Не толку одамна, пробавме да ги истакнеме најдобрите книги засновани на видео игри. Во случај да барате да ги продолжите авантурите во малку поразлична форма, на располагање имате и бројни стрипови.

Borderlands: Origins не сака ништо повеќе отколку да се сфати исклучително озбилно. Ако во играта преовладуваше откачен хумор, стриповите нѝ оставија впечаток дека се трудат од петни жили да го прикажат суровиот престој на Пандора и нивните свирепи домаќини. Низ четири стрипови од по 32 страници, Огстин Падила и Мајки Њуман ви прикажуваат како четирите ликови се имаат сретнато и што ги има принудено да го свртат вниманието на Маркус и епската легенда зад трезорите.

StarCraft нема да ве преплави со преголемиот избор, како ситуацијата со книгите, но од срце го препорачуваме Frontline серијалот каде приказните директно црпат инспирација од материјалите кои биле користени за правење на StarCraft II. Токму поради ваквата тесна соработка, Blizzard дава целосен благослов во читањето на графичките новели кои доаѓаат од перото на Мики Нелсон и Џејмс Вон.

Modern Warfare 2: Ghost е задолжителна колекција од шест стрипови за сите оние кои беа фасцинирани од шокантната приказна во Call of Duty: Modern Warfare 2. Приказната ги следи авантурите на Ghost и дава интересен увид за тоа како станал член на Task Force 141 и кои настани допринеле да стане тоа што е во култната двојка. Дејвид Лафам и Кевин Вест се имаат погрижено за изработката на стриповите и нивната проповедачка моќ е повеќе од очигледна уште пред да го завршите првиот стрип.

Assassin’s Creed стриповите се во слична ситуација како со книгите и има повеќе од доволно за читање. На располагање имате неколку серијали и, искрено, фановите на овие игри немаат простор за грешки, независно со што и да почнат. Ние би препорачале да зачекорите со колекцијата од графичките новели Trial by Fire, Setting Sun и Homecoming, а потоа полека да се ориентирате кон Едвард Кенвеј и Awakening или пак да навлезете во викторијанскиот Лондон со Locus. Assassin’s Creed: Origins e одлична дестинација за сите оние кои сѐ уште ги држи треска од најновата игра од овој серијал, а Conspiracies обработува настани од Втората Светска Војна со целосно нов атентатор. Во чест на десет годишнината, го имате серијалот Reflections, a тука некаде ќе наидете и на колекцијата од графички новели како Templars или Uprising. Како што кажавме, и повеќе од доволно.

Crysis трилогијата е одамна завршена и во случај да ги прочитавте книгите кои ви ги препорачавме, колекцијата од шесте стрипови ќе ви биде повеќе од добредојдена. Ричард Морган, главниот писател за Crysis 2 има осмислено приказна во која го втурнува Prophet против исклучително лукави сили на Северна Кореја, барем се додека не се овозможи првиот контакт со вонземната интелигенција и работите не преминат од лоши во полоши. Дијалозите се остроумни, цртежот чист, а Prophet решен да извлече жива глава од навидум безизлезна ситуација.

World of Warcraft е уште еден долгогодишен серијал кој им пружа нови можности за истражување на богатиот универзум, со приказни кои се онолку добри колку и самите цртежи. Па така, основниот серијал ви нуди три колекции од графички новели кои зборуваат за опасни сојузништва и битки од епски размери, целосно фокусирани на воин кој е спремен на се, па дури и битки со змејови, само да ги поврати неговите сеќавања. World of Warcraft: Ashbringer е колекција од четири стрипови кои обработуваат настани пред ривалството помеѓу Scarlet Crusade и Argent Dawn, а Curse of the Worgen ќе ве втурне во адреналинска потрага по извршителите на свирепи анималистички убиства. За крај, почестете си се со бесплатните World of Warcraft: Legion и дознајте дали Мојра ќе може да заборави на болното минато и да му прости на Магни.

Darksiders II: Death’s Door ги отвора вратите на пет епизодна апокалиптична авантура каде еден од четирите коњаници, Death, е на мисија да уништи бунтовнички демон. Се работи за адреналинска трка низ најразлични магични зони каде се откриваат едни од најголемите мистерии во играта. Или, барем, така тврди издавачката куќа Dark Horse. Ние не бевме импресионирани од „мистериите“ на кои се алудира, но тоа никако не значи дека не уживавме во целосното давење во 66 страници. За приказната е задолжен релативно срамежливиот Ендру Крајсберг, но цртежот го работи одамна-докажаниот Роџер Робинсон.

Што ќе читате? Што ќе нѝ предложите? Споделете ги вашите впечатоци низ социјалните мрежи и следете не и понатаму за серија од други стрипови засновани на видео игри!

1 коментар на “Стрипови засновани на видео игри #1

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии