Што би можеле да очекуваме на овогодишниот Е3 настан?

Е3 е еден од ретките настани кои успеваат да ги возбудат повеќето гејмери. Од 12 до 15 мај, фановите добиваат уникатни увиди во идните наслови на нивните омилени развојни студија и издавачи. Иако повеќето откритија се држат во тајност, некои издавачи си земаат за слобода предвреме да ги поттикнат интерес и соодветно да ги подготват фановите со одредени тизери (мислиме на тебе Fallout 76). Овојпат, решивме да се извлечеме од холот на гласините и да пробаме да предвидиме што би можело да се случи на Е3. За потребите на овој текст користевме напредни методи како гледање на кафе, грав и дланки на непознати странци.

Би било штета да не се слушне ништо за The Elder Scrolls VI, особено кога ќе земете во предвид дека насловот е исклучително долго време во изработка. За овој Е3 настан, Bethesda планира исклучително долга конференција и иако дел од тоа време ќе се посвети на Fallout 76, тешко нѝ е да поверуваме дека останатиот дел би бил на RAGE 2, игра за која веќе многу работи се знаат. Се очекува и да се најави експанзијата за Prey, која би требало да ги одведе sci-fi ловците на месечината.

Кога сме кај магичниот број 6, ништо чудно и Microsoft да нападне со најавата за Halo 6. 343 Industries нема исфрлено Halo игра веќе три години и нешто нѝ кажува дека ова е времето за нова најава и би бил одличен, екслузивен морков за сите оние кои се имаат одлучено за конзолата на гигантот од Редмонд. Во меѓувреме, Microsoft вработуваат еден куп луѓе за работа на нова игра за Xbox One, така да би можеле да чуеме нешто и на целосно нов фронт. Од друга страна, ни Sony не седат со празни раце и вработуваат луѓе за нешто што ни мириса на нова IP игра изработена во соработка со Naughty Dog, тимот задолжен за трогателната The Last of Us и адреналинската Uncharted.

Шансите да не се каже ништо за Cyberpunk 2077 се исклучително мали. Со години, тимот зад The Witcher серијалот задева во најразлични форми и облици за оваа sci-fi RPG игра и ние сме исклучително убедени дека многу, многу повеќе ќе се дознае на овогодишниот Е3. На одредени начини, играта ќе биде поврзана со The Witcher 3, ако ништо друго, тогаш во препознатливите гејмплеј механики.

На бројни форуми се шепоти за Superman игра која ќе биде во отворен свет, а е развивана од Rocksteady, тимот задолжен за феноменалната Batman трилогија. Ваквата игра би била феноменална и би донела долго-посакувана свежина во игри од овој калибар, така да, држиме среќа и се надеваме за најдоброто.

Bloodborne 2 би можел да не израдува со чистокрвна најава. Развојното студио From Software работи на три игри, едната од нив е Armored Core, а Bloodborne 2 би итекако можела да биде едната од другите две, особено кога ќе земете во предвид колкав е интересот за овој Dark Souls клон над клоновите.

Splinter Cell е феноменален серијал во кој Ubisoft вложија многу ресурси, но некако не успеја да им спечали онолку пари колку што француските издавачи посакуваа. Но, ако Prince of Persiа мораше да го отстапи местото на Assassin’s Creed, SC не мора за никого да се повлекува, особено за време на Е3 настанот. Претставник од Ubisoft изјави дека не се работи за дали ќе излезе нова игра со Сем, туку кога ќе излезе, што е одлично нешто да се каже за целосна ревитализација на нашата надеж за овој серијал.

Devil May Cry V би можел да се врати на големата врата на Е3. На ваквото нешто се алудираше уште од јануари годинава, а и еден од главните актери потврди на Facebook дека на Е3 би можеле да дознаеме повеќе работи за овој серијал.

Тоа беа едни од најинтересните гласини за игри кои би можеле да не израдуваат на овогодишниот Е3, а во случај да имате чуено за нешто друго, дефинитивно кажете нѝ на форумот или на социјалните мрежи!

1 коментар на “Што би можеле да очекуваме на овогодишниот Е3 настан?

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии