Иако развивањето македонски игри сѐ уште е во почетните фази, полека почнува да се забележува понуда од квалитетни игри со кои може да се пофали и нашата држава. Поголемиот дел од македонските тимови, спартански се соочуваат со сè што ќе им биде фрлено и произлегуваат како ултимативни победници, со игри кои се вдомуваат во компјутери или телефони на илјадници луѓе и пружаат уникатна и незаборавна забава.

Ова се нашите десет најдобри македонски игри:

10. Sonder., од КАМАј МЕДИА

Sonder. е игра која почна на одличен начин. КАМАј МЕДИА ја објави првата епизода како дел од раниот пристап на Steam и, иако, играта покажуваше одредени недостатоци, сепак зрачеше со огромна уникатност и беше една од најпријатните изненадувања во 2017 година. Замислена како приказна без главни ликови, Sonder. ветуваше зачеток на преубава дигитална одисеја и потенцијал кој допрва требаше да се оплеменува. Преостанатите епизоди требаше да излезат во наредните месеци, со паралелна работа на гејмплеј механиките. Што и како се случи, не знаеме, но останатите епизоди на Sonder. никако да пристигнат. И покрај ова, првата епизода на Sonder. едноставно мораше да се најде на нашата листа. И како незавршена авантура, првата епизода нуди имерзивно искуство од огромни пропорции и сведочи за огромната љубов и посвета на КАМАј МЕДИА.

9. Galaxy Wars, од Јован Јовановски

Galaxy Wars е бесплатна Android видеоигра од Јован Јовановски. Како што наговестува и името, станува збор за вселенска игра која можеби помалку потсетува на современа верзија на Asteroids. Играчот управува вселенски брод, а на крајот на секоја мисија може да го надгради за во иднина да може полесно да се справи со непријателите. Освен вообичаените напријатели има и неколку „boss“ нивоа. Galaxy Wars има 60 нивоа во кои играчот ќе се справи со над 15 различни типови на непријатели.

8. Logic Booster, од Brain Games – Mind Games

Logic Booster е македонска Android видеоигра креирана од Славко Здравевски и Петар Рајчиновски. Дел од играта се сложувалки, игри за меморија, математички предизвици. Но, има и трик прашања, кои се повеќе насочени за забава. Играта е и помалку едукативна со оглед на тоа дека во дел од игрите има скриено знаење. Пример, треба да ги научите знамињата на некои држави за да поминете дел од загатките. Играта пред сè е наменета за најмладите, но и повозрасните може да ја искористат за да ги проверат своите интелектуални способности.

7. SlimeBrawl, од Koloss Kolektiv

SlimeBrawl е еден-против-сите „brawler“, а може да ја играат помеѓу 2 и 4 играчи. Slimebrawl е брза игра, во која учесниците се натпреваруваат кој ќе собере повеќе течност (slime). Интересно е што течноста која ја собирате всушност се хит-поените на играчите, секој пат кога еден играч удира друг, од него избива дел кој може да го собере. Оваа течност може да си ја собере и оригиналниот играч и да си ги врати загубените хитпоени. Има неколку различни стази на кои може да се натпреваруваате со пријателите, а секоја од стазите е со елементи кои се уништуваат, па криењето не помага. Партиите траат 90 секунди, победник е најдобриот играч по 5 изиграни рунди.

6. Raining Blobs, од Енди Милојкоски

Ако Raining Blobs има една работа за извоз, тоа е релаксација во најсуптилна можна форма. Како прва македонска игра на Steam,  Raining Blobs успева да ги импресионира играчите со адреналинско совпаѓање на блокови во најразлични бои и да ве впушта во ко-оп мечови со уште седум други играчи. Играта е критички признаена од видни сајтови, а ви стои на располагање, не само на Steam, туку и преку Itch.ioXboxXbox One, и Google Play. Брзата, адреналинска и шаренолика забава се чини загарантирана независно од вашата омилена платформа.

5. Excubitor, од Tesseract Interactive

На времето, кога поразговаравме со Tesseract Interactive, студиото нѝ ја опиша Excubitor како: „Sci-Fi игра од трето лице, со интензивна акција, забавен и едноставен гејмплеј, изработена со примамлив визуелен стил. Погодна е за сите денешни играчи, како и љубителите на постарите аркадни игри, не бара премногу вештина за привикнување на контролите, но може да понуди предизвик и за ентузијастите. Excubitor е независна игра која е достапна за релативно ниска цена, а сепак нуди часови забава“. Нема поголема вистина од ова. Tesseract Interactive успеа да го и привлече будното око на GameSpot и да ги убеди дека е одлична акциона игра која мајсторски комбинира два различни жанрови во еден одличен нов вкус. Gaming Nexus се изјасни дека Excubitor би можела да биде игра за сите оние кои се по tower-defense игри и бараат одреден предизвик, а Gaming Respawn признаа дека насловот изгледа и звучи одлично, како и дека се одликува со огромна разноликост и со висока вредност на преигрување. Сево ова држи вода и од срце ви препорачуваме да навлезете во вашиот брод, да го надградите до бесвест, да ги поставите кулите и да се втурнете во целосна деструкција на навидум непресушните непријателски бранови.

4. Odium to the Core, од Dark-1

Maкедонската игра на Dark-1 ќе успее да ве исфрустрира до точка на еуфорично скубење коса и плачење за кое не сте сигурни дали е од радост или мака. Odium to the Core е заснована на едноставен концепт кој е тежок за совладување, но нуди исклучително огромна забава, особено откако ќе се соочите со креативно осмислените босови. Odium to the Core, како што објаснивме во нашата рецензија, е олицетворение на едноставноста, но едноставност која е макотрпно преточена во едно исклучително преубаво и стимулативно искуство, добитна формула која е способна да предизвика спектар од комплексни емоции и одлична забава во кратки дози. Да кажеме дека навистина уживавме во играта би било потценување од епски пропорции.

3. Echoes World, од Maximus Ludos Studios

Преубавата игра на Maximus Ludos Studios се наметнува како наслов кој на уникатен начин вклопува добро познати активности со бои и меморија и допринесува до интерактивно стимулирање на сетилата. Како резултат, играчите работат кон зголемување на фокусот, како и подобрување на вештините за геометрија и архитектура. Играта беше топло прифатена од iOS корисниците од целиот свет, до таа мера да Echoes World во еден момент се најде на 1 место за најпродавана игра во Хрватска, Бугарија и Македонија, а и на топ 10 место во Холандија. Атмосферата за тоа како се има оформено студиото и како се движел креативниот процес нѝ беше дарежливо пренесен од еден од членовите на студиото, Иво Јаневски.

2. Frantics, од Nap Nok Games

Станува збор за „party“-игра која на четири играчи ќе им овозможи забава преку различни мини игри. Ѕвезда на играта е лошата лисица, која е тука да го зголеми ривалството. Frantics е игра која е наменета за сите, без разлика дали се љубители на видеоигри или не. Играта е компетитивна, но не се потребни специфични вештини да ја играте, па ќе биде одлична на забавите. Играта е составена од 15 мини игри, плус дополнителни предизвици на лошата лисица. Сите игри се предизвик за рефлексите и за прецизноста на играчите, во кои ќе треба да бидете подобри од пријателите. Изборот не недостасува, па секој учесник ќе може да избере некое од 12-те пресмешни животинчиња.

1. Wounded, од Workbench Entertainment

Wounded гарантира квалитетно хорор искуство кое има за цел да ве запознае со комплексните форми на стравот, да ве зграпчи за ракавите и да ви шепоти налудничаво сѐ додека не почнете сериозно да го преиспитувате вашиот разум. Таквиот резултат, меѓутоа, македонското студио Workbench Entertainment не го постигнува со неочекувани напади распространети низ светот на Wounded, туку со градење тензии, формулирање страв од непознатото, и кокетирање со широк спектар од фобии. Ваков впечаток нѝ остави трејлерот, а со уште подобар се здобивме при нашето тестирање. Потрпеливите љубители на хорор жанрот ќе наидат на квалитетно остварување кое комотно може да стои рамо до рамо со Outlast, не како копија, туку како самостојно, длабоко вознемирувачко остварување кое дели една иста појдовна точка.

Која е вашата омилена македонска игра? Кажете нѝ во коментарите или на социјалните мрежи!

2 коментари на “Десет најдобри македонски игри

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии