Neuralink е следна генерација интерфејс помеѓу луѓето и машините

Дејан Соколоски

во Статии

Neuralink е една од компаниите кои работат на интерфејс од следната генерација помеѓу луѓето и машините. За разлика од најголем дел на истражувачи кои работат на технологија која делува остварливо, најавата од оваа компанија не е ваква. Наместо стандардните глас, тастатура, контролер и слично Neuralink работи на директна врска од мозокот до машините.

За оваа цел компанијата поддржана од основачот на Space X и Tesla, Илон Маск работи на нов чип. Овој чип ќе се поврзе со мозокот и ќе претставува директна врска помеѓу машината и човекот. Оваа технологија преку „USB-кабел“ не само што ќе овозможи контрола на машините туку ќе овозможи и подобрување на некои сетила преку надворешни сензори.

Според г. Маск оваа технологија ќе може да се користи за да се зголеми опсегот на фреквенции и амплитуди кои ги слушаме. Она што веројатно е супер интересно е дека следната недела, на 28 август, ќе има официјална презентација и ќе може да дознаеме повеќе за чипот на Neuralink.

Некои од најавите кои ги слушнавме од г. Маск делуваат неверојатно. Еден пример е можноста за директен стрим на музика директно во мозокот, но и користење на чипот за регулирање на хормоните или контрола на стрес. Првично чипот треба да им помогне на луѓето со Паркинсонова болест. На долг рок треба да овозможи директна врска помеѓу луѓето и вештачката интелигенција.

Напредок и во развојот на материјалите

Неодамна група научници од Универзитетот Лихи (Lehigh University) откри нов материјал кој има потенцијал да се користи како „електронски“ мозок. Работата на универзитетот треба да го покаже потенцијалот на функционализација на 2Д материјали и органска молекула.

„Невроморфните материјали имаат комбинација од пресметковни мемориски својства и енергетска ефикасност за апликации налик на мозокот“, вели Чинеду Екума кој е одговорен за истражувањето.

Друго истражување направено во Универзитетот Делавер успеа да пронајде материјали со кои ќе може да се се направи спојување на ткивото со електроди без притоа да се направи оштетување на мозокот. Полимерот, познат како „Педот“ може да ја прекрие електрониката со човечко ткиво без да предизвика лузни и оштетувања, и истовремено и ќе ја подобри работата на медицинските импланти, пишува Independent.

Полимерот би можел да му помогне на тимот од Neuralinк во интегрирањето на вештачката интелигенција со човечки мозок. Поради своето својство за навлегување во порозни материјали и спроводливост на електрична енергија, Педот може да се користи и како материјал за трансформирање на стандардните цигли за градење во батерии.

Neuralink изгледа далеку, кој интерфејс е следен помеѓу луѓето и машините?

Иако очекуваме повеќе податоци за Neuralink овој месец, тешко е да се поверува дека овој интерфејс може да го очекуваме наскоро. Веројатно ќе бидат потребни тестови кои ќе траат со години, па дополнителни тестирања за безбедност пред технологијата да биде пошироко достапна за корисници.

Како изгледа технологијата во моментов? Најголем дел на корисниците користат еден или комбинација од овие три интерфејси: тастатура, глувче и екрани на допир. Трите денес се веќе прилично вообичаени и стандардни. Еден од поновите, и интерфејс на кој веројатно сè уште не сме сосем навикнати е гласовниот интерфејс.

Секако воведувањето на поголем број уреди, од виртуелни асистенти до уреди за управување на паметниот дом. Google Assistant, Siri, Cortana, Alexa ни помагаат да навикнеме. Ова би можел да биде интерфејс кој ќе започнеме да го користиме многу повеќе со напредокот на интернет на нештата.

Потенцијалот на гестикулациите е присутен, и во минатото видовме интересни концепти, кои за жал не ја постигнаа својата цел. Потенцијалот на Kinect како комбинација од гласовни команди и гестикулации можевме да ја видиме и кај нас, со примерот на Kinect Arcade. Пред речиси 10 години четири софтверски инженери од Netcetera развија WPF aпликација која содржи навигациски систем и неколку игри. Потенцијалот беше тука, но Microsoft изненадувачки се откажа од Kinect.

Гестикулациите се присутни во некои генерации на паметни телевизори од Samsung. Во овој случај на корисниците можат да управуваат со телевизорот со гестови со рацете. За жал не сите апликации доаѓаат со поддршка за управување со гестови, што малку им ја ограничува употребливоста.

За жал дел од решенијата кои во минатото делуваа како одлична замена за денешните глувче и тастатура не се покажаа. Еден ваков уред беше Leap Motion. Дополнителниот контролер доаѓаше со куп гестикулации како и можност за моделирање, но не успеа да ги убеди корисниците во својата употребливост. Наместо ова денес Leap Motion е заборавен.

Следната недела Neuralink ќе сподели нови информации за уредот и ова веројатно ќе биде супер интересно. Веројатно најавите на г. Маск се премногу неверојатни за да поверуваме дека се можни во догледно време, но ова секако е интересен настан. Ако ништо друго барем ќе дознаеме во која насока и до каде е чипот на кој работи Neuralink.

1 коментар на “Neuralink е следна генерација интерфејс помеѓу луѓето и машините

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии