Game Developers Conference 2020 одложена откако многу компании го повлекоа своето учество

Game Developers Conference, конференцијата попозната како GDC, оваа година нема да се одржи од 16-ти до 20-ти март, како што првично беше планирано. Причината за ова е COVID-19, коронавирусот кој е прилично популарна тема деновиве. GDC не е првиот настан кој се откажува од оваа причина, но дефинитивно е еден од најголемите, барем во индустријата.

Sony беа први кои се повлекоа од учество на конференцијата. Најавата за ова дојде еден ден откако компанијата го повлече своето учество на PAX East, од истата причина – загриженост за вирусот. На истиот ден, и Facebook и Oculus Gaming го направија истото, и ги охрабрија своите вработени да не учествуваат на конференцијата. Неколку дена подоцна, Facebook го откажаа физичкиот дел од нивната F8 конференција. Компанијата најави дека ќе има помали настани, како и видеа и стримови во живо за да надоместат.

Кратко по ова, и Kojima Productions и Unity Technologies, како две огромни имиња во гејминг индустријата, исто така најавија дека нема да присуствуваат на конференцијата. Kojima Productions имаа во план да зборуваат за нивниот најнов голем успех, Death Stranding, игра која стана многу популарна кратко откако беше пуштена во продажба. Unity Technologies сепак ќе покажат сé што имаа во план за конференцијата во текот на овие неколку седмици.

people inside stadium

Но, можеби најголемиот удар доаѓа од Electronic Arts и Microsoft. EA не само што се откажуваат од присуство на конференцијата, туку планираат и да го ограничат своето присуство на други слични настани. Microsoft се одлучија на интересна алтернатива, и многу од работите што беа планирани за GDC 2020 ќе бидат достапни онлајн.

Еден ден подоцна, своето присуство го откажаа и Epic Games и Unreal Engine. Ден потоа се откажаа и Amazon, и најавија дека она што го планирале за GDC 2020 сепак ќе биде прикажано на онлајн настан кој ќе е достапен за сите, глобално.

Последните две компании кои се откажаа од присуствување на конференцијата се Activision Blizzard и Gearbox. Ставот на обете компании е дека се загрижени поради вирусот и дека не би сакале да го загрозат здравјето на своите вработени.

Конференцијата одложена, веројатно до летово

Иако имаше голем број на помали компании кои требаше да присуствуваат на конференцијата во Сан Франциско, Informa, компанијата позади конференцијата, на 28-ми февруари најави дека истата ќе биде одложена.

Планот на компанијата е сепак да се одржи настан од овој тип, но подоцна во текот на летото, со надеж дека ќе има решение за вирусот дотогаш. 

За пандемијата на коронавирусот COVID-19

Ажурирано на 25/03/2020

Што е коронавирусот COVID-19?

COVID-19 (коронавирусна болест 2019) е нова заразна вирусна дишна болест предизвикана од новиот коронавирус SARS-CoV-2. Името го добива по „боцките“ на неговата површина кои изгледаат како круна (корона). Коронавирусите можат да заразат и животни и луѓе и да предизвикаат симптоми што се движат од лесна настинка до тешка, животно загрозувачка пневмонија.

Колку е заразен вирусот?

Вирусот е екстремно заразен и се пренесува многу лесно од човек на човек, особено во затворени површини. Се пренесува по капличен пат - во мали капки кои ги прави заразениот човек кога дише, зборува, кашла или кива.

Каде е проширен вирусот?

Почнувајќи од првата епидемија во Кина, од декември 2019 до денес вирусот е проширен во над 140 земји, има заразено најмалку 462.000 луѓе и предизвикано над 20.800 смртни случаи. Според Светската здравствена организација се работи за пандемија. Моментално Европа и САД се соочуваат со нагол пораст на новозаболени. Вирусот е присутен и во Македонија од 26 февруари 2020.

Кои се симптомите?

За да се појават симптомите потребни се 2 до 14 дена. Најчести симптоми се покачена температура, сува кашлица, замор и потешкотии при дишењето. Најголемиот број заболени (околу 80%) имаат благи симптоми кои наликуваат на грип или лоша настинка. Некои луѓе воопшто не развиваат симптоми, но може да ја пренесат болеста на други.

Како да се заштитам себеси и другите?

Добар совет во време на пандемија е да се однесуваме како сите, па и самите да сме заразени. Ова значи, минимизирање на контактот со други луѓе и држење на дистанца од 1 до 2 метри, поретко излегување од дома, често и долго (до 20 секунди) миење на рацете и избегнување на допирање на лицето.

Каде да се информирам повеќе?

Во време на пандемија, а воедно и на лажни вести и clickbait тактики, бидете внимателни од каде конзумирате вести. IT.mk ви препорачува да ги следите официјалните сајтови и проверени извори на информации:

- Официјална веб-страна на Министерството за здравство
- Официјална веб-страна на Владата на РСМ
- Неофицијална страна поддржана од Министерството за здравство
- често ажурирана страница за моменталната состојба на пандемијата. За секоја земја има и посебна статија.

Прочитај повеќе

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии