Минатата година на KickStarter завршија две успешни кампањи од Македонија. По затворањето на crowdfunding процесот, активностите се потешки за забележување и самите поддржувачи знаат многу малку што се случува зад сцената… Затоа разговаравме со: Милан Тасевски, основач на Archona Games; и Иванa и Војкан Крстевски, Тони Тошевски, Маја Матовска од Final Frontier Games; со цел да ни раскажат што се случува по крајот на една KickStarter кампања.

Двете кампањи имаа сличен пат, а она што секако ги израдува поддржувачите, е што сите игри се испорачани навреме. Добра вест е и што Archona Games и Final Frontier Games веќе работат на следните проекти.

Small Star Empires е прв македонски успешен проект на Kickstarter. Во кампањата успеа да собере 33.000 австралиски долари од 674 поддржувачи; плус дополнителни 10.522 австралиски долари од Spieleschmiede кампања. Играта на Final Frontier Games, Cavern Tavern, на KickStarter успеа да собере 107.000 долари. Cavern Tavern е прогласена за една од десетте најдобрите KickStarter игри за 2016.

Image: Archona Games/Facebook

Што се случува по крајот на „crowdfunding“ кампањата? Кои се поголемите предизвиците, собирањето на финансиите или креирањето на проиводите?

Archona Games:
„По крајот на кампањата, доаѓаме до моментот кога веќе треба да се почне со производство на она за што сте собирале пари, што значи дека ако добро и плански сте работеле во претходниот период, веќе ќе имате спремно скоро сѐ од вашиот производ за да отпочнете со производство (дизајн, графика итн). Некои од компаниите кои што работат понекогаш овој период го користат за да го доразвијат својот производ, но јас мислам дека со дизајнот треба да сме 99% готови уште пред да се почне со самата кампања. А предизвици секако има и по самата кампања. Тоа е период во кој што гледате да продолжите со маркетинг и да ја одржите побарувачката за производот и нормално продажбата. На пример, ние годинава прв пат го посетивме саемот за игри Essen Spiel во Германија како издавачи, каде што ја презентиравме играта на посетителите и продадовме добар број на копии.“

Final Frontier Games:
Една “crowdfunding” кампања би ја поделил на 3 фази. Смислување на производот, лансирање на кампањата и производство заедно со достава на производот. На почетокот, мислевме дека најтешкиот дел е да смислиш и да дизајнираш добар продукт кој гејминг заедницата ќе го прифати, а и поддржи. Но, сега кога го завршивме целиот циклус, од идеја за производ преку негов “crowdfunding” па до производство и достава може да кажеме дека секоја од овие фази има своја тежина и еднакво исполнет со предизвици. Секоја фаза од циклусот би ја поделиле на еднакви делови. Предизвиците пред собирањето на финансии, односно смислување на производот, се можеби најтешки, но таа тежина е балансирана бидејќи имаме целосна контрола на процесот, работиме на производот се додека не сме спремни да го лансираме во јавноста и роковите (освен тие што си ги даваме сами на себе) ги нема.

Во втората фаза, кога се случува “crowdfunding” кампањата би рекол дека притисокот е најголем. Илјадници очи се вперени во твојот производ, преиспитуван, дисектиран, анализиран од секаков можен аспект и со право бидејќи тие луѓе треба да вложат свои пари во производ кој ќе го добијат за речиси година дена. А во секој момент на Кикстартер има стотици “crowdfunding” кампањи за друштвени игри кои конкурираат меѓусебно за истата публика. Во тие 30 дена, треба да бидете онлајн 24 часа, да имате одговор на секое прашање, да оставите впечаток дека за вас не постои работа која не ја познавате во однос на гејминг индустријата и секако да пренесете ентузијазам за производот и да влеете доверба дека тоа што го ветувате, кога ќе дојде време ќе го испорачате. Типично траење на Kickstarter кампањите е 30 дена, но во последно време гледаме се повеќе креатори кои времетраењето го смалуваат и ги формираат кампањите на 20 дена, само поради притисокот со кои се соочуваат тие во овој период.

Третата фаза, производството и достава е најдолга, логистички обемна, а и стресна. Кампањата за Cavern Tavern беше прилично голема, како и во однос на поддржувачи т.н. бекери, така и во број на компоненти на самата игра. Играта има над 250 компоненти, и требаше да биде доставена до 2000+ луѓе кои ја нарачаа на Кикстартер, а беа ширум светот. Поради тоа, покрај координацијата на производството која се случуваше во Кина, моравме да ангажираме и компании т.н. fulfillment центри на 4 континенти (Кина, САД, Англија и Австралија) кои ќе ја примат играта и ќе ја достават до индивидуални адреси. Моравме да се запознаеме со царинските постапки на речиси половина свет, да ги знаеме даноците, дали има ДДВ или нема во тие земји итн. Стресот доаѓа на крај, кога играта е доставена и кога почнуваат да пристигнуваат коментари како за гејмплејот, така и за самиот квалитет на компонентите. За среќа, реакциите изминативе месец дена се одлични и веќе нѐ прашуваат што следно подготвуваме.

Image: Final Frontier Games/Facebook

Имаше ли проблеми во оваа фаза на проектот? Дали креирањето на „crowdfunding“ кампања и испорака на игри од Македонија има специфичен предизвик?

Final Frontier Games:
Проблеми секогаш има. Особено бидејќи ова ни беше прв проект. Но, светската борд гејминг заедница е една од најдобрите заедници во светот. Членови сме на доста здруженија и групи каде самите креатори и издавачи си помаѓаат меѓусебно, споделуваат совети, предупредуваат за опасности итн, и благодарение на тоа споделување на знаење, не се соочивме со крупни проблеми во оваа кампања. Но, има случувања кои се надвор од ваша контрола. На пример, на сите поддржувачи во ЕУ ветивме дека играта ќе им биде доставена внатре од Европската Унија, со цел да избегнат тие да го платат ДДВ-то при влез на играта во нивната земја. Склучивме договор со компанија од Англија која беше задолжена да го прими бродот со игрите и потоа да ги достави до индивидуални адреси ширум ЕУ. Веднаш по склучувањето на договорот, Велика Британија изгласа да ја напушти ЕУ. Доколку напуштањето на ЕУ од страна на Велика Британија се случеше овој период, тоа ќе нѐ чинеше илјадници (неиспланирани) долари. Истата опасност беше и со Трамп, кој вети царина за секој производ влезен во САД од Кина. Овие две случувања не ни се насетуваа кога го смислувавме буџетот за “crowdfunding” кампањата, а кои можеа сериозно да го разнишаат, па и загрозат проектот. Но, за среќа, играта е доставена пред која било од овие две работи да се случат. Во иднина секако ќе мора да ги имаме предвид, но и да имаме во предвид дека ќе се случат непредвидливи работи.

Според правилата на Kickstarter, креирање кампањи од Македонија е недозволиво. Но, постојат начини. Од наоѓање ваш близок во некоја од дозволените земји колку да го креира акаунтот, па сѐ до отворање на фирма во некоја од тие земји. Македонија, за жал, многу заостанува во однос на интернет економијата, па треба малку повеќе да импровизирате. Инаку доставата на играта не ја вршевме од Македонија и не би му препорачале на никој. Постојат многу модели како да се достави производот по завршувањето на кампањата. Ние одбравме да ги поделиме игрите на 4 континенти, каде беа доставени со брод па од тие 4 локации да се доставуваат на индивидуални адреси. Најисплатлива варијанта, но логистички најобемна.

Archona Games:
Скоро и да немаше никакви проблеми за нас по кампањата. Производството на Small Star Empires одеше по распоред и ниеден рок не беше пробиен. Инаку, игрите не ги испорачувавме од Македонија туку од Германија, каде што е нашиот fulfillment центар и склад со кои што соработуваме и моментално сите порачки на било кој број на игри ги испраќаме од таму.

Дали на време ги испорачавте игрите?

Archona Games:
Дури и порано од рокот кој што го дадовме. Луѓето беа презадоволни како и од брзата испорака, така и од флуентноста на самата кампања и квалитетот на играта.

Final Frontier Games:
Игрите беа испорачани еден месец пред ветениот датум. Тоа особено ги израдува оние кои нѐ поддржаа на Кикстартер и придонесе за градење на довербата и нашата репутација како компанија, бидејќи во последно време ретко се случува некој да достави на време, да не зборуваме дури и пред ветениот рок. Но тоа се должи на добро испланиран проект пред да започне Кикстартер кампањата, и целосната посветеност од наша страна изманативе година и половина.

Кои се плановите за иднина?

Final Frontier Games:
Го шириме светот кој го креиравме во Cavern Tavern. Издадовме e-book “Cavern Tavern – The Secret of The Five Realms” базиран на играта, во кој правиме т.н. worldbuilding кој може да го прочитате на нашата веб страна finalfrontiergames.com. Со книгата всушност и ги поставивме темелите за втората игра Rise to Nobility, продолжетокот на Cavern Tavern, кој деновиве го промовиравме и официјално, а за кој планираме crowdfunding кампања Март/Април. За годинава, покрај Rise to Nobility, во план е и expansion на Cavern Tavern, како и трета игра во серијалот The Five Realms. Во контакти сме за креирање и дигитална мобилна верзија од играта, со што 2017-та ќе биде полна со проекти кои се надеваме ќе бидат уште поуспешни од Cavern Tavern.
Се разбира, во сите овие проекти продолжуваме со соработката со Тхе Мичо, кој покрај илустрација на игрите ни помага и при самата разработка на светот кој го креираме.

Image Courtesy of FinalFrontierGames.com

Archona Games:
Работиме на неколку нови наслови како и на првата eкспанзија за Small Star Empires. Во наредниот период ќе има новости сигурно! 

2 коментари на “Што по успешна Kickstarter кампања? Интервју со Archona Games и Final Frontier Games

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии