Македонци, со цел печалка, повторно лидери во ширењето дезинформации за Трамп

Image Courtesy of DonaldJTrump.com

Тешко дека некој веруваше дека на помалку од пет дена до претседателските избори во САД, Македонија ќе биде барем малку во фокусот на американските медиуми. Сепак истите портали од кампањата за кандидатурата на Трамп во Републиканската партија, повторно се актуелни.

world-politicus

Над 100 веб-страници кои изразуваат поддршка за Трамп „оперираат“ од Македонија, поточно од Велес, јави популарниот портал BuzzFeed. Насловите често не само што се лажни наслови кои ги наведуваат корисниците да кликнат туку и вестите немаат никаков допир со реалноста и многу од нив се дури и лошо преведени. На крајот на август Guardian јави дека овој број е над 150, што за град со околу 44.000 жители е импресивна бројка.

Еден ваков сајт е Worldpoliticus.com регистриран во OMNIS NETWORK LLC, а сопственикот според Buzzfeed е малолетник од Велес. Последниот „хит“ на страницата е веста дека Хилари Клинтон ја финансира ИСИС, а насловот вели „Вашите молитви се услишени“. За волја на вистината, најголем дел од вестите доаѓаат од други страници од САД, до кој страниците од Велес референцираат.

IT.mk се обиде да стапи во контакт со сопственикот на страницата, но до објавување на веста нема одговор.

Целта е заработка, а не пропаганда и поддршка

Главен „мотор“ на овие страници се заработката од AdSense, Ad.Content, RevContent кои добиваат интернет сообраќај преку активно и масовно ангажирање на профили на Facebook и други друштвени мрежи. USA Newsflash е портал коj има милиони прегледи, а Facebook страницата пред затворање имаше над 400.000 следбеници. Со оглед на тоа дека друштвената мрежа има речиси 2 милијарди корисници, бројката не е премногу голема, но станува збор за страница која објавува лажни вести и која со помош на Facebook Ads инвестиции донесува лајкови и посети на сајтот.

facebook-pages-trump

Image: archives.org

Во интервју зa Meta.mk сопствениците на веб-страниците од Велес, објаснија дека заработуваат единствено од рекламите на Google. Истиот податок го потврди и BuzzFeed.

„Во Македонија економијата е многу лоша. Тинејџерите не смеат да работат. Јас сум музичар но немам пари за музичка опрема. Во Македонија со малечка веб-страница може да си дозволите многу работи.“

Во трка за заработка и посети, многумина се обидоа да креираат и про-Берни страници, но и страници за останатите кандидати. Сепак Доналд Трамп е далеку најинтересен и контраверзен. Пред да ги обвините поддржувачите на г.Трамп, треба да разберете дека целта на овие млади луѓе не е политичка, туку економска. За голем дел од нив, политиката е игра во која воопшто и не се разбираат, особено меѓународната, но се доволно свесни да разберат дека во Америка, која е примарен и најскапо платен пазар за реклами, овие теми се сега актуелни.

„Да, податоците се лоши, лажни и потполно наведуваат, но луѓето ќе ги отворат линковите и ќе се ангажираат.“, вели анонимен студент од Велес за BuzzFeed.

Дури и страниците кои се про-Хилари секако имаат поголема посетеност, поради изборите. Но г.Трамп очигледно е најинтересен кога кликовите се во прашање и тоа не само за неговите поддржувачи.

abe-lincoln

Општо познато е дека голем број на претежно млади луѓе, особено во Куманово и Велес, имаат развиено поголеми мрежи на сајтови за здрава храна, политика и други актуелни теми на кои регрутираат посети преку Facebook и други канали, претежно таргет се американски посетители, кои имаат навика да кликаат на рекламите. Од ова, има некои лица кои со години работат и заработуваат доста високи приходи. А секако, во трка со приходот и поттикнати од оние кои легитимно заработуваат преку овие канали, има и луѓе кои не познаваат никакви граници и користат секакви алатки, дозволени и недозволени за да ја остварат својата цел. Претежно, Google и останатите платформи за рекламирање брзо ги санкционираат таквите.

Шемата за објава на вакви сајтови е регистрирање на домен, сетирање на темплејт, аплицирање на AdSense и полнење на сајтот со дел преведени, дел авторски, дел украдени новости од секаде низ интернет и нивно споделување на друштвените профили. Огромен број од овие сајтови немаат никакви етички граници или пак воопшто не почитуваат новинарски или блогерски пракси, ниту пак авторски права, но тоа не ги спречува да заработуваат.

Од неодамна, Facebook, како најголема алатка во овие пракси, е во битка со ваквите сајтови и се очекуваат значајни промени во алгоритмот, но како што ќе се намалуваат ваквите сајтови, заради чаршиските муабети дека многу луѓе прават пари од интернет и недоволно познавање на материјата, ќе профитираат новите шеми како Kairos Planet и OneCoin, кои не се ништо повеќе од добро организирани пирамидални шеми.

4 коментари на “Македонци, со цел печалка, повторно лидери во ширењето дезинформации за Трамп

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии