Осврт на кариерата на Џеф Безос

Дејан Соколоски

во Вести

Еден од настаните кои го одбележаа овој месец е најавата за промена во врвот на Amazon. Основачот и досегашен директор на компанијата Џеф Безос ќе го отстапи местото извршен директор на компанијата. Смената на врвот доаѓа 27 години по основањето на Amazon. Со оглед на тоа дека немаше никаква најава, веста ги изненади сите. Amazon има над 798 000 вработени, и во 2020 заработи 21,33 милијарди долари. Причината за повлекувањето е желбата на г. Безос да се посвети на дел од своите други пасии, Washington Post, Blue Origin, Day 1 Fund…

„Како директор на бордот на директори, останувам вклучен во важните иницијативи на Amazon, но ќе имам и време и енергија кои ми се потребни да се фокусирам на Day 1 Fund, the Bezos Earth Fund, Blue Origin, The Washington Post и на другите страсти. Никогаш не сум имал повеќе енергија, ова не е пензионирање. Супер возбуден сум за влијанието кое мислам дека ќе го имаат овие организации“.

Со оглед на тоа колкава е компанијата денес, и недостатокот на конкуренти, Amazon нема да има проблеми без г. Безос, но нас ќе ни биде потребно некое време да се навикнеме дека не е на врвот на компанијата.

Koj e Џеф Безос

Џеф Безос е роден 12 јануари 1964 година во Албукерки, Ново Мексико како Џефри Престон Јорегнсен. На негови 4 години мајка му се премажи и Џеф го доби презимето на очувот. Amazon не му била сон од најрана возраст, но Blue Origin е негова фантазија уште оттогаш. Уште од средношколските денови мечтаел за денот кога човештвото ќе ја колонизира вселената. Денес заедно со уште неколку претприемачи ентузијасти тој е предводник на новите вселенски истражувања.

Image by Harrys hype / Flickr
https://www.flickr.com/photos/[email protected]/50245886248/

Своето формално образование го заврши на Универзитетот Принстон, од каде излезе со диплома за електроинженер по компјутерски науки. Во текот на школувањето бил и претседател на секцијата за истражување и развој на вселената. По завршување на универзитетот можел да бира во која компанија ќе се вработи, му нуделе работа во Intel, Bell Labs и Andersen Consulting. Се одлучил за стартапот Fitel; финтек компанија во која работел на развој на мрежа за меѓународна трговија.

По неколку промени во различни компании, г. Безос ги насетил можностите кои ќе ги нуди Интернет. Веќе во 1993 година се реши да основа онлајн книжарница. Ја напушти работата во инвестицискиот фонд D.E Shaw & Co и започна со планирање на својата онлајн продавница.

Основање на Amazon

Основната идеја на Џеф Безос била да креираа онлајн книжарница која подоцна ќе се прошири. На 5 јули 1994 од својата гаража го отворил Amazon. Првото има на продавницата е Cadabra, но бидејќи звучи на Cadaver (леш) одлучи да го промени името во Relentless, за во 1995 година компанијата конечно да се ребрендира во Amazon.

Image by Steve Jurvetson / Flickr
https://www.flickr.com/photos/jurvetson/5129303018/

Компанијата ја отворил со 245 573 долари кои му ги позајмиле неговите родители. Родителите на г. Безос верувале во компанијата можеби и повеќе од него. Тој ги предупредувал сите рани инвеститори дека постојат добри шанси дека нема да може никогаш да им ги врати парите.

На 15 мај 1997 година, три години по основањето, Amazon излезе на берза и сите првични сомнежи беа минато. Покрај критиките од Fortune и Barron’s г. Безос инсистираше дека растот на Интернет ќе ги надмине традиционалните книжари, и се покажа дека беше во право.

Амбициозни почетоци

Во првите 5 години Amazon продаваше единствено книги. Г. Безос самиот ги пренесувал сите пакети од гаражата, до поштата од која ги праќал до купувачите.

Во 1998 Amazon за првпат започна со продажба на музика и на видео содржина на својата платформа. До крајот на истата година Amazon се прошири и на други сектори.

Компанијата на почеток работеше со големи трошоци. Во 2000 година откако резервите на компанијата паднаа под 350 милиони долари позајмија 2 милијарди долари од банките. Ова не ги спречи во ширењето во нови сектори. Amazon имаше минимална заработка по продаден производ, но продаваа многу производи и конечно тоа почна да се исплаќа.

Image by James Duncan Davidson / Flickr

Неколку години подоцна, во 2002 Amazon уште повеќе се рашири и го основаа Amazon Web Services.


Во 2013 Amazon и официјално беше најголемата онлајн продавница во светот, а во 2015 година Amazon го надмина Wallmart и стана најголема продавница на глобално ниво.

Покрај несомнениот успех на Amazon компанијата често е цел на критики и контроверзии. Главната причина за ова се лошите услови за работа. Цел на овие критики е и самиот г. Безос кој се посочува како ужасен претпоставен.

Amazon Web Services и нови производи

Во 2003 година Amazon и официјално ги лансираше Amazon Web Services. Сервисите беа креирани нешто порано, но во тој период беа неколку алатки и услуги. Кон крајот на 2003 година инфраструктурата на AWS беше стандардизирана и веќе се зборуваше за продажба на виртуелни сервери како сервис. Amazon не престана да се шири и понатаму. Во 2007 го издадоа првото парче хардвер. Amazon Kindle овозможи целата библиотека да му биде при рака на корисникот, истовремено овозможувајќи му најблиско искуство до хартиените книги. Kindle и денеска е најдобриот таблет за читање на книги. Компанијата имаше уште неколку обиди за да издаде хардвер, како паметен телефон, и таблет компјутер, но овој хардвер не беше далеку од оригиналниот e-ink Kindle.

Во ноември 2014 компанијата претстави нов уред, паметен звучник Echo. Уредот беше замислен како центар на паметниот дом, а „мозокот“ зад ова беше гласовниот асистент Alexa. Корисниците можат како во Star Trek да му даваат гласовни команди на центарот на својот паметен дом, а Alexa управува со паметниот дом. Во овој сектор компанијата е еден од лидерите, а барем во моментов единствени сериозни конкуренти им се Google. Ова сè уште е нов сектор, па веројатно ќе има поголеми промени, но засега Amazon е во одлична положба на овој пазар.

Blue Origin

Во 2000 година г. Безос се одлучи да се посвети на една од неговите најголеми страсти, истражувањето на вселената. Во едно од интервју за Miami Herald oд 1982, откри дека негов сон е да гради хотели, забавни паркови и колонии во орбитата.

Иако започна како стартап во 2000-та долго време компанијата беше далеку од очите на јавноста, се до 2006-та кога конечно и официјално купија земја во Тексас и започнаа со тестови. Љубовта на Џеф Безос кон истражувањето придонесе да инвестира 500 милиони долари свои пари во овој стартап.

Како и SpaceX, и Blue Origin се подготвува за летови со ракети кои може да се користат повеќе пати. Првото полетување и слетување на ракетите на Blue Origin се случи во ноември 2015 година. За жал во последниов период Blue Origin има повеќе проблеми отколку добри вести. Компанијата сега се соочува со одлагање на неколку тест летови. Полетувањето на ракетата „New Glenn“ е одложено за крајот на 2022 година. Претходните планови беа летовите да се одржат оваа година. Во исто време конкурентот SpaceX речиси и не престанува со тестови и лансирања.

Покрај New Glenn која е масивна ракета, Blue Origin ги има и помалата ракета New Shephard, и системот за слетување за луѓе и товар, Blue Moon.

Можеби токму желбата да се забрза развојот на оваа компанија е една од причините за повлекување на г. Безос од директорското место во Amazon.

Bezos Earth Fund

Bezos Earth Fund е една од најновите иницијативи кој ги започна г. Безос. Со иницијативата ќе донира 10 милијарди долари во истражувачи, научници, активисти, и невладини организации кои работат на проекти кои се „борат“ со ефектите од климатските промени.

Иако на прв поглед е неповрзано, овој проект е со иста замисла како и Blue Origin. Г. Безос уште пред да биде основач на најголемата светска продавница бил загрижен за опасноста од преголемото искористување на ресурсите на Земјата. Blue Origins покрај вселенски туризам треба да овозможи и проширување на ресурсите кои им се достапни на луѓето.

Досега од фондот се донирани над 791 милион долари во The Nature Conservancy, Natural Resources Defense Council, Environmental Defense Fund, World Resources Institute и World Wildlife Fund.

Day One Fund

Ова е филантропски проект на г. Безос. Иницијативата „тежи“ 2 милијарди долари и е наменета за невладини организации кои им помагаат на фамилии кои имаат финансиски проблеми и на бездомници. Уште еден проект на кој работат е креирање на непрофитни градинки за претшколска возраст во заедниците со помала заработка.

Што е иднината на Amazon и Џеф Безос

Без разлика што Amazon е без конкуренција во западниот свет и компанијата е доминантна во толку сектори што сигурно нема да има проблеми во блиска иднина ќе биде тешко да се замисли без г. Безос на врвот. Секако основачот и натаму останува на чело на бордот и веројатно и понатаму неговиот глас ќе биде доминантен во компанијата. Поставувањето на Енди Џеси од Amazon Web Services е добар показател за насоката и кој сектор на Amazon ќе биде доминантен во иднина.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии