При крајот на годинава решивме да изделиме 30 игри кои успеаја да ги освојат срцата на повеќето гејмери.  За повеќето од игрите, особено нѝ е задоволство што целосно ги оправдаа нашите очекувања и достојно стојат зад првичните описи од нашите месечни извештаи. Некои од нив, меѓутоа, нè разочараа до одредена мера или со гејмплеј изведбата или пак со константното форсирање микро-трансакции, но и покрај тоа, сметаме дека имаат доволно да понудат за задоволителна забава.

Star Wars Battlefront 2

Зад површината на целата драма поврзана со микро-трансакциите, се крие солиден продолжеток кој се одликува и со вистинска кампања за еден играч и со комплексни гејмплеј механики, овозможени од графички импресивен енџин.

Destiny 2

Уште една игра која не можеше да го допре сонцето поради преголемата желба на издавачите да печалат пари на грбот на нивните играчи. По бројни неуспешни тактики и извинувања, Destiny 2 и понатаму се наоѓа во состојба на правење еден чекор напред, па три чекори назад. Оние кои се способни да ја игнорираат ваквата политика и бројните работи кои се продаваат само за вистински пари, ќе најдат солиден продолжеток на оригиналната игра, со надградби во скоро секој поглед и приказна која, иако на моменти здодевна, овој пат има смисла.

Call of Duty: WW2

По толку години, серијалот се враќа на корените и нуди повеќе од истото, но во модерна изведба и напната кампања која се провлекува низ  детални околини, како  и мрежно играње достојно за ветераните на претходните игри.  Начинот на кој се форсираат кутиите за плен беа трн во око за повеќето критичари, но од она што ние можевме да го забележиме, повеќето играчи не дозволија тоа да им смета и беа целосно среќни да го заобиколат таквото искушение.

Robo Recall

Како игра за љубителите на VR технологијата, Robo Recall се наметнува како задолжителна лектира и нуди задоволително и забавно искуство каде сте наградени при имлементирање најразлични стратегии за креативно елиминирање на роботите.

Get Even

На прв поглед би можеле да помислите дека се работи за целосно генерична игра на која не ѝ е местото тука, но Get Even знае како да ги импресионира гејмерите со едноставниот хибрид од гејмплеј елементите  и да се постави некаде помеѓу прикрадување и акција во најчиста форма. Get Even, меѓутоа, е игра која највеќе ќе ве импресионира со невообичаена приказна.

Resident Evil 7

Многумина не беа сигурни како ќе функционира Resident Evil во прво лице, но крајниот резултат излезе повеќе од задоволителен и седмицата се истакна како една од најдобрите survival horror игри. Resident Evil 7 не разочарува во ниеден поглед и се препорачува на сите кои се по вознемирувачки хорор од кој ви се крева косата нагоре.

Prey

Долго очекуваната акциона-авантура во прво лице конечно излезе и доколку сè уште не сте го провериле миленичето на Arkane Studios, знајте дека пропуштате солидна научно-фантастична приказна во феноменално графичко опкружување и со инспиративна музичка подлога. Прочитај повеќе

Wolfenstein II

Од MachineGames и Bethesda Softworks нѝ дојде FPS акционо-авантуристичката игра сместена во алтернативната 1961 година каде Бласкович има за задача да ја ослободи окупираната Америка од канџите на нацистичкиот режим преку организирање Втора Американска Револуција. Доколку ви се допадна хитот од 2014 година, тогаш добро сте запознаени со откачениот став на MachineGames и точно знаете што да очекувате. Повеќе акција, поголеми оружја и по смртоносни дружења со нацистичките фанатици. Сево ова, спакувано во експлозивно пакување од епски пропорции.

Injustice 2

NetherRealm уште еднаш успеја да понуди одличен наслов, со уникатен борбен систем кој не ги дискриминира играчите во поглед на нивните вештини и знае како да направи да се чувствувате супер кул по завршување на секој меч. Оние кои не се по мрежните битки, имаат на располагање повеќе од одлична кампања за еден играч.

Battlerite

По напуштање на Early Access програмата, оваа MOBA-инспирирана мрежна игра е целосно бесплатна-за-играње. Транзицијата се прослави со нов трејлер, нов шампион, како и 200 предмети (од козметичка природа). Секоја недела, шест различни шампиони се бесплатни за играчите.

Okami HD

Okami HD подржува 4К резолуции, како и изборна widescreen презентација, покрај оригиналниот 4:3 приказ. Okami нечесто се споредува со Ocarina of Time, но со подобар визуелен стил, похрабра приказна и попредизвикувачки околини за истражување.

Hand of Fate 2

RPG гејмплејот продолжува да  биде заснован на квестови, битки и плен, а приказната исто така се раскажува во зависност од добиените карти, но принудени сте да исполнувате најразлични борбени услови доколку сакате да издвоите ултимативна победа.  Hand of Fate 2 е достоен наследник на оригиналот и нуди трократно повеќе содржини во кој било аспект.

Assassin’s Creed Origins

Сместена во древниот Египет и илјадници години пред која било Assassin’s Creed игра, Origins ви дозволува не само орел како придружник туку и бројни предатори кои можете да ги скротите за да ве следат и да ви помагаат при битките. Борбените и истражувачките механики се надградени и излеваат пофлуидно искуство при пресметките на копно или вода, како и при истражување под вода или пак во бројните гробници. Дополнително, играчите кои се желни за крв можат да навлезат во арени и да се спротивстават со бранови и бранови од непријатели кои кулминираат со бос. Со Discovery мод играчите можат да бидат дел од релаксирачки дваесет минутни тури низ древниот Египет, со исклучени можности за борба и целосна посвета на впивање дигитални убавини, препратени со гласовна нарација и соодветни анимации.

South Park: The Fractured But Whole

По неколку пати одложување, South Park: The Fractured But Whole конечно им излезе во пресрет на гејмерите и проба да ги насмее, намршти, згрози или замисли со едни од најконтроверзните теми на модерното доба. Првата игра беше развиена од Obsidian, но диригентското стапче за продолжетокот е во рацете на Ubisoft San Francisco, студиото зад Rocksmith. Играта се одликува со 12 класи, а настаните суптилно се надоврзуваат на тие од претходникот, но, овој пат, ве ставаат во чевли на супер херои.

The Evil Within 2

The Evil Within 2 ве вовлекува во поголеми и понелинеарни мапи, а новата направа, The Communicator, ви дозволува да истакнете главни и споредни цели, ресурсите и непријателите, како и да откриете Resonance доколку сакате подобар увид во приказната. Во поглед на битките, гејмплејот отсечно се дели на користење оружја за директен или прикрадувачки пристап. Собирање ресурси ви овозможува да создавате муниција, а зелениот гел ви дозволува прилагодување на способностите во поглед на здравје, прикрадување, борба, обновување и атлетизам.A Hat in Time. Првата игра ветуваше хорор во најчиста форма, но испорача сосема просечно искуство. Двојката, меѓутоа, е чекор во вистински правец.

FIFA 18

Со 52 целосно лиценцирани стадиуми од 12 земји и дополнителни 30 генерични полиња, девелоперите EA Canada и ЕA Bucharest навистина сакаат да ја искусите убавата страна на фудбалот. Играчите имаат на располагање FIFA 18 Ultimate Team Icons, поновата верзија на нешто што порано беше познато како Legends, како и Journey mode – кампања со приказна која по прв пат беше воведена во серијалот со FIFA 17. Journey ја продолжува приказната низ која поминавте претходно, а присутни се и Premier League и FA Cup. За подобро вклопување, свежата крв може да одгледа клучни точки од FIFA 17 и потоа да се втурне во целосно прилагодување на Хантер, како и истражување на целосно нови локации како Бразил или Соединетите Држави.

Forza Motorsport 7

Како тркачка игра развиена од Turn 10 Studios, а издадена од Microsoft Studios, оваа десетта игра од надалеку познатиот тркачки серијал се одликува со над 700 автомобили и над 200 конфигурации. Играчите ја имаат уникатната можност да ја искусат потребата за брзина низ 32 локации , не исклучувајќи ги и познатите терени од Forza 6. Forza Motorsport 7 највеќе се истакнува со комплексниот систем за динамични временски услови и возачи со широк спектар од прилагодувања.

Cuphead

Ова е игра која строго се препорачува на сите кои се по симпатична графика и мазохистички гејмплеј системи. Заборавете на Dark Souls тежината, ова е новото нешто што ќе ве предизвика на сосема ново ниво.

Total War: Warhammer 2

Колосалните способности на Creative Assembly се повеќе од очигледни. Sega оваа година даде благослов за уште покомплексен продолжеток кој ќе ја задоволи вашата потреба за епски пресметки во еден од најпопуларните фантазиски универзуми. Слично на претходните игри, Total War – Warhammer 2 комбинира turn-based стратегија и тактики во реално време за монументални судири помеѓу расите Lizardmen, High Elves, Dark Elves и Skaven. Кампањата се одвива низ четири континенти и е наративно поткована со неочекувани пресврти.

Divinity: Original Sin 2

Првата Original Sin беше огромен хит и успеа да понуди на гејмерите неверојатна RPG игра која не се лесно заборава, а често се користи како урнек според кој се споредуваат повеќето идни игри од овој жанр. Финалната верзија на Divinity – Original Sin 2 нуди свет кој е поголем, по не линеарен и поубав од кога било! Larian Studios се има погрижено да добиете можности за соло играње, ко-оп за четири играчи, како и сосема нов мрежен мод од натпреварувачки карактер. Divinity: Original Sin 2 има целосна гласовна поддршка и за илјадниците NPC ликови, студиото најми 80 актери и сними над еден милион зборови.

Dishonored: Death of the Outsider

Dishonored 2 Death of the Outsider е самостојна експанзија која се одликува со целосно нова приказна, брутални и натприродни борбени елементи, нова област и множество од предизвикувачки механички непријатели. Од она што го видовме, се чини дека Arkane ја продолжуваат воспоставената традиција за испорачување отворен свет каде можностите за прикрадување и ликвидација се ограничени само од вашата имагинација.

Project Cars 2

Од Slightly Mad Studios и Bandai Namco дојде игра која се заканува да го преземе тркачкиот трон со 182 автомобили од 38 произведувачи, 60 траки за тркање и 139 урнеци прилагодени за четирите сезони и динамичното време. Онлајн делот е целосно фокусиран на е-спортот и е пропратен со комплексен систем за рангирање, првенства и подобро спојување на играчи пред почнување на мечот. Девелоперите имаат тесно соработувано со производителите на автомобилите и соодветните индустрии за овозможат пореалистична симулација, која се одгледа и од интеграцијата на целосно нови системи за физика и движење. Како да ова не е доволно, Bandai Namco испорача продукт кој ќе е оспособен за виртуелна реалност, со 12К резолуции и поддршка за до три монитори. За тоа дека играта стана крајно популарна уште и пред да излезе зборува и фактот дека на Gamescom 2017 ја доби наградата како најдобра симулација.

Guild Wars 2: Path of Fire

Guild Wars 2: Path of Fire ја продолжи приказната од третата сезона и не пресели на најголемите пет мапи од целата игра. Со оглед на нивната големина, играчите по првпат можат да јаваат пет животни за побрзо, но и поефикасно преминување далечина. Секое од животните ќе се одликува со специјални способности кои ќе се клучни за преминување физички пречки и решавање загатки. Дополнително, секоја од класите ќе добие по една целосно нова елитна специјализација, со што значително се зголемуваат можностите за преигрување во сосема нови борбени стилови. Низ мапите можете да отклучувате нови, вредни награди, а и да уредувате сосема нов дом за вашиот гилд. Прочитајте за нашите импресии од првата епизода од четвртата сезона.

XCOM 2: War of the Chosen

Првата голема експанзија за XCOM 2 овозможува целосно ново множество од непријатели, како и игрива класа која би била способна да се спротивстави на нив. XCOM 2: War of the Chosen го поплочува патот за три нови и уникатни фракции, свирепи непријатели со непредвидливи тактики, целосно нови околини за незаборавни turn-based пресметки и проширени можности за уште подлабоко прилагодување на вашите херои.

The Long Dark

The Long Dark е игра која беше невообичаено долго време дел од програмата за ран пристап на Steam и, иако низ годините претрпе големи и содржителни промени, една работа никако да се имплементира, а тоа е кампања со приказна. Крајот и на таквото од неодамна стана реалност и студиото ги овозможи првите две од петте предвидени епизоди за играта. Третата, четврта и петтата епизода за една од најсуровите истражувачко-преживувачки симулации ќе излезат во текот на  2018 година.

Tacoma

Од креаторите на Gone Home, играта која ја револуционира симулацијата на одење и носталгично трогателна приказна, нѝ дојде нивниот најнов производ во форма на научно-фантастична авантура, сместена во вселенска станица. Од она што можевме да забележиме, гејмплеј системот е доста сличен на Gone Home и се сведува на два-до-пет часовно шетање, скромна интеракција со станицата и едноставно препуштање во свет каде нема нити борба нити загатки. Гледајте на Тacoma како на благ лексилиум чии ефекти се длабока имерзивност во визуелно исполнителен свет.

Outlast 2

Ако ви се допадна првата игра, шансите се исклучително високи да ви се допадне и продолжетокот. Red Barrels го имаат префрлено нежно-надградениот гејмплеј во брутално проширена околина, со приказна која паразитски се провлекува под кожата и тврдоглаво одбива нов домаќин. Outlast 2 е едноставна во намерата и не сака ништо повеќе од бесповратно вадење од памет, со пресврти кои ги бомбардираат сите ваши сетила на предаторски начин и тоа во моменти кога најмалку го очекувате таквото нешто. Outlast 2 е игра која не сакате да ја играте, но не можете ни да ја оставите. И во моментот кога ќе настапи крајот и повторно ќе се најдете во кругот на саканите, нема да можете, а да не гледате на таквите односи како на нешто што е онолку магично колку што е кревко. Особено кога мракот ќе настапи, а шепотот од денот ќе биде заменет со вресокот на тишината. Прочитај повеќе

Nier: Automata

Долго очекуваното чедо на Square Enix ви дозволува да истражувате пост апокалиптичен свет со експлозивни битки и впечатлива приказна. Едно од најпријатните изненадувања во 2017 година кое едноставно мора да го искусите!

Mass Effect: Andromeda

За играта очекувавме да го поплочи патот со нова епска авантура во познатиот универзум, но финалниот резултат излезе дека е едно од најнепријатните изненадувања во 2017 година, произлезено од брзање на производот и нефлексибилноста на графичкиот енџин кој не е првенствено замислен за RPG игри од овој калибар.

Torment: Tides of Numenera

Со оглед на тоа што во самата игра има книги и книги од текст, Torment: Tides of Numenera е игра која наjвеќе ќе биде цената поради пишаниот збор, богатата историја и можноста за градење односи преку донесување критични одлуки, а не поради борбениот систем. Точно е дека борбениот дел не е ни приближно добар како приказната; одредени битки се развлекуваат до бесконечност и цело време се алудира на пропуштени шанси и неискористени потенцијали, но кога ќе земете во предвид дека поголемиот дел од битките можат да се избегнат само доколку внимавате на разговорите, Torment: Tides of Numenera зазема интересна димензија каде дополнително ве мотивира да внимавате на вашиот пристап кон луѓето. Во спротивно, ќе бидете казнети со неинспиративно долги и крајно здодевни битки. Нема никакво сомневање дека Torment: Tides of Numenera е прекрасна cRPG игра со која фановите на Planescape: Torment можат само да се гордеат. Прочитај повеќе

Кои се вашите најдобри игри за 2017 година? Кажете нѝ во коментарите или на социјалните мрежи!

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии