Туторијал: Како да извадите потврда за неосудуваност на телефон

Оваа недела Министерството за правда ја претстави новата дигитална услуга, со која граѓаните ќе можат онлајн да побараат и да извадат документ за неосудуваност. Оваа потврда на граѓаните им е потребна за вработување на некои специфични позиции, за огласи, за кандидатура за избори и слично. Досега единствениот начин да се извади вакво нешто беше со физичко одење во судовите; да се поднесе молба; па да се почека колку што е потребно судот да го издаде решението. На крај граѓанинот треба повторно да отиде до судот за да ја подигне потврдата. Сега сè може да се направи онлајн преку порталот Uslugi.gov.mk – амбициозен проект кој доколку навистина му се посвети внимание од страна на владините институции може да доби огромна општествена важност и да биде навистина корисен веб проект.

Новиот процес за издавање на потврда за неосудуваност трае неколку минути. Ова значи дека за пристапување во приватниот дел на Порталот и извршување на е-услуги, потребно е да се креира кориснички профил, односно eID профил. Значитечно олеснување е тоа што граѓаните кои веќе имаат профил на УЈП можат да ги користат постоечките податоци за да се логираат на платформата.

Како да се регистрирате

Ако сакате може да прочитате како да се регистрирате за Uslugi.gov.mk во нашиот претходен текст: „Сѐ што треба да знаете за Uslugi.gov.mk – Националниот портал за е-услуги“. Конкретно делот кој се однесува на регистрирање е во продолжение:

За пристапување во приватниот дел на Порталот и извршување на е-услуги, потребно е да се креира кориснички профил, односно eID профил, кој има неколку нивоа (основно, ниско и високо). eID е средство за електронска идентификација и претставува кориснички профил за конкретно физичко лице, практично негова електронска лична карта. eID-то е замислено како Систем за единствена најава (СЕН, анг. SSO – Single Sign On) платформа која во иднина ќе се користи за сите услуги кои ќе ги понуди државата кон граѓаните. Во моментот, преку СЕН можат да се регистрираат само физички лица.

За најава на Порталот, корисникот автоматски се препраќа на сајтот eID.mk, каде што се идентификува со своето корисничко име и лозинка или дигитален сертификат за електронски потпис. По успешната автентикација, eID испраќа автентикациски токен до Порталот, со што се овозможува пристап до приватниот дел на Порталот. eID ги поддржува протоколите Open ID 2.0, SAML 2.0, WS Federation, OAuth 2.0.

Дури и оние кои веќе имаат корисничка сметка во системот на УЈП, можат да ја искористат истата за логирање на eID.mk и Uslugi.gov.mk, преку следниов линк со што ќе добијат основно ниво на привилегии. 

При процесот на регистрација, eID профилот се поврзува со идентитетот на граѓанинот еднократно. Поврзувањето се прави со лично присуство и проверка на личните податоци, со помош на документи за лична идентификација, и со потврда во Централниот Регистар на Население (ЦРН). Во процесот на регистрација се врши проверка на физичкиот идентитет на корисникот со документ за лична идентификација, се бара потврда на е-маил адресата и се врши проверка дека внесените податоци постојат во ЦРН. По успешното завршување на овие проверки, во ЦРН се генерира и запишува Единствен Електронски Број на Граѓанинот (ЕЕБГ), составен од десет цифри. ЕЕБГ претставува врска помеѓу СЕН, физичкиот идентитет на корисникот и податоците достапни за него во ЦРН. ЕЕБГ се создава преку употреба на логички поврзани процеси со Лунов алгоритам.

При регистрација и најава на Порталот, како и при поднесување на барање за е-услуга, eID преку ЕЕБГ комуницира со ЦРН заради проверка и преземање на ажурираните лични податоци за корисникот. При секоја најава со eID, од Централниот регистар на население се обезбедуваат следните ваши податоци: име, презиме, ЕМБГ, датум на раѓање, пол и адреса на живеење (населено место, улица и број), кои понатаму се користат за полесно аплицирање за е-услуги на Националниот портал за е-услуги или другите системи интегрирани со SSO.

Сите граѓани можат да се регистрираат бесплатно на следниов линк > http://bit.ly/UslugiGovMkRegister


Како да извадите „Потврда од казнена евиденција за физички лица“ онлајн

Откако ќе се регистрирате целиот процес е релативно едноставен. Најпрво се логирате на платформата Uslugi.gov.mk и во менито за „Е-услуга“ одберете „Пронајди услуга“.

Во менито „Пронајди услуга“ одберете „Правосудство и човекови права“ па потоа „Правен систем“. Во ова поле има повеќе различни услуги кои ги нуди Услуги, но треба да ја пронајдете „Издавање потврда од казнена евиденција за физички лица“.

Во овој момент влегувате во формата за генерирање на документот. Треба да одберете јазик и институција каде што аплицирате. И во формата треба да внесете неколку дополнителни информации кои ги нема при креирањето на eID. Сè останато се „повлекува“ од веќе внесените податоци. Има неколку полиња за внесување на податоци на кои треба да внимавате.

На пример во полето „државјанство“ треба да го внесете името на државата бидејќи тоа што ќе го внесете – тоа и ќе го добиете во финалниот документ, ако внесете „македонско“ или „македонско државјанство“ или било што слично документот на крај изгледа чудно, односно ќе ви биде прикажано како „Државјанин на македонско”. Можеби ако лабелата на полето беше „Државјанин на:“ наместо „Државјанство“ова ќе беше појасно за корисниците и ќе немаше нелогичности при внес – секако ваквото повлекување на податоци од инпут формата без да бидат проверени или валидирани значи дека може да бидат погрешно напишани и така испечатени. Но може да бидат и намерно злоупотребени за внесување на податоци како „Државјанин на Марс“ – со што би добиле валиден е-документ издаден од државата во која би ви било прикажано вашето интерпланетарно државјанство.

Последниот чекор пред праќање на податоците до судот кој ја издава Потврдата од казнена евиденција е плаќањето. Потврдата чини 320 денари, а со провизиите цената е 333 денари. Плаќањето за потврдата е преку Casys, и штом стигне потврдата за уплата за неколку минути ќе го добиете назад и документот кој го баравте. Решението со QR-код може да го преземете директно на Услуги.

Какво е нашето искуство

Со исклучок на забелешката за „полето за државјанство“ целото искуство со вадењето на документот беше одлично. Не излегов од дома, и за само неколку минути завршив процедура за која ќе требаше да чекам неколку денови или веројатно недели. На крај документот има грешка со Државјанин на „македонско“, ама ова е проблем кој веројатно лесно може да се поправи во иднина.

Тоа не е сѐ…

Додека ја проверувавме страницата се спуштивме и до футерот и тоа што го отворивме таму секако не го очекувавме. Ако вашата љубопитност ве одведе до футерот на страната на Услуги и отидете на линкот до кој води логото на GoDigital – ќе забележите дека „godigital.mk“ сега ве води во тајландска продавница за куп различни производи наместо да ви го отвори сајтот за иницијатива на ЕУ под име Go Digital која всушност се залага за е-влада и имплементација на дигитални услуги…. тука претпоставката е дека сајтот кој што треба да го има според Archive.org веројатно е хакиран и преку него се сервира некоја шема за е-трговија или сл.

Очигледно пропустот не е поврзан со платформата на Uslugi.gov.mk бидејќи станува збор за засебен сајт за проектот на ЕУ Go Digital, меѓутоа, сепак на крајот од денот не може да се занемари фактот дека, владиниот портал Uslugi.gov.mk во кој граѓаните треба да имаат огромна доверба линка до тајландски сајт за е-трговија.

И да, секако дека овој проблем го пријавивме и преку официјалните канали за поддршка на Uslugi.gov.mk:

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии