Затворени градинки, училишта и факултети; одигрување на спортски натпревари без публика и eден родител на дете до 10 години ќе има право да остане дома во следните 14 дена; Ова се мерките кои Владата ги донесе за справување со опасноста од епидемија на коронавирусот.
Поради опасностите од коронавирусот откажани се куп светски релевантни настани, а веќе се откажани и неколку настани во Македонија. М3Con, Startup Week Skopje, Rails Girls и Robomac се откажани или одложени. Дел од организаторите се обидуваат да пронајдат модел на кој настаните би се одржале, иако не во живо.
Најмасовниот настан за претприемништво и неговата верзија за Македонија Startup Weekend Skopje требаше да се одржи од 16 до 20 март. Делот во живо е откажан. Организаторот се обидува да организира онлајн сесии кои ќе бидат достапни за сите заинтересирани.
Откажан е M3Con настанот кој ги покрива компјутерската графика, 3Д моделирање, анимацијата, филмската продукција, производството на видеоигри, виртуелната реалност. Организаторите на M3con се обидуваат да организираат YouTube сесијата која ќе биде бесплатна и достапна за сите.
Работилницата Rails Girls Skopје се одложува на за засега непрецизиран термин. Организаторот ќе ја објави дата на презакажување подоцна. Со ова ќе биде поместен традиционалниот априлски термин во кој се одржува овој настан.
Одложен е и натпреварот за креирање на најдобри роботи – Robomac. Robomac веќе започна оваа недела, но поради опасноста од ширење на вирусот и овој настан е одложен.
Откажувањето на настаните секако не започна во Македонија и досега се откажаа речиси сите настани кои беа закажани за овој период.
Најпрво беше одложен Mobile World Congress. Поради епидемијата конференцијата нема да се одржи оваа година. Жртва на епидемијата е и Game Development Conference која по откажувањето на Microsoft, Sony и Epic е откажана, а оваа година нема да се одржи ни конференцијата F8 на Facebook. Google I/O го откажа делот кој се одржува во живо и настанот ќе има единствено онлајн презентации.Последно засега е откажувањето на помалиот но супер-интересен настан конференцијата SXSW.
Откажани се и повеќе помали конференции и настани. Adobe го откажа Experience Cloud Summit; Oracle го откажа MBX/MCX настанот, Zoho ја откажа конференцијата Zoholics која е закажана за април.
Twitter на 4200 вработени им препорача да не доаѓаат во канцелариите и да работат од дома. Apple пак го прошири ограничувањето на службени патувањата на своите вработени во Италија и Јужна Кореја.
Најголемите светски компании Microsoft, Zoho, Google, LinkedIn, Intel, Facebook, Amazon и Apple на своите вработени им препорачаа или им наредија да работат од дома.