За многумина, добра компјутерски игра е следниот еволутивен чекор за паралелно впивање книга, музика и филм. Производот кој произлегува од ваквата фузија го издигнува консументот на ниво кое знае да понуди еуфорична состојба значително поголема од индивидуалното изложување на само една форма. Токму поради ова, во моментот кога ќе завршите одредена игра, сосема е очекувано да сакате да го продолжите чувството на исполнетост и гејмерите неретко бараат утеха во првобитните форми, независно дали се работи за книги, филмови или музика заснована на самата игра.

За таа цел, овој пат ги одбравме најинтересните книги засновани на видео игри.

Assassin’s Creed e серијал кој со години доминира и на пазарот на книги во печатена, електронска или аудио форма. Писателот Оливер Бауден има напишано по една книга за секоја клучна игра од серијалот, заклучно до Assassin’s Creed Syndicate. Па така, на располагање имате осум книги кои уште подетално ги покриваат древните битки со Темпларите.

Bioshock е серијал чија приказна влече длабока инспирација од книгите на Ајн Ранд, особено книгата Atlas Shrugged. Откако ќе ја прочитате оваа книга, дефинитивно проверете го BioShock: Rapture; Џон Ширли се има надминато себеси во претставување уште подетален и поморбиден свет од оној во игрите. За подобар увид во креативниот процес и изборите кои му се наметнувале на Кен Лавин, прочитајте ја и новелата BioShock Infinite: Mind in Revolt.

Првата Borderlands игра беше неверојатно изненадување кое успеа да ги импресионира гејмерите преку комбинирање Diablo елементи во пукачка перспектива, откачен хумор и симпатичен графички стил. Втората игра ја издигна забавата на уште повисоко ниво и, додека ја чекате Borderlands III, поминете го времето со трилогијата од книгите на писателот Џон Ширли. Секоја од книгите дава интересна длабочина на главните ликови и ве принудува да гледате поразлично на жителите на Пандора.

Crysis серијалот најверојатно нема да се врати, но затоа пробајте да им го продолжите животот со две, релативно интересни книги. И, додека Crysis: Legion ги покрива настаните од втората игра, Crysis: Escalation е збир од кратки приказни извлечени од втората и третата игра.

Darksiders 3 полека се спрема да ги нападне најчесто користените платформи и оние кои не можат да ги дочекаат патешествијата на третиот коњаник, нека прочитаат за патешествијата на првиот. Darksiders: The Abomination Vault ги обработува настаните помеѓу првата и втората игра.

Dead Island игрите се изградени на исклучително трогателен трејлер кој и ден-денес не можеме да го изгледаме рамнодушно. Но, драмата која ја најдовме во трејлерот беше хирушки отстранета и во првата и во втората игра. Токму поради тоа, можеби не е лошо да ѝ дадете шанса на Dead Island книгата. Марк Морис има направено релативно добра работа со давање повеќе слоеви на ликовите.

Студиото зад Dead Space е распуштено, но не и теророт во книгите кои се базирани на феноменалните survival horror игри. Со Dead Space: Martyr и Dead Space: Catalyst авторот Брајан Еверсон ги обработува настаните пред првата игра.

Поради слабите продажби на најновата Deus Ex, серијалот е на одредена пауза, но оние кои сакаат повеќе од научно-фантастичниот универзум каде луѓето се растргнати помеѓу желбата да останат такви какви се или да го аугументираат нивното искуство со бројни надградби, би можеле да побараат утеха во двете дела на Џејмс Свалоу. Deus Ex: Icarus Effect и Deus Ex: Black Light се книги кои се достојни на овој серијал и храбро обработуваат чувствителни теми.

Blizzard e одлично развојно студио и доколку сте фан на нивните игри имаме повеќе од одлични вести за вас. Има еден куп книги кои се базирани на Diablo, Starcraft и Wow игрите, така да откажете ги сите планови, земете еден долг одмор и втурнете се во делата на мајсторите на пишаниот збор.

Doom се издигна на врвот со најновата игра во серијалот и е доволно присутен на сцената за да може да се пофали со шест исклучително добри книги. Првите четири се напишани од Дафад аб Хју и Бред Линвивер, а последните две, засновани на Doom 3, се напишани од Метју Костело.

Дејвид Гејден има направено одлична работа со првите три книги за Dragon Age серијалот. За следните три книги, Дејвид мораше да се посвети на други проекти и обврската беше пренасочена првин кон Патрик Викс, а потоа кон Лиан Мерсил.

Eve Online, ММО играта која нуди вселенски симулации од епски размери ви нуди и три исклучително добри книги од истиот универзум. Тони Гонзалес ја има честа со првата и третата игра, а Х. Даниелсон со втората.

Guild Wars нема премногу добра приказна, особено во основната игра. Ситуацијата делува значително подобра со последователните експанзии, особено со последната Path of Fire, но повеќе од очигледно е дека приказната не е јаката страна на оваа MMO игра. Трите книги, кои излегоа пред експанзиите, пробуваат да го променат тоа, но не онака како што ние вистински би сакале.

Еден од најпознатите шутери, Halo, има 13 книги. Почнете со Halo: The Fall of Reach, опуштете се со Halo: Cryptum и навлезете во еуфорична состојба со Halo: Broken Circle.

Mass Effect книгите на Дру Карпушин се повеќе од одлични и нудат интересни делови од животот на младиот Дејвид Андерсон. Четвртата книга, која беше напишана од Вилјам Диц разочара многу фанови и, поради тоа, можеби би ви предложиле да ја прескокнете таа и да се префрлите на двете книги за Mass Effect: Andromeda. Аудио верзиите на овие две книги се читаат од актерката која го позајмува гласот на женскиот Pathfinder.

Resident Evil се врати на големата врата со седмицата и доколку бевте замрзнати од таквиот хорор во прво лице, пробајте да читате некоја од шесте веќе излезени книги кои, за жал или среќа, се повеќе акционо ориентирани.

Star Wars: The Force Unleashed (2 книги) и Star Wars: The Old Republic (4 книги) исто така живеат во пишана форма. За SWTOR ви препорачуваме да одите со аудио верзиите затоа што се обогатени и со аудио ефекти и музика.

Tom Clancy’s Splinter Cell има шест книги кои се произлезени од перото на Дејвид Мајклс и една книга од Питер Телеп. Оние кои се по техно-трилери со еден од најинтригантните оперативци дефинитивно не би требало да ја прескокнат Tom Clancy’s Splinter Cell: Fallout.

Tomb Raider се одликува со четири книги, од кои единствената која можеби би ви ја препорачале е последната – Tomb Raider: The Ten Thousand Immortals е напишана од Ден Абнет и Ник Винсент, но ни таа не успева да ја достигне славата која е воспоставена со игрите.

Тоа беа книгите засновани на игри кои највеќе сакавме да ги истакнеме, но дефинитивно консултирајте се и со следнава листа од подеднакво интересни наслови за вашите омилени игри.

Alan Wake

Baldur’s Gate, три книги (Baldur’s Gate, Baldur’s Gate II: Shadows of Amn, Baldur’s Gate II: Throne of Bhaal)

Battlefield – две книги (Battlefield 3: The Russian, Battlefield 4: Countdown to War)

Brothers in Arms: Hell’s Highway

Dishonored The Corroded Man

Fable – три книги (Fable: The Balverine Order, Fable: Blood Ties, Fable: Edge of the World)

Five Nights at Freddy’s – три книги (Five Nights at Freddy’s: The Silver Eyes, Five Nights at Freddy’s: The Twisted Ones, 3rd Five Nights at Freddy’s)

Gears of War – пет книги

God of War – две книги

Hellgate: London – три книги

Hitman – две книги (Hitman: Enemy Within, Hitman: Damnation)

King’s Quest – три книги (The Floating Castle, Kingdom of Sorrow, See No Weevil)

Metal Gear Solid – три книги (Metal Gear Solid, Metal Gear Solid 2: Sons of Liberty, Metal Gear Solid: Guns of the Patriot)

Mortal Kombat

Quantum Break: Zero State

RuneScape – три книги (RuneScape: Betrayal at Falador, RuneScape: Return to Canifis, RuneScape: Legacy of Blood)

S.T.A.L.K.E.R. – две книги (Southern Comfort, Northern Passage)

Shadow Warrior – две книги (For Dead Eyes Only, You Only Die Twice)

Street Fighter: Dream Never Ends

The Elder Scrolls – The Infernal City, Lord of Souls

Tom Clancy’s Ghost Recon – три книги (Tom Clancy’s Ghost Recon , Combat Ops, Choke Point)

Total War Rome: Destroy Carthage

Watch Dogs: Dark Clouds

X-Com UFO: Defence

Пријатно читање!

2 коментари на “Книги базирани на компјутерски игри

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии