Приказната зад Крипто Личник – криптовалутата на Република Вевчани

На 7 август низ македонските медиуми излезе веста дека Вевчани доби своја крипто-валута наречена Крипто Личник, која името го добива по локалната “валута” вевчански личник. Криптовалутата LCNK е всушност токен базиран на ETH кој функционира и се извршува со помош на паметен договор (Smart contract).

Идејата со личниците како и самото прогласување на вевчанска република е Вевчани да се промовира како бренд и туристичка дестинација, па така, адаптација на оваа приказна на последните и актуелните трендови се вклопува совршено во промоција на оваа туристичка дестинација…

Вевчански Личник – 100 личници

За криптоличниците, идејата за нивно креирање како и неколку други интересни теми, зборувавме со Сашо Јанковски, градоначалник на Вевчани.

Вевчани  уште во октомври, 2019 на својот сајт го најави проектот Крипто Личник.. Како дојде до идеја да создадете виртуелна валута?

Како што и секогаш бидува големите идеи се раѓаат случајно, така и во овој случај. Оваа идејата произлезе од една случајна средба со еден наш иселеник во САД по потекло од Битола кој сега е мој голем личен пријател и голем вљубеник во Вевчани.

Бидејќи Вевчани претходно покрај свој пасош веќе имаше своја симболича валута “ЛИЧНИК” чии творец е господинот Симун Лешоски, идеата ни беше бидејќи денес се во тренд дигиталните технологии а ние како вевчанци секогаш сме биле пред времето да промовираме нешто ново на овие простори, да промовираме симболична дигитална валута, криптовалута ЛИЧНИК, односно онаму каде господинот Лешоски застанал да продолжи господинот Стојановски. Оваа идеа произлезе на кафе муабет со господинот Јордан Стојановски кој претходно веќе работел на софтвери за криптовалути во САД.

Јордан Стојановски и градоначалникот на Вевчани го потпишуваат меморандумот за соработка (фото: Vevcani.gov.mk)

Кој е  Јордан Стојановски?  

Господинот Стојановски е докторант на универзитетот во Мичиген во САД кој ја напуштил Македонија, поточно тогашната СФРЈ далечните осумдесети години, посветувајќи ја својата повеќе од 30 годишна  кариера во развој на ИТ технологијата што може да се воочи во неговата импозантна биографија работејќи во врвни фирми и институции од ИТ секторот во САД.

Раскажете ни малку повеќе за вевчанските личници…

Како што претходно веќе и ви споменав, творец на вевчанската валута „ЛИЧНИК“ е господинот Симун Лешоски познат вевчански уметник, писател… Би изгубиле многу време ако подробно се навратиме на тоа од каде идеата за своја лична валута и пасош на Република Вевчани, па од овие причини ќе бидам краток во објаснувањето.

Сега далечната 1992 година кога сите ентитети посакуваа свои „големи“ држави, правеа референдуми за прогласување на свои „независни“ републики. Ние како вевчанци затекнати во тие консталации ќе требаше да влеземе во некоја „нова република” без некој нас да не праша, односно без некој да ја испочитува нашата воља. Вевчанци се по природа нескротливи, пркосни луѓе, луѓе со став. Од овие причини вевчанци на слободен и демократски референдум ја изразија својата воља гласајќи со 99 % „ЗА“ за тогашното референдумско прашање формулирано на следниот начин: „Дали сте за независна Република Вевчани со право на здружување со Република Македонија“.

Токму од тука започна и идеата за своја валута кога веќе вевчанци имаа своја република и свој пасош. Валутата  личник е крстена по заштитникот на селото Св. Спас кој селаните уште го нарекуваат Личник (убав).  Личникот како валута е отпечатен во апоени од 1, 2, 5, 10, 50, 100, 500 и 1,000 личници кои денес претставуват автентичен сувенир од Општина Вевчани. Секој апоен на Личник има своја приказна во ликовите и сликите на него но за тоа би ни било потребно повеќе време, нормално најдобро тоа би ви го објаснил авторот на личниците г-дин Симун Лешоски.

Сашо Јанковски, градоначалник на Вевчани

Што е целта на оваа криптовалута?

Целта на „Крипто Личникот“ како крипто валута е да се промовира Вевчани како бренд, како туристичка топ дестинација со богата историја, место кое во себе крие многу успешни приказни. Вевчанци се луѓе кои размислуваат далеку пред времето што се покажало многу пати во историјата, господинот Јордан иако не е вевчанец по род размислува токму пред времето. Тој заедно со мене влезе со голем жар и ентузијазам во овој проект бидејќи како што вика и тој самиот нешто мистично го привлекло тука во Вевчани да ја гради оваа приказна. Се надевам, односно сигурен сум дека оваа крипто валута ќе стане уште една успешна приказна на Вевчани и вевчанци. Би ја искористил оваа прилика да му заблагодарам на господинот Стојановски за ова негово несебично дело не само од мое лично име туку од името на сите вевчанци низ светот.

Дали се планираат некои понатамошни активности поврзани со крипто личникот?

Да „Крпто Личникот“ како симболична валута е замислен за понатамошна промоција на Општина Вевчани во светот. Замислен е да се доделува на граѓани заслужни за промовирање на Вевчани низ светот. Оваа година симболично им беа доделени одредена сума на „Крипто Личници“ на пет лица заслужни за промовирање на Општина Вевчани. Намерата ни е да продолжиме со доделување на одредена бројка „Крипто Личници“ како награда на лица кои допринеле во промоција на Вевчани и неговите вредности низ светот. Во договор со авторот на Крипто Личникот постои процедура како и на кој начин би се доделувал Крипто Личникот.

Криптоличникот не е единствената активност на општината поврзана со дигиталните трендови, на 12-ти август  – меѓународниот ден на младите организиравте FIFA 2020 турнир и го промовиравте и е-спортот…

Сите ние сме сè уште деца во душата. Сите ние сакаме да се играме, да го исполнуваме своето слободно време на ваков или таков начин. Некој преку вежбање, некој преку играње  е – игри или е- спорт. Идеата за овој настан произлезе токму од млади ентузијасти од Вевчани кои од мене побара на денот на младите 12 – ти август да се забавуваме играјќи FIFA 2020 турнир. Од моја страна оваа идеја беше веднаш прифатена и настанот беше реализиран. Се надевам дека ова како идеја ќе продолжи да се реализира и понатака.


Како да добиете Криптоличник?

Со цел популаризација на вевчанскиот Крипто Личник од време на време бесплатно се раздава количина од 10 Личници (LCNK) на секој интересент.

Испрати 0 Етери (ETH; да, 0 ETH, бесплатно e) на Ethereum адреса 0x2D742c2B10225C055F0FF68B808132C1acDF7128, или со QR код:

  • Напомена: трансакциските трошоци се плаќаат кон Etherium мрежата, и за ова треба да се обезбеди 100 000 во “Gas” – помалку од половина од овој износ навистина ќе се искористи. Доколку се обидете со стандардна трансакција од 21 000 Gas трансакцијата нема да успее.

По извршување на трансакцијата, на адресата од каде што е испратено 0 ETH ќе се појават 10 Личници (LCNK).


Како да почнам и како да направам своја адреса (сметка)? Како да ги видам своите Личници?

 На овој линк се детални инструкции со илустрации. Но за да се покријат трансакциските трошоци за различни преноси мора на адресата да се уплати минимална количина на Етериуми (ETH).

Зошто треба 100 000 Gas и колку е тоа во пари? 

Количината од 0 Етери (ETH) се уплаќа кон паметен договор (Smart Contract) кој автоматски префрлува од своја адреса кон адресата на улплаќачот 10 Личници (LCNK). Најверојатно оваа количина од 100 000 Gas нема да се употреби, но ставена е за секој случај. Еве на пример, трансакцијата со која се тестираше овој паметен договор се изврши и потврди со следните трошоци:

Тука се гледа дека се употребени 38 353 Gas кој чинеше 0.00257 ETH односно 1.01 американски долар. Во тој момент цената на единица трансакциски трошок (Gas) беше 67 GWEI, што е релативно висока а корисникот може да почека или да плати помала цена што ќе ја успори трансакцијата. Повеќе информации за ова се наоѓаат на страницата на ETH Gas Station.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии