Рецензија: Blair Witch е следниот еволутивен чекор во хорор жанрот, но не е без проблеми

Во последно време, бројот на квалитетни, хорор игри е исклучително мал. Во поголемиот број ситуации, студијата се повеќе од задоволни да копираат механики кои беа воспоставени со серијалот Outlast. Blair Witch е следниот еволутивен чекор и, иако има одредени сличности на Outlast и Layers of Fear, сепак успева да воведе нови елементи и да се постави како релативно уникатен продукт.

Елис е длабоко вознемирен, поранешен полицаец кој не може да најде мир сè додека не го најде момчето кое исчезнало во Буркитсвил, Мериланд, домот на озлогласената вештерка Блер. Во потрагата на Елис му помага германски овчар, Булет. Првата оригинална и уникатна механика е односот помеѓу Елис и Булет. Кучето е пример за лојален и крајно неодолив сопатник кој значително помага, не само за проблематичната психолошка состојба во која се наоѓа Елис, туку и за справување со вештерката и бројните непријатели. Во кој било момент, можете да го погалите или скарате Булет, да му кажете да седи на одредено место, или да биде блиску до вас, како и да му наредите да најде нешто што би можело да помогне во истрагата. Булет има изострени сетила и е клучен за вашето преживување. Кучето знае да го почувствува приближувањето на непријателите и правилно да го искаже со најразлични движења, ржење, или лаење.

„Ми е страв да ги затворам очите. Ми е страв да ги отворам.“ – Blair Witch Project

Соочувањето на непријателите е интересно разбивање на монотонијата од константно истражување на шумата и тајните кои демнат во неа. Непријателите доаѓаат во најразлични форми. За одредени непријатели, доволно е да ги осветлите со светилката за да целосно се повлечат, во некои други, пак, никако не смеете да погледнете. Елис не е силен, особено кога се работи за директни пресметки и првиот тип непријатели ќе го убие по само два-три удари, а доколку се осмелите да погледнете во вториот тип – умирате веднаш. Булет инстантно ги пронаоѓа непријателите и ви го насочува вниманието кон нив, при што се отвара интересна димензија каде соработката е клучен елемент за понатамошно напредување. Ова, ни се чини како меч со две острици. Од една страна, нѝ се допадна колку се приврзавме за кучето. Често гледавме дали е во наша близина, а во моменти кога не го регистриравме, се наоѓавме себеси како срцето почнува побргу да чука и налудничаво да ја избираме командата за неговото повикување. Од друга страна, тоа што имате сопатник, некако ја крши илузијата на самотија и беспомошност, а стравот од непознатото зазема поблага димензија. Други непријатели се во форма на неговата кршлива, емоционална состојба која е феноменално изведена и графички потпомогната со најразлични ефекти. Кога Елис е во паника или преземен од страв, играчот навистина може да го почувствува тоа, не само во поглед на неговото дишење, туку и во начинот на кој видикот се мати, а звуците растегнуваат. Ако некој може да прикаже страв во најчиста форма, тоа е најновото чедо на Bloober Team.

„Нема никој да ти помогне. Одевме 15 часа и пак се вртиме во круг, пак сме на исто место! Нема кој да ти помогне, тоа е твојата мотивација!“ – Blair Witch Project

Шумата е апсолутно огромна и се прикажува во целата нејзина слава и разноликост. Од почетокот, па сè до самиот крај бевме апсолутно импресионирани од дизајнот, начинот на кој минуваше времето, и бројните временски и натприродни непогоди. Blair Witch е игра која се темели на минимализам и, никако не сака премногу да ве држи за рака. Поради тоа, често може да се случи да се вртите во кругови и да не знаете на каде да одите и што да правите. Иако го разбираме фрустрирачкиот фактор, сепак нѝ се допадна ваквата изведба и чувството на привремена беспомошност. Во ниеден момент не се почувствувавме презаситени.

Во вашата потрага по момчето, ќе наидувате на најразлични црвени касети. Овие касети поседуваат натприродна моќ и со нив можете да ја менувате реалноста во која се наоѓате. На почетокот на играта, најдовме една касета кое го покажува исчезнатото момче како испушта топка на земјата која набргу се зема од „киднаперот“. Кога пристигнавме на таа локација, одново ја пуштивме касетата и, во моментот кога топката паѓа на земјата, стиснавме пауза. Топката автоматски се материјализира во нашиот свет, Булет ја издушка и почна да следи нова трага. Во една друга ситуација, успеавме да поминеме низ затворена врата така што паузиравме снимка во која се гледа дека вратата е ширум отворена. За сето ова време, вештерката Блер не седи со затворени раце, туку неуморно плете со временски и просторни конци, ја менува реалноста и дополнително ги тестира нервите на Елис, сè додека не го доведе во исклучително бедна состојба.

„Би можел да ти помогнам, но повеќе би сакал да стојам тука и да снимам“ – Blair Witch Project

Blair Witch крие пет краеви кои директно зависат од вашите активности за време на играта. Дали ќе го галите или прекорувате Булет, како и на кого би се јавиле кога ќе добиете сигнал на телефонот. Ваквите, релативно суптилни активности успеваат да донесат интересна свежина и повисока преигрувачка вредност.

Низ шесте часа кои ви се потребни за завршување на кампањата, ќе бидете потопени во огромно имерзивно истражување, адреналински битки и, за жал, бројни багови и исклучително лоша оптимизација. Кога играта излезе, за многу конфигурации беше крајно неигрива, со нефункционални опции за подесување графички параметри и  нестабилни фрејмови. Закрпите кои почнаа да доаѓаат уште од првиот ден, ја подобрија ситуацијата, но не за сите конфигурации. Ова, комбинирано со бројни багови кои често ја доведуваа играта до состојба на неигривост (како главење во простор), допринесе играта да има претежно негативни рецензии на Steam. Со најновите закрпи, Blair Witch и понатаму не е без проблеми, но на една од нашите конфигурации, на највисока графика, бројот на фрејмови скокна од ~ 30 на ~ 40, a наглото опаѓање во ноќта стана помалку забележително. Баговите се под намалија, и, моментно, само 67% од рецензиите се позитивни.

Лошата оптимизација и бројните багови навистина се проблем и, како што можевме да видиме од рецензиите на Steam, гејмерите не сакаат да прават такви компромиси, особено кога се работи за нивните тешко спечалени пари. Но, тоа не би требало да биде основа за осудување на игра која крие огромен потенцијал и вредност. Да, Bloober Team можеби требало да посветат повеќе време на додатно тестирање и оптимизирање пред излегување на играта, но, претпоставуваме дека во мал, затворен круг, проблемите од кои страда оваа игра не би можеле да бидат правилно идентификувани и исправени. Повеќе од јасно е дека студиото не сакаат да ја остават играта во ваква состојба и работат на усовршување и пружање квалитетно искуство, лишено од технички проблеми.

Blair Witch е пријатно освежување во хорор жанрот. На моменти, посакувавме глумата да беше подобро изведена, а приказната помалку предвидлива, но и покрај тоа, играта успева да се истакне како повеќе од задоволителен производ на интерактивна забава. Во случај да ви се допадна македонската Wounded и да барате интересна алтернатива, Blair Witch е наслов кој ви го препорачуваме од сè срце.

Оценка
Вкупна оценка: 8
-Приказна: 7
Гејмплеј: 7
Графика: 8
Звук и музика: 10

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии