Ја игравме новата македонската игра Wounded на инди студиото Workbench Entertainment

Текстот содржи експлицитни мултимедијални материјали и не е за лица под 18 години!


Како формат, хорор игрите отсекогаш имале тенденција да припаѓаат на помала, специјализирана група од гејмери. Тука и таму, ќе се појави одреден наслов, како Outlast, и ќе успее да внесе одредена динамика во и онака сиромашната сцена, што само потврдува дека гејмерската популација сака да биде исплашена, но е исклучително пребирлива во начинот на кој таквиот ефект се постигнува. За жал, повеќето студија невешто ги жонглираат средствата со кои располагаат, се дават во лоши дизајнерски одлуки, а крајниот резултат, испливува на површината како смеса од набрзинка нафрлани асети, целосно лишени од креативност и амбиција. Wounded e игра која релативно успешно ја избегнува ваквата судбина и се истакнува како солиден наслов кој ја користи целосната моќ на дигиталниот медиум за да ви покаже страв во најчиста форма, како фонија од перверзност и лудило кое суптилно се провлекува во длабоките пориви на вашата потсвест и бескомпромисно ја загрозува вашата душевна состојба.

Како прва македонска хорор игра, Wounded e продукт за исклучително специфична група од гејмери, со механики кои ги наградуваат најтрпеливите уживатели во овој жанр. Вие не сте добредојдени во светот на Wounded. Ништо ниту ве држи за рака, ниту пак сака да ви го олесни вашиот престој. Ликот со кој играте, Тим, е лош татко и уште полош сопруг кој ги направил сите погрешни одлуки и се наоѓа на работ на пропаста. Играта ја почнувате во неговата куќа, а првата задача е да прошетате низ собите и дворот и да се присетите на клучните моменти кои го дефинирале Тим и го довеле до моментната ситуација. Ќерка чие осудување одѕвонува со секој збор и сопруга која не може да го сокрие нејзиното гадење вешто одекнува од предметите кои ги допирате. Почетокот, таа соба, и тој двор ви кажува дали Wounded е за вас и колку долго би можеле да се носите со механиките. Имено, она што знаете е дека треба да ја истражите куќата. Шетате од една до друга соба, излегувате во дворот, па пак влегувате внатре, допирате работи кои претходно сте ги допреле, а шармот од вашиот прв впечаток се заканува да биде заменет со фрустрација. Ова е ситуацијата во која и онака малата група од хорор ентузијасти би можеле дополнително да се поделат.

Wounded e напната комбинација од ред плашење, ред загатки, па потоа паралелна кулминација од двете. На вас се остава да заклучите дека треба да стапувате во интеракција со пет предмети, односно ситуации, како би му дале време на апаратот за кафе да го подготви вашиот пијалак. Не се сомневаме дека студиото зад играта има доволно познавања за да ги направи ваквите ситуации помалку безболни, дали преку вметнување внатрешни дијалози или пак со корисни визуелни податоци, но тогаш суштината на Wounded би била целосно поразлична. Ова не е игра која е првенствено замислена да ви вади памет со ненадејни напади. Комплексните загатки и суптилни информации за нивно разрешување се тука со причина. Тие загатки се замислени да пружат значително поголема имерзивност во Wounded и да ви дозволат да ја почувствувате фрустрирачка беспомошност и безизлезната ситуација во која се наоѓа главниот лик. Потрпеливите гејмери ќе го препознаат и ценат ваквиот обид на студиото. Помалку трпеливите би можеле да кажат дека сево ова е само за да се вештачки продолжи и онака кратката должина на играта, што не би можело да биде подалеку од вистината.

Благодарение на ваквото скромно пласирање информации, предизвикот на загатките е значително поголем, а престојот во Wounded – значително побогат. Workbench Entertainment има осмислено интересна формула која дозволува да се храните на аха моменти, но никогаш да не можете вистински да уживате во нив. Па така, во хотелот, потребно е да влезете во една соба, но, првин, треба да најдете клуч, кој не можете да го видите сè додека не ги смените осигурувачите и да добиете пристап до серија од претходно неосветлени соби. За цело ова време, вашите сетила се под константен напад од најразлични аудио извори, мајсторски одработени и вклопени во една ужасна симфонија која на моменти целосно ве парализира и физички ве спречува да напредувате понатаму. Не се потребни чудовишта и напади. Во Wounded, страв вие е од грепкањата на штиците, шепотот на ветрот, пуцкањето на електричната инсталација и вресокот на неприродната тишина. И тогаш, ја наоѓате потребната безбедносна картичка, но и се сретнувате со првиот жител на Wounded, а стравот зазема многу повознемирувачка димензија. Преку серија од криења и адреналинско прикрадување, доаѓате во безбедносната соба, но не можете да влезете затоа што вратата не е под напон. А и имате картичка, но го немате безбедносниот код. Додека сево ова го процесирате, болниот плач зад вас станува погласен, а гардероберите во кои можете да се сокриете се чинат исклучително далеку.

Во Wounded, еуфоријата од последично решавање загатки секогаш е загрозена од константниот страв дека можете да бидете нападнати. Вештачката интелигенција на непријателите може да биде подобра, како и движењето на главниот лик, особено кога се прикрадува. За краткото време од излегувањето на играта, Workbench Entertainment напорно работи, поправа багови и вложува напори во подобрување на интелегенцијата. За време на нашето тестирање, забележавме одредени падови во fps, особено во поотворените области, но, сè на сè, играта се чини солидно оптимизирана. Првиот ден од тестирањето, наидовме и на неколку загрижувачки багови, како автоматско намалување на параметрите за светлината и глувчето при намалување на графиката или замрзнување на играта при отклучување брава, но не наидовме на исти или слични ситуации по имплементирање на првите две закрпи.

Wounded е инди игра и, како таква, открива одредени компромиси со приказната, гејмплеј механики, како и на севкупната должина на играта, до чиј нелинеарен крај стигнувате за два-до-три часа. Но, Wounded е и продукт на огромно внимание и труд, со локации кои внесуваат огромна свежина и аудио подлога која никако нема да ве остави рамнодушни. За трперливите фанови на хорор игрите, Wounded е освежителен пијалок во пустина на веродостојно хорор искуство.

Wounded може да ја најдете на Steam.

1 коментар на “Ја игравме новата македонската игра Wounded на инди студиото Workbench Entertainment

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии