#NextGenerationConference: Интервју со Никола Живков, Technology Line менаџер во Seavus

Минатата недела го најавивме третото издание на Next Generation Conference кое ќе се одржи на 12-ти мај. Настанот е за сите љубители на технологијата кои ќе имаат можност да слушнат говори на неколку теми, и тоа: Net / DB / QA, Java / FrontEnd и Трендови во технологијата.

Еден од говорниците на конференцијата е Никола Живков, Technology Line менаџер во Seavus. Со него разговаравме за Java и неговата работа во Seavus.

Никола, во твојата кратка биографија на сајтот на NextGeneration ти стои дека си член на македонската JUG (Java User Group) од нивниот втор состанок. Првото прашање за тебе е зошто го пропушти првиот состанок? :)

Имав NullPointerException на продукција кој морав да го решам. Ова секако е лага, а вистината е дека не знаев за состанокот. Социјалните мрежи кои денес масовно се користат за промоција на настани не беа толку популарни во 2008-ма, па на информацијата и требаше повеќе време да дојде до мене. За состанокот ме информираше мојот пријател Миле Зајковски па така станав дел од JugMk веќе од вториот состанок.

Како искусен Java програмер и активен Java Technology Line Manager во Seavus, сподели го твоето видување на Java како програмски јазик во 2018-та година… зошто и по 22 години е релевантен јазик?

Постојат голем број на фактори, но ако треба да издвојам еден, тоа е големиот број на технологии (англиски: frameworks) и готови библиотеки кои ви овозможуваат да склопите решение за некој бизнис проблем без да мора да почнувате од нула.

Морам да истакнам дека технологиите базирани на Java и Java виртуелната машина се водечки кога станува збор за најновите концепти во софтверската индустрија како на пример микросервисна архитектура (англиски: microservice architecture), обработка на големи количини на податоци (англиски: big-data processing) итн. Тоа укажува дека Java не живее во минатото и дека е технологија во која големите компании и понатаму вложуваат преку базирање на нивните продукти токму на овој програмски јазик.

Општата репутација на Java е дека програми кодирани во овој јазик се побавни и бараат многу повеќе меморија. Како се справуваш со овие аргументи во дискусиите со колегите?

Да, долго време Java беше технологијата која беше предмет на исмејување во IT заедницата. Сега таа ‘чест’ му припаѓа на Internet Explorer :).

Ова секако претставува мит кој е поврзан со првите верзии на Java. Вистината е дека денес апликации напишани во Java работат исто брзо како и апликации напишани во на пример C++, во некои ситуации подобро, во некои полошо. Факт е дека големи компании како што се Twitter, Spotify, Facebook, Salesforce итн. користат Java, помеѓу другите технологии, за опслужување на нивните милиони корисници.

Тука сакам да истакнам дека во денес најскап ресурс не е хардверот (процесор, меморија, итн.), туку самите програмери т.е. нивното време. Експресивноста и едноставноста на Java програмскиот јазик им овозможува на програмерите да бидат ефикасни во завршувањето на нивните задачи што најчесто е од поголемо значење од тоа да заштедите неколку милисекунди.

Според твоето досегашно искуство, за какви проекти е Java идеален јазик? А за какви не…

Големи, комплексни enterprise решенија со многу бизнис логика – тоа е околината каде што Java живее. Можете да ја користите и за развој на чисти web решенија или за брз развој на прототипи, меѓутоа други технологии сигурно би биле подобри кандидати.

На кои проекти работиш во моментот со твојот тим во Seavus? И кој е твојот омилен framework?

Работиме со клиенти од повеќе индустрии – автомобилско осигурување, заштита на трговски марки, телекомуникациски услуги, како и со неколку startup компании за кои развиваме нови продукти. Она што преовладува како техничка тема кај сите нив е преоѓање на cloud инфраструктура, како на пример Amazon Web Services или Google Cloud Platform, како и имплементација на микросервисна архитектура и container-based виртуализација со технологии како Docker.

Инаку, легендата вели дека имам истетовирано ‘Spring framework’.

Некој совет за искусните Java колеги?

Споделувајте го вашето знаење и искуство со останатите колеги, и со целата IT заедница во Македонија. Од година на година имаме се поголем број на технички настани организирани од компаниите (предавања, конференции, и сл.) и од организации како JugMk која стои позади најголемиот Java настан во Mакедонија – JavaSkop конференцијата која се одржа минатиот месец.

Некој совет за Java почетниците….

Квалитетот се вреднува повеќе од квантитетот. Не е битно колку модерни технологии имате користено, битен е квалитетот на вашата работа – комплетноста на имплементацијата, квалитетот на кодот, доброто тестирање.  Сите овие работи се невозможни без добра теориска основа па затоа не заборавајте да читате.

Билетите за настанот веќе се достапни, а може да се регистрирате на Eventbrite.

1 коментар на “#NextGenerationConference: Интервју со Никола Живков, Technology Line менаџер во Seavus

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии