Лична карта: Outlast 2

Што е Outlast 2?

Outlast 2 е survival хорор игра во прво лице и директен наследник на хитот од 2013 година, Outlast. Играчот е во улога на Блејк Лангермен, новинар кој, поради хеликоптерска несреќа, се има разделено од неговата жена и за да ја пронајде мора да помине низ село преполно со секташи кои веруваат дека крајот на светот е поблиску од кога било. Сместено во пустина во Аризона, а доста слично на гејмплејот од оригиналната игра и последователната експанзија, Whistleblower, во двојката единствените оружја се вашата камера за ноќно снимање и трпение при набљудување на непријателското движење и правилно провлекување од една до друга точка. Со оглед на тоа што вашиот лик е неспособен за борба, освен во одредени скриптирани сцени, спасот мора да се бара во криење, чучење, трчање, скокање, одење или качување, со рационално користење на кондицијата. Вашата камера е понапреден модел од онаа во претходната игра и сега се одликува со појасни снимки, можност за зумирање како и систем за детекција на аудио извори, кои се корисни за предвремено лоцирање на непријатели.

Кои се Red Barrels?

Red Barrels Inc е независно канадско студио кое е основано од тројца развивачи кои претходно работеле и за Ubisoft Montreal и за EA Montreal, и тоа на игри како Tom Clancy’s Splinter Cell и Prince of Persia: The Sands of Time. Барајќи посветла иднина, тројцата мускетари го основаа Red Barrels во 2011 година и ја објавија нивната прва игра на 4 септември, 2013 година. Оригиналната Outlast беше пречекана со раширени раце и, поради ретко видена, а застрашувачката имерзивност, беше високо ценета од критичарите, при што создаде не само легија фанови туку и легија од инди тимови кои пробаа да ја копираат таквата формула и да го најдат нивното место на хајп возот. Студиото моментно е составено од 17 вработени.

Што мисли светот за Outlast 2?

Со metascore оценка од 76 поени и 94% позитивни рецензии на Steam, Outlast 2 се чини дека ги има освоено повеќе срцата на Steam корисниците отколку на критичарите од видните сајтови. IGN Spain, меѓутоа, ѝ ја дава највисоката оценка од 90 поени и ја поставува Outlast 2 како најдобрата хорор игра во историјата на хорор игри, а Valdal се убедени дека се работи за совршен продолжеток кој ги задржува и подобрува сите добри аспекти од оригиналот, сè со цел да се издигне како новиот хорор класик. God is Geek и дава 85 поени и смета дека двојката е десет пати подобра во мисијата да ве извади од памет, а челните IGN сметаа дека Red Barrels кријат во играта ретко видена креативност која значително се истакнува од сите останати игри.

Од друга страна, Game Informer не може да се помири со фактот дека Outlast 2 поставува повеќе прашања отколку што дава одговори и дека премногу работи се оставени на субјективна интерпретација која можеби функционирала со оригиналот, но не и во двојката, особено при крајот на играта. Според други рецензенти, се чини дека Outlast 2 нема длабок гејмплеј и голема вредност при преигрување (GameCrate), со исфорсирани jump scare-ови кои некако не се вклопуваат со елементи на психолошки хорор (Video Gamer), а произлегуваат од ноќно патување обвиткано во целосна фрустрација која не може да биде потпомогната од интригантната приказна (GamesRadar+).

Што мислиме ние?

Ако ви се допадна првата игра, шансите се исклучително високи да ви се допадне и продолжетокот. Red Barrels го имаат префрлено нежно-надградениот гејмплеј во брутално проширена околина, со приказна која паразитски се провлекува под кожата и тврдоглаво одбива нов домаќин. Outlast 2 е едноставна во намерата и не сака ништо повеќе од бесповратно вадење од памет, со пресврти кои ги бомбардираат сите ваши сетила на предаторски начин и тоа во моменти кога најмалку го очекувате таквото нешто. Outlast 2 е игра која не сакате да ја играте, но не можете ни да ја оставите. И во моментот кога ќе настапи крајот и повторно ќе се најдете во кругот на саканите, нема да можете, а да не гледате на таквите односи како на нешто што е онолку магично колку што е кревко. Особено кога мракот ќе настапи, а шепотот од денот ќе биде заменет со вресокот на тишината.

Што мислите вие?

Кажете ни во коментарите, на друштвените мрежи или во гејминг секцијата на ИТ форум!

Развивач: Red Barrels

Издавач: Red Barrels

Композитор: Самјуел Лафлам

Платформи: Microsoft Windows, Xbox One, PlayStation 4

Излезена на: 25 април 2017

Жанр: Survival horror

Режими на игра: едно лицe

1 коментар на “Лична карта: Outlast 2

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии