ИТ Настан: Rails Girls 2020 – ИТ работилница

IT.mk редакција

во feature, ИТ.МК

Rails Girls работилницата по трет пат се организира во Македонија. Првата работилница беше одржана во 2014та година, додека втората се одржа лани. Ланската рабтилница предизвика големо внимание од почетничката ИТ популација. Токму за оваа работилница аплицираа повеќе од 200 заинтересирани и истата беше менторирана од 15 искусни програмери од различни ИТ компании во Македонија. 

Целта на овие светски познати работилници е да бидат влезна точка за што повеќе девојки во светот на технологијата, програмирањето и развојот на веб технологии. Настанот е бесплатен, а учесничките треба да имаат основно познавање од работа со компјутер и да донесат сопствен лаптоп. Rails Girls Skopje 2020 ќе се одржи на 10ти и 11ти април во просториите на Web Factory.

За настанот, работилницата и Rails Girls во светот и годинава поразговаравме со Мариана ЈаневскаИвана Спасова и Михајло Штерјов, организаторите на Rails Girls.

Потсетете не што е Rails Girls? Кажете ни нешто повеќе за оваа иницијатива?

Михајло: Rails Girls е глобална непрофитна иницијатива чија цел е да обезбеди алатки и заедница на девојки заинтересирани за програмирање и развој на нивните идеи. Сето ова, преку обезбедување на насоки, менторски сесии и пренесување знаење и искуство во развивање на дигитални решенија и со тоа зголемување на достапноста на технологијата. Иницијативата е започната во Финска од Linda Liukas и Karri Saarinen.

Од првата работилница која е одржана во Хелсинки во 2010та, па се до денес, 10 години подоцна, се организира на преку 220 локации во светот. Навистина ни е мило бидејќи успеавме и Скопје да се најде на мапата на Rails Girls помеѓу значајни градови како Токио, Кобе, Чикаго, Лондон, Манчестер, Луксембург, Брисел, Лос Анџелес, Санкт Петербург и многу други.

Оваа иницијатива има два значајни аспекти. Првиот е поддршката, охрабрувањето и практичната мотивација на што повеќе девојки да започнат со програмирање. А вториот аспект е актуелизацијата на Ruby on Rails како глобално значајна технологија во development светот. На светско ниво, RoR е адоптирана технологија и на неа се базираат веб апликации како GitHub, Airbnb, Basecamp, Apple, Slideshare, Bloomberg, Dribble, Groupon, Hulu, Kickstarter, Zendesk, Crunchbase, Goodreads, YellowPages и многу други беспрекорни и успешни софтверски решенија.

Искрено, лани самата работилница како и ентузијазмот за пренесување на знаење на сите ментори ни ги надмина сите очекувања. Затоа и се одлучивме и годинава да се посветиме на повторна организација. 

Од каде потекна иницијативата за организирање на оваа работилница и кај нас?

Мариана: Јас лично со Rails Girls сум запознаена и инволвирана уште од 2014та година кога бев ментор на првата работилница во Скопје. За мене беше уникатно и прекрасно искуство бидејќи тогаш бев на самите почетоци на мојата програмерска кариера и успеав да го споделам мојот ентузијазам со сите учесници. Тој микс на кодирање, учење, запознавање и забава ми беше поттик да продолжиме со оваа прекрасна иницијатива, и лани успеавме повторно да организираме работилница за околу 50тина девојки кои сакаат да научат програмирање. Јас бев првата девојка во тимот со кој работам повеќе од 6 години, и уште од моите студентски денови го сфатив значењето на вакви практично-мотивирачки настани во нашето општество каде ќе ги охрабруваме девојките да бидат дел од технологијата. Денес, кога сум веќе сениор Ruby on Rails програмер, знам дека можам да придонесам во мотивирањето на девојките да започнат со програмирање на многу практичен начин. 

Многу ми значи поддршката која ја добиваме од сите ментори. Многу несебично го пренесуваат своето знаење на учесничките и таков ентузијазам носи убави промени во заедницата и општеството.

Која е целта на оваа иницијатива? 

Ивана: Во ера на дигитализација од особена важност е актуелизацијата и суштинското приближување на технологијата до сите кои имаат интерес за учење нови нешта или пак експериментирање со нови технологии. 

Сметаме дека е од особена важност да се актуелизираат и организираат вакви настани и работилници бидејќи живееме во ера на дигитализација и ИТ едукацијата, дури и на базично ниво, е многу важна бидејќи претставува чекор напред во промена на размислувањата и придонесува за демократизација на технологијата како избор на професија и на женската популација.

Целта на работилницата и на самата иницијатива е да вклучи што поголем број на учеснички кои успешно ќе бидат воведени во web development од менторите, ќе создаде цврста заедница за отворена соработка помеѓу сите девојки кои се заинтересирани да навлезат во светот на технологијата од страна на паметното користење, создавање, и развивање на идеи.

За ланската работилница го поканивме деканот на ФИНКИ, г-дин Иван Чорбев, за да ни сподели статистики за бројот на запишани студенти/студентки на овој факултет кој дифолтно произведува едни од најконкурентните профили на пазарот на труд во овој период. Од таму дознав дека помалку од 30% од запишаните студенти на додипломски студии од овој факултет се девојки, а во пракса, уште помал е процентот на девојки кои ја продолжуваат својата кариера во ова поле. Токму затоа, круцијални ни се вакви работилници и настани, кои ќе бидат значаен тригер за да охрабрат и мотивираат што повеќе девојки од нашата земја да направат чекор напред и да бидат тие кои ќе ги поместат овие граници. 

Последните години многу се актуелни дебати и статистики за теми како родова еднаквост или pay gap. Сепак, таа родова еднаквост во развиени општества каде сите имаме еднакви права и пристап до еднакво квалитетно образование, можеби треба да ја разгледаме и низ призмата на ИТ едукацијата. Односно, акцентирањето на избор на глобално-конкурентни професии, континуираната доедукација, учење и пробување на нови технологии и паметното адаптирање во дигиталниот глобален свет на секоја девојка би биле прашањата на кои треба да им посветиме поголемо внимание. 

Rails Girls не е обична работилница, повеќе е можност и влезна точка во програмирање и web development. Целта е да ја актуелизира технологијата, да ја направи подостапна и да ги тргне стигмите дека програмирањето е навистина тешко и невозможно. И сето ова преку изработка на апликација во Rails, бидејќи јазикот и технологијата се многу ‘beginner-friendly’, а форматот на работилницата е одличен за вовед на почетници.

Мариана: Rails Girls 2019 доби одличен фидбек од сите страни. Имавме многу ефективен и ефикасен hands-on workshop, интересни презентации, запознавање, дружење и забава. Апликантите за време на оваа работилница и годинава повторно ќе научат основи на sketching, prototyping, базично програмирање и ќе бидат воведени во светот на технологијата.

Ова е одличен workshop за сите оние:

  • Кои се заинтересирани за програмирање но, не знаат од каде да почнат
  • Работат во IT компанија но, не од техничката страна и сакаат да комуницираат поефективно и поефикасно кога станува збор за програмирање
  • Сакаат да се запознаат со Rails како нова технологија за нив
  • Кои имаат потреба од менторство за да добијат поголема самодоверба при изработка на апликација, од идеја до реализација

Апликациите се отворени за програмери кои се заинтересирани да помогнат како ментори, и секако за учесници кои сакаат да се приклучат како учесници на настанот. Настанот ќе биде на македонски и англиски јазик.

Сите кои сакаат да помогнат како ментори и да го споделат ентузијазмот за програмерство потребно е да ја пополнат следнава форма.

Доколку сакате да се пријавите како учесник, аплицирајте тука.

Работилницата е закажана на 10 и 11 Април, во просториите на Web Factory LLC. За сите новости и информации следете ги Rail Girls Skopje, на друштвените мрежи: TwitterFacebookInstagram!

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии