Сѐ што треба да знаете за Uslugi.gov.mk – Националниот портал за е-услуги

Во декември, 2019-та започна со работа ажурираната верзија на Националниот портал за електронски услуги, достапен на Uslugi.gov.mk преку десктоп, мобилен или таблет, кој има за цел на граѓаните да им овозможи брз и лесен пристап до информации за јавните услуги од надлежните органи и државни субјекти. Порталот е воспоставен и управуван од Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА). 

Како функционира Uslugi.gov.mk?

Националниот портал за е-услуги е електронска платформа преку која можат да се добијат информации за јавните административни услуги кои ги нудат институциите и останатите органи во државата и целосно преку Uslugi.gov.mk да се користат јавни административни услуги кои се достапни како е-услуги. Бројот на објавени услуги во моментот на пишување на овој текст брои 707, од кои 127 се достапни целосно електронски.

Порталот се состои од јавен и приватен дел. Во јавниот дел, кој е достапен за сите, можат да се најдат детални информации за тоа како да се заврши било која административна услуга од било која институција, вклучувајќи ги надлежните органи за услугата, потребните обрасци, поднесоци, услови, докази, рокови, информациите за плаќање, законската регулатива, итн. Во приватниот дел, пак, кој е достапен само за регистрирани и идентификувани корисници, можат да се поднесуваат барања за добивање на одредена е-услуга, да се платат надоместоци и административни такси, да се следи статусот на постапката, и да се преземат други чекори кои овозможуваат завршување на одредена административна услуга директно онлајн, од комфорот на домот.

Услугите можат да се пребаруваат според категорија и поткатегорија, животен настан, надлежен орган, со користење на алатка за пребарување, или пак според азбучен редослед. Сите услуги кои се достапни за завршување како е-услуги се означени со специјален „е“ знак и можат да се најдат директно на овој линк

Регистрација, ЕЕБГ и eID 

За пристапување во приватниот дел на Порталот и извршување на е-услуги, потребно е да се креира кориснички профил, односно eID профил, кој има неколку нивоа (основно, ниско и високо). eID е средство за електронска идентификација и претставува кориснички профил за конкретно физичко лице, практично негова електронска лична карта. eID-то е замислено како Систем за единствена најава (СЕН, анг. SSO – Single Sign On) платформа која во иднина ќе се користи за сите услуги кои ќе ги понуди државата кон граѓаните. Во моментот, преку СЕН можат да се регистрираат само физички лица.

За најава на Порталот, корисникот автоматски се препраќа на сајтот eID.mk, каде што се идентификува со своето корисничко име и лозинка или дигитален сертификат за електронски потпис. По успешната автентикација, eID испраќа автентикациски токен до Порталот, со што се овозможува пристап до приватниот дел на Порталот. eID ги поддржува протоколите Open ID 2.0, SAML 2.0, WS Federation, OAuth 2.0.

Дури и оние кои веќе имаат корисничка сметка во системот на УЈП, можат да ја искористат истата за логирање на eID.mk и Uslugi.gov.mk, преку следниов линк со што ќе добијат основно ниво на привилегии. 

При процесот на регистрација, eID профилот се поврзува со идентитетот на граѓанинот еднократно. Поврзувањето се прави со лично присуство и проверка на личните податоци, со помош на документи за лична идентификација, и со потврда во Централниот Регистар на Население (ЦРН)Во процесот на регистрација се врши проверка на физичкиот идентитет на корисникот со документ за лична идентификација, се бара потврда на е-маил адресата и се врши проверка дека внесените податоци постојат во ЦРН. По успешното завршување на овие проверки, во ЦРН се генерира и запишува Единствен Електронски Број на Граѓанинот (ЕЕБГ), составен од десет цифри. ЕЕБГ претставува врска помеѓу СЕН, физичкиот идентитет на корисникот и податоците достапни за него во ЦРН. ЕЕБГ се создава преку употреба на логички поврзани процеси со Лунов алгоритам.

При регистрација и најава на Порталот, како и при поднесување на барање за е-услуга, eID преку ЕЕБГ комуницира со ЦРН заради проверка и преземање на ажурираните лични податоци за корисникот. При секоја најава со eID, од Централниот регистар на население се обезбедуваат следните ваши податоци: име, презиме, ЕМБГ, датум на раѓање, пол и адреса на живеење (населено место, улица и број), кои понатаму се користат за полесно аплицирање за е-услуги на Националниот портал за е-услуги или другите системи интегрирани со SSO.

Сите граѓани можат да се регистрираат бесплатно на следниов линк > http://bit.ly/UslugiGovMkRegister

Нивоа на eID и пристап

За секоја од достапните е-услуги е потребно одредено ниво на eID профил, кое е означено на јавниот дел на Порталот.  Нивоата на eID се однесуваат на нивоата на веродостојност на потврдата на електронската идентификација во процесот на регистрација и најава. СЕН ги поддржува следните нивоа на eID:

  • Основен кориснички профил – корисничко име и лозинка
  • Ниско ниво на eID – корисничко име и лозинка
  • Високо ниво на eID – корисничко име, лозинка и сертификат за дигитално потпишување

За да можете да добиете една е-услуга, потребно е да имате eID најмалку на нивото со кое што таа услуга е означена на јавниот дел на Порталот.

Основен кориснички профил
Основен кориснички профил подразбира дека во процесот на регистрација не е проверен и потврден вашиот физички идентитет. Во процесот на регистрација единствено се потврдува дека имате пристап до внесената e-mail адреса. Со основниот кориснички профил може да аплицирате за е-услуги каде што не е потребно да биде познат идентитетот на апликантот. Најавата со основен кориснички профил подразбира автентикација со корисничко име и лозинка.

Ниско ниво на eID
Ниско ниво на eID подразбира дека во процесот на регистрација во одреден момент бил проверен и потврден физичкиот идентитет со ваше лично присуство, со приложување на важечки документ за лична идентификација и со дополнителна проверка и потврда на вашите податоци во Централниот регистар на население (ЦРН). Врз основа на вашиот потврден физички идентитет, се креира вашиот eID на ниско ниво. Најавата со ниско ниво на eID профил подразбира автентикација со корисничко име и лозинка. Ваквата најава се смета дека има ниско ниво на веродостојност бидејќи постои одредена веројатност некој да го открие вашето корисничко име и лозинка.

Високо ниво на eID
Високо ниво на eID подразбира дека во процесот на регистрација се исполнети сите предуслови потребни за добивање на eID на ниско ниво, а дополнително при регистрацијата е приложен валиден дигитален сертификат издаден од издавач на сертификати регистрирани во Регистарот на издавачи на сертификати во Република Северна Македонија (Регистар на издавачи на сертификати). Најавата со високо ниво на eID профил подразбира автентикација со сертификат за дигитално потпишување. Ваквата најава се смета дека има високо ниво на веродостојност бидејќи е потребно физички да го поседувате уредот и да го знаете вашиот ПИН, со што значително се намалува веројатноста некој да се најави со Вашиот eID. Доколку сте се регистрирале со eID на високо ниво, може да се најавувате и со ниско ниво на eID на ниско ниво, без дигитален сертификат.

Број на достапни услуги

На порталот Uslugi.gov.mk како што напоменавме се достапни информации за повеќе од 700 услуги и 1289 институции. Од услугите, 127 во овој момент се електронски, а овој број постојано ќе се зголемува во иднина согласно тековната дигитализација на институциите и органите. Од МИОА велат дека бројката на достапни електронски услуги ќе расте значително, вклучувајќи и најбарани административни услуги како вадење на лични документи и исправи..

Не чекај, креирај го твојот eID и најави се на www.Uslugi.gov.mk уште денес!


Disclaimer: Glitch Agency, агенција во сопственост на IWM Network, компанија која стои зад IT.mk, ја предводи тековната маркетинг кампања спонзориранa од USAID за Uslugi.gov.mk. 

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии