Зошто да ја играте Sonder?

Ако некоја игра покажува дека светот не се врти околу вас, тоа е Sonder. Замислена како приказна без главни ликови, Sonder. е зачеток на преубава дигитална одисеја која зрачи од потенцијал кој допрва треба да се оплеменува. За една игра која е дел од раниот пристап на Steam, тоа е единственото нешто што би можеле да очекувате.

Sonder. има технички недостатоци. Почетното бавно темпо, како и контролите, бараат одреден период на привикнување, главното мени тврдоглаво одбива да ни дозволи пристап до Settings, а не помагаат ни одредени багови кои, на моменти, целосно го прават насловот не игрив. И покрај ова, фасцинантно е како таквото нешто целосно преминува во втор план кога по прв пат ќе стапите во интеракција со алатки кои како да произлегле од култните научно фантастични филмови или кога ќе започнете временско-чувствителни, нелинеарни разговори со другиот лик. Дополнително, успешната имплементација на музичката подлога ја издигнува имерзивноста на сосема нова ниво, а во моментот кога ќе заиграте и со вториот лик и кога ќе ги искусите настаните и од негова перспектива, ќе ја почувствувате вистинската моќ на Sonder. Ова е почетна точка за уникатна авантура во најчистата смисла на зборот и дава детален увид во различните внатрешни двигатели на ликовите, нешто што не се рефлектира само во нивните размислувања туку и во начинот на кој се создаваат можности за интеракција.

Во самите почетоци на играта, доколку одлучите да го разбудите DeBelio, човекот ќе ве праша дали сте го провериле системскиот извештај, на што би можеле да одговорите не, или пак Дали сакаш ти да го провериш? При едно преигрување, Алберто ја одби таквата обврска што и да кажевме, при што помисливме дека дијалогот е само илузија на избор во повисока форма, но при едно друго преигрување, Алберто, со мало негодување, реши да нѝ излезе во пресрет. Еднаш кога почнавме да посветуваме внимание на таквото нешто, просто се изненадивме од можната комплексност на таквата нелинеарна плетеница. Дијалозите и размислувања имаат тенденција да бидат поразлични во зависност од вашата претходна интеракција, физичка поставеност во просторот или при одредено преигрување. А, преигрувањето во Sonder. е клучна гејмплеј механика во чија срж лежи принципот на обиди и грешки. За флексибилно експериментирање, на располагање имате механика за враќање на времето, при што секој пат кога работите ќе кренат наопаку, можете да се навратите назад, на принцип кој е сличен во изведба со играта Life is Strange, но, без истата задоволителна визуелна поткованост.

Секој пат кога ќе сакате да го вратите времето, навлегувате во менито, избирате одредена точка од времепловот и продолжувате од тука. Штета што ваква кул механика има антиклиматична изведба и наместо да е органски врзана со гејмплејот, како притискање копче попратено со околинска меѓусеквенца, секој пат кога сакавме да го вратиме времето не можевме, а да не се чувствувавме суптилно отсечени од имерзивноста во играта, особено кога ќе се направи клучна грешка или кога ќе поминат нашите дваесет минути. Моментната состојба на Sonder бара малку поспецифична група, гејмери кои не чувствуваат потреба да бидат држени за рака, не прифаќаат лесно пораз, а сакаат да учествуваат во еволутивните стадиуми на нешто што се заканува да биде преубаво искуство.

Непоколебливата побарувачка за гејмерска посвета е очигледна уште во првите десетина минути каде преку неуморно експериментирање и запазена секвенца од интеракции треба да се извлечете од навидум безизлезна ситуација. Но, ако не се оди по претходно откриена линија од настани, таквата безизлезната ситуација станува реална и честа појава во форма на недоволно разработена изведба која, доколку остане сведена само на Credits, лесно би можела да поттикне чувство на не исполнетост. Исто така, при враќањето на времето, често се случуваше да излеземе од телото на ликот и да не можеме да ја продолжиме сесијата без да започнеме нова. Згора на ова, не можевме, а да не помислиме колку подобра би била епизодата со поголеми можности за не линеарен дијалог или внатрешни мисловни процеси, кои би биле и гласовно потковани. Во ниеден момент, меѓутоа, не дозволивме таквите лични забелешки да влијаат демотивирачки затоа што сме сигурни дека на бројните работи ќе се посвети дополнително време и енергија во понатамошните стадиуми на развивањето.

Како сѐ уште незавршена епизода која допрва ќе сјае, невозможно е, а да не се забележи времето и енергијата која е посветена на играта, постапка која би била невозможна доколку студиото нема верба и огромна љубов за проектот. Sonder. направи фанови од нас и додека ние продолжуваме со нашите секојдневни обврски, веруваме дека тимот ќе продолжи со макотрпната работа и ќе произлезе со финален продукт со кој можеме само да се гордееме.

1 коментар на “Зошто да ја играте Sonder?

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии