Рекордна казна за Amazon за нарушување на Општата регулатива за заштита на податоците

Дејан Соколоски

во ИТ.ЕУ

Поради злоупотреба на личните податоци на корисниците за таргетирано рекламирање, Amazon во Европа е казнет со парична казна од 746 милиони евра. Ова е рекордна казна која е изречена на компанија за нарушување на Општата регулатива за заштита на податоците (GDPR).

Покрај паричната казна, Amazon ќе треба да го ревидира и начинот на кој ги обработува податоците на корисниците. Компанијата вели дека сите податоци кои ги собира ги користи за да го подобри корисничкото искуство на платформата. Поради ова најавија дека не се согласуваат со одлуката и подготвуваат жалба.

„Воопшто не се согласуваме со одлуката и ќе ја обжалиме. Одлуката која се однесува на начинот на кој прикажуваме релевантни реклами на корисниците е заснована на субјективни и неиспитани интерпретации на Европскиот закон за приватност, а казната е превисока дури и со оваа интерпретација“, вели претставникот на Amazon.

Казната доаѓа по жалба на француската група за заштита на приватност „La Quadrature du Net“. Во жалбата групата тврди дека претставува над 10 000 купувачи и ја обвинија компанијата дека манипулира со купувачите. Седиштето на Amazon во Европа е во Луксембург, па казната ја изрече Националната комисија за заштита на податоци од Луксембург, пренесе TechCrunch.

Работата на Amazon во Европа ја испитува и Европската Унија. Ако се покаже дека Amazon ги фаворизира своите пред производи пред производите на другите продавачи на платформата, или дека ги злоупотребува податоците кои ги собира од продавачите, компанијата може да добие и повисока казна.

Пред оваа казна, највисоката изречена поради нарушување на Општата регулатива за заштита на податоците му беше изречена на Google во 2019.

1 коментар на “Рекордна казна за Amazon за нарушување на Општата регулатива за заштита на податоците

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии