Интервју со македонското студио Workbench Entertainment и нивната игра Wounded

Wounded е  хорор игра на македонското инди студио, Workbench Entertainment. Играта излезе на 28 февруари и за брзо време успеа да ги импресионира хорор фановите и да собере претежно позитивни рецензии. Со огромно уживање и тон страв, и самите ја проверивме играта и, по три дена криење од вистинскиот свет и игнорирање на гласовите во главата, решивме да се осмелиме да ги контактираме Workbench Entertainment и да ги замолиме да нѝ одговорат на неколку прашања.

Ова е нивната приказна.

За Workbench Entertainment:

На кратко за Workbench Entertainment, од кого е составен тимот, колку време постои, каде е седиштето и дали сте работеле на претходни проекти (игри или слично на тоа).

Workbench Entertainment е инди студио основано од Бојан Веселиновиќ, Тимоти Глигоров и Васко Атанасовски. Постои веќе 3 години официјално. Моментално немаме студио, а нашиот прв проект е хорор игра во прво лице со име “Wounded”.

Колку е тешко да се биде развивач на игри во Македонија?

Па не би сакале да се жалиме, но вистината е дека е доста тешко. Свеста за овие работи е минимална во нашата држава и ретко кој не поддржува во тоа што го правиме. Повеќето не ни разбираат што е развивање на видео игри.

Кои се најдобрите моменти поврзани со професијата?

Па како и сите други групни активности, дружбата и времето поминато заедно и се разбира самото чувство од после толку многу часови поминати на игри, да направиш и нешто твое што други би го играле.

Која е вашата омилена хорор книга, филм и игра?

Хорор книги конкретно немаме толку читано. Од филмови имаме скоро сѐ изгледано ама немаме баш омилен, а за игра дефинитивно “Outlast” i DLC-to “Whistleblower”

За Wounded:

На кратко за Wounded, зошто би ја играле? :)

Факт е дека Wounded не е игра за секого. Доколку сте љубител на хорор игри кои што се потпираат на атмосферата и приказната наместо на jumpscares за да создадат чувство на страв кај играчот, тогаш дефинитивно треба да ја играте. Ако сте нетрпелив играч кој само сака да ја истрча целата игра тогаш не ви ја препорачуваме Wounded.

Од каде интересот за ваква игра? Колку време работите на неа?

Идејата дојде за време на една вечер кога бевме собрани цело друштво и игравме инди хорор игри. Си поминавме баш добро, па се решивме да пробаме и ние да создадеме нешто такво. Од краток и мал проект испадна ова што е денес.

Wounded е напојувана од Unity, зошто се одлучивте за овој енџин и колку сте задоволни од неговата флексибилност?

Овој енџин беше одбран потполно по случајност. Се двоумевме помеѓу Unity и Unreal ама сепак Unity победи. Енџинот има доста многу потенцијал, ако правилно е искористен. Еден од најголемите митови е дека не може да извади добра графика во Unity, ама мислам дека ние тотално го променивме тоа мислење на многу луѓе.

Со кои елементи од играта највеќе се гордеете, а на што би сакале повеќе да посветите внимание?

Највеќе се гордееме со тоа што како прво имаме наша игра што е на Steam, а уште повеќе што целиот проект е направен со буквално 0 буџет, иако многу не веруваат и велат дека воопшто не им изгледа така. Како најдобри елементи можеме да ги издвоиме левел дизајнот и аудиото. Сметаме дека би требало да посветиме повеќе внимание на Story Telling и анимациите.

Кој е најпроблематичниот или, можеби, најсмешниот баг кој ви одземал најмногу време и ресурси за исправање?

Не е баш баг ама најтешко за исправање беше кога поради Google Drive изгубивме едно неделен прогрес поради грешка која се јави додека правевме sync на проектот. За најсмешен баг дефинитивно би бил кога се spawnaa повеќе AI’s и почнаа да се бркаат сами меѓу себе во мотелот.

Локациите во Wounded се апсолутно феноменални и, во комбинација со звучната подлога, допринесуваат до исклучително вознемирувачка атмосфера. Дали би можеле да ни кажете нешто повеќе за креативниот процес зад ваквата фузија?

Повеќето од локациите се правени комплетно “freestyle”. Инспирацијата ја црпевме сами од себе. Не би можеле подетално да ви го објасниме креативниот процес бидејки нема некоја филозофија. Не правевме никаков whiteboxing и план пред да почнеме да ги создаваме левелите, едноставно почнавме и испадна тоа што е сега во играта.

Wounded веќе доби интересно надополнување со “Lights Off”. Колку често планирате да ги изненадувате фановите во иднина? Дали можеме да очекуваме нови механики и елементи и понатаму?

Напорно работиме и пуштаме апдејти кои содржат исправки на одредени багови, но и додавање нов контент. Планираме уште неколку апдејти во блиска иднина, вклучувајки и еден поголем каде што ќе додадеме и нови сцени.

Дали планирате јазична локализација на македонски или некој друг јазик?

Играта веќе содржи македонски превод, а за voice act-ot да биде преведен, односно синхронизиран би било преголема компликација. За жал од тој аспект сѐ ќе остане како што е моментално.

Дали моменталната верзија на Wounded премногу се разликува од вашите првични планови и има ли одредени механики кои навистина сакавте да ги имплементирате, но на крајот решивте да одите со нешто поразлично?

Моменталната верзија на Wounded дефинитивно се разликува од нашите првични планови. Не планиравме ни самите дека играта ќе изгледа така како што изгледа моментално. Сакавме да има механика каде што ќе можеш да ѕиркаш низ шкафовите во кои што се криеш, но на крај се решивме дека можеби вака ќе биде пострашно. Испадна дека бевме во право.

Ќе излезе ли Wounded за некоја друга платформа? Wounded VR звучи феноменално, дали би се сложиле?

Планираме во блиска иднина да ја пуштиме за Linux, а понатаму сакаме да ја донесеме и на конзоли. Се разбира и доколку би имале финансии би сакале да ја извадиме и за VR во иднина.

Неколку дена како Wounded се наоѓа на Steam, како сте задоволни од продажбата и реакциите на фановите?

Сега за сега сме задоволни од продажбата. На почетокот имавме само некој мал бран од негативни коментари. Некои од нив беа оправдани, но некои беа тотално без смисла. Пример имавме два или три негативни reviews напишани на кинески и кога ги преведовме испадна дека не биле задоволни бидејќи играта нема кинески превод, иако никаде не беше наведено дека има. Освен овие неколку работи, задоволни сме од останатите реакции. Има голем број позитивни коментари.

Со оглед на тоа дека играта се најде на пиратските сајтови уште на самиот почеток, дали ве загрижува таквото нешто?

Воопшто не. Малку бевме изненадени дека играта беше кракната уште во првите два часа од издавање и тоа од највештата група, но немаме ништо против тоа.

Кои се вашите идни планови? Дали веќе размислувате за работа на некоја игра? Надвор од хорор жанрот, во кои води би можеле да запливате?

Имаме повеќе планови за понатамошни проекти, но уште немаме одлучено кој точно ќе биде следниот. Најверојатно ќе биде тотално различен жанр.

Совет за девелоперите на игри во Македонија?

Никогаш не се откажувајте и не губете мотив доколку немате буџет и поддршка од локалните спонзори или кој и да е. Со напорна работа и труд може да се постигне буквално сѐ.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии