затоа што ги заменуваат веб сајтовите и целата комуникација станува конверзационална. Доколку овој тренд се прифати во Македонија тоа ќе биде првенствено поради огромната употреба на Facebook Messenger и Viber. Нема потреба да се симнуваат нови апликации, нетворк ефектот е огромен а со тоа и бариерата е многу мала. Прашање е само на време кога Viber ќе додаде “stories” и ќе стане топ социјална мрежа во Mакедонија. :)

Ива: Првата помисла е да кажам Snapchat најмногу поради нивните мистериозни најави од типот на видео адвертајзинг платформи, меѓутоа следејќи го влезот на останатите социјални мрежи во Македонија во изминатите шест години, морам да оставам простор за нивно позиционирање на светско и регионално ниво пред да станат хит во Македонија. Кај нас, барем во однос на комуникацијата на брендовите очекувам најголем развој на Instagram, како и значително подобрување на содржината која се пласира на Facebook.

Содржина што ја снемува кратко по објавување… ќе опстане или не? Ако мислите дека ќе опстои, која е формулата за да се снајдат бизнисите во нејзино продуцирање?


Дарко: Нема да замине, но можностите вистински да се задржи вниманието кон брендовите кај младите корисници на овој тип содржина и понатаму ќе остане тешко а со тоа и малку оправдано за скапи инвестиции. Верувам дека Snapchat нема да има позитивен тренд на сметка на Instagram но и двата ќе се користат како дополнителен канал преку кој од време на време ќе се споделуваат одредени содржини кои нема потреба да живеат вечно во тој обем на тајмлајните на брендовите.

Митко: Соджините што ги снемува очекувам да бидат многу популарни и во 2017. Реално овој шифт од традиционални социјални медиуми на новите социјални медиуми каде што содржините исчезнуваат предизвикува огромни промени и во маркетингот. Едноставно поминува времето на банери, кликови, и лајкови. Бизнисите и маркетинг агенциите ќе мора да размислуваат драстично поинаку и да бидат многу иновативни. Интерактивни содржини специјално креирани за новите платформи, ботови, контекстуални реклами, мешана реалност…итн, ќе бидат содржините на успешните брендови. Ако еден Google полека ја губи моќта поради тоа што комуникацијата и содржините се префрлаат на затворени платформи, и веќе размислува за нов пребарувач, брендовите ќе мора да бидат дел од “екипата”. Дел од разговорот. “Пријател” кој точно знае кога и каде да се вклучи во разговорот со контекстуална понуда и содржина. Dark Social комплетно ке го редефинира начинот на кој брендовите ги рекламираат своите производи и сервиси.

Ива: Верувам дека се тука да останат, бидејќи само што почнаа да земаат залет кај нас :) Формулата за успех на прв поглед е едноставна, меѓутоа во реалноста малку потешка за спроведување, тоа е флексибилност во комуникацијата на бизнисите. Брза реакција, адаптирање на пораките во рамките на самиот механизам и пред сè отфрлање на предрасудите дека тоа е нешто што го користат само деца, се добра почетна точка за освојување на овој сегмент од онлајн комуникацијата.

Најчитани текстови на IT.mk во овој сегмент за 2016 година: