Рецензија на македонската игра Odium to the Core

Едноставна комплексност

Окото патува. Набљудува и избегнува. Препреките ја менуваат формата, се претопуваат во комплексни механизми и тврдоглаво одбиваат слободен премин од една до друга точка. Окото го знае ова, но сепак продолжува. Добредојдовте во Odium to the Core, македонската игра на Dark-1 која ќе успее да ве исфрустрира до точка на еуфорично скубење коса и плачење за кое не сте сигурни дали е од радост или мака.

Губењето никогаш не било позабавно, а во Odium to the Core ќе губите многу. Причината за таквото нешто е гејмплејот кој е онолку едноставен колку што е тежок за совладување. Имено, во секое од 16 нивоа потребно е да влијаете на патувањето на окото така што го држите левиот клик за да окото лебди по горна линија. Кренете премногу горе, или спуштете се премногу доле и ќе доживеете нешто што претпоставуваме е еквивалентно на дигитален шамар. Губите и доколку удрите во некоја од бројните препреки кои пукаат од неодолива желба да ве гушнат, запалат, или изедат. Звучи едноставно, нели? И обично е така, барем се додека не почнете да се сомневате во вашите најосновни способности. Или пак кога ќе се соочите со креативно осмислените босови кои со задоволство ќе ви ја доловат вистинската дефиниција на очајот и беспомошните напори да му одолеете.

Босот поради кој ја изгубивме вербата во човештвото и се убедивме дека некој од Dark-1 има вознемирувачки мазохистички предиспозиции

Со секој клик можете да ја почувствувате физичката тежина на окото и целата интеракција, потпомогната од суптилните анимации, делува токму онака како и што би можеле да очекувате. И покрај тоа, рефлексите често ќе ве предадат и ќе се најдете поминувајќи низ истиот терен одново и одново. Низ нивоата, имате одредени места каде напредокот се зачувува и нуди сосема доволно мотивација за да продолжите понатаму и да не го изгубите разумот. Најдоброто во сево ова е што ќе сакате да пробате да стигнете до крајот, независно од тоа колку пати ќе доживеете пораз. Има нешто исклучително токсично во продуктот на Dark-1, нешто што ве принудува да ѝ се навратувате на играта, како нестабилен пушач кој по илјадити пат го прекршува ветувањето и посегнува по цигарите. Низ нашите неколку попладниња со играта често се мислевме зошто е така. Со Odium to the Core, постојано ве прати чувство дека играта ниту ве држи за рака, ниту пак се претставува како абнормално нефер, а секој пораз е директна последица на вашето невнимание. Ваков топол-ладен ефект се чини исклучително задоволителен, особено затоа што си игра со вашата суета и занесно ве поттикнува да пробате уште еднаш. И уште еднаш!

На располагање имате 17 изгледи кои релативно успешно допринесуваат до посвежи преигрувања

Тешка љубов

Odium to the Core е игра од самоуверени девелопери за самоуверени гејмери. Во моментот кога ќе се посомневате во вашите способности знајте дека нема да го достигнете финишот. Туку и лежи моќта во играта, во нејзината способност да се задева со вашата психичка добросостојба и да во еден момент да ве прави исклучително несигурни, а во друг исклучително горди што сте ги надминале препреките, како да се доживеале кој знае каков успех. Ваквото нешто не би било можно без феноменалната фузија помеѓу гејмпејот и музиката кои дишат еден за друг и ја добиваат вистинската форма само кога се заедно. Бројни ситуации низ играта, како одредени препреки или преминување низ одредени работи, се директно врзани со музиката и ја дополнуваат со екстра ефекти. На пример, во едно ниво излегуваа шилци од замки, но излегувањето на шилците беше пропратени со посебни ефекти кои одлично се вклопуваа со музичката трака. Во едно друго ниво, окото поминуваше под вода, а музиката добиваше придушен ефект, како навистина да ја слушате под водената површина. Ваквата посвета на ситни детали допринесува до адреналинска имерзивност од епско ниво, особено доколку користите слушалки.

Пуста оаза

Неуморното око патува низ графички импресивни површини кои како да се произлезени од најапстрактните постапокалиптични и steampunk околини. Очигледно е дека ова е дводимензионална игра, но Dark-1 се имаат потрудено да наметнат илузија преку провлекување неколку слоеви на површина и да ги менуваат со ритамот, движењето на окото и кликнувањето на глувчето. За пофалба се и кратките филмчиња кои ги гледате од време на време и со кои добивате суптилен увид во темата. Во Odium to the Core нема никакви холивудско-надувани ефекти како во ААА игрите, но тоа не само што е поентата, туку и главната причина поради која нѝ се допаѓа чедото на Dark-1 . Odium to the Core е олицетворение на едноставноста, но едноставност која е макотрпно преточена во едно исклучително преубаво и стимулативно искуство, добитна формула која е способна да предизвика спектар од комплексни емоции и одлична забава во кратки дози.

Прочитајте го нашето интервју со Dark-1 тука!

5 коментари на “Рецензија на македонската игра Odium to the Core

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии