Механички тастатури – Прекинувачи

По текстот во кој ги објаснивме основите на механичките тастатури, како и големините во кои ќе ги најдете истите, време е за другата екстремно важна работа – прекинувачите, или свичеви, како што ќе ги најдете понатаму во текстот.

Покрај електронското коло, кое е и основата на тастатурата, прекинувачите се најважната компонента од истата. Под секое копче ќе најдете прекинувач, а истите во голема мера диктираат какво е чувството кога пишувате на одредена тастатура.

Во моментов има стотици различни видови на свичеви. Некои се полесни за притискање, а некои потешки. Ќе најдете и мазни свичеви, кои немаат никаква тактилност, или свичеви кај кои ќе осетите кога всушност сте го активирале.

Зошто има толку многу видови на свичеви?

Иако конкуренција во многу ситуации е убава работа, до пред неколку години немаше толку многу различни свичеви. Пазарот навидум го доминираше една компанија – Cherry, со нивните MX свичеви. Токму тие свичеви и го направија Cherry името да е толку популарно колку што е денес.

Свичевите беа патентирани во 1984 година, а истите беа резултат на трудот на компанијата да го подобри начинот на внесување податоци. Достапни беа во повеќе бои, а секоја боја всушност ги означуваше различните квалитети на секој индивидуален свич. На пример, црвените беа лесни за притискање, сините имаа осетен клик кога ќе се притиснат, додека кафеавите беа некаде на средина, но сепак со тактилност која ви дава до знаење дека сте го притиснале копчето.

Токму поради ова и Cherry немаа воопшто конкуренција кога стануваше збор за механичките свичеви. Но, патентот истече пред неколку години, и огромен број на ентузијасти и големи производители почнаа да прават нивни варијанти на свичевите кои Cherry ги направи популарни. Иако за некои Cherry MX сеуште се најквалитетна опција, несомнено е дека имаат многу конкуренција на пазарот во моментов. Почнувајќи со Cherry, да ги разгледаме опциите кои се најпопуларни кај ентузијастите.

Линеарни, тактилни, со клик

Пред да навлеземе во најпопуларните опции, убаво би било да се разјасни разликата помеѓу трите типа на свичеви и каде се истите најчесто користени.

Линеарните свичеви се најчесто фаворит кај гејмерите. Кај линеарните нема воопшто отпор, освен федерот кој се содржи во самиот свич, кој ја диктира силата која ви е потребна за да го притиснете свичот. Истите се намерно полесни, за да овозможат брзо притискање на секое копче, а неретко и точката на активација е релативно високо, за истите да се активираат побрзо.

Свичевите со клик пак, обично ги преферираат луѓето кои ги користат тастатурите за пишување. Секое притискање на истите е проследено со доза на отпор при активацијата на свичот, и гласен клик кој ви дава до знаење дека сте го активирале истиот. Кога пишувате, ваквиот клик обично е корисен за да не се двоумите дали сте го притиснале копчето или не. Секако, токму поради фактот што се гласни, истите не се најпожелна опција ако тастатурата ја користите во просторија каде што има други луѓе, како на пример канцеларија на работа.  

Доколку сепак сакате да осетите мал отпор при притискање на копчето, но не го сакате кликот кој следи, тактилните свичеви се она што го барате. Слично како и оние со клик, имаат точка која треба да ја поминете за свичот да се активира, а истата се карактеризира со мало ниво на отпор.

Она што треба да се напомене овде е дека нема цврста карактеризација која одредува кој свич за каков корисник е соодветен. Како и со многу други работи кај механичките тастатури, каков свич користите е индивидуална работа, прашање на вкус. На пример, некои гејмери преферираат тактилен свич за да се сигурни дека го притиснале копчето, додека има и програмери кои пишуваат по 8 часа на ден, и преферираат линеарен свич кој нема да им ги умори прстите. Токму поради ова и многу од големите производители како на пример Cooler Master или Kingston своите тастатури ги нудат со неколку различни свичеви.  

Cherry MX

Како прва компанија која влегла на пазарот на механички свичеви, во моментов палетата на опции кои ги нуди Cherry е прилично голема.

Почнувајќи со линеарните, најпопуларните опции се црвените и црните. Црвените се сметаат за полесна варијанта на црните, бидејќи освен полесната сила која е потребна за активација, сите други карактеристики се исти. И едните и другите имаат вкупно 4 милиметри од, но се активираат на вториот милиметар. Но, за црните ќе ви требаат 0.60 N за активација, додека кај црвените само 0.45 N.

Покрај ова, Cherry нуди и “silent” верзии од црвените и црните свичеви, кои ја задржуваат истата сил на активација (0.45 N и 0.60 N), но го намалуваат вкупниот од на 3.7 милиметри, и ја ставаат точката на активација на 1.9 милиметри. Тука се и Speed Silver свичевите, кои не само што имаат краток од (3.4 милиметри), туку и активацијата е на 1.2 милиметри, што нема да го најдете кај многу други свичеви. Силата за активација е 0.45 N. Иако помалку користени, ги има и Nature White и Linear Gray. Двата типа имаат вкупен од од 4 милиметри, како и точка на активација на 2 милиметри. Разликата е во силата која е потребна – кај Nature White таа е 0.55 N, додека кај Linear Gray е 0.80 N.

Преминувајќи на тактилните, кафеавите се можеби и најпопуларните свичеви кај луѓето кои не знаат за каков свич да се одлучат. Истите се некоја средина помеѓу линеарни и свичеви со клик, и имаат вкупно 4 милиметри од, додека активацијата е на 2 милиметри. Силата која е потребна за активација е 0.45 N, но ќе ви требаат 0.55 N за да ја надминете тактилната точка. Покрај нив, Cherry нуди и потешки тактилни свичеви, кои обично се користат за поголеми копчиња како на пример Enter или spacebar. Имате избор помеѓу Clear и Tactile Grey, кои имаат вкупно 4 милиметри од, а точката на активација е на 2 милиметри. Разликата помеѓу нив е што за Clear ви требаат 0.55 N и 0.65 N за да го активирате копчето и да ја надминете тактилната точка, додека кај Tactile Grey ќе ви требаат 0.80 N за двете.

За крај, Cherry нуди и неколку свичеви со клик. Најпопуларни, секако, се сините свичеви, кои доаѓаат со вкупен од од 4 милиметри, и точка на активација на 2.2 милиметри. Силата која ви е потребна за да притиснете е 0.50 N, додека за надминување на тактилната точка ви требаат 0.60 N. Покрај нив, тука се и зелените, кои се всушност уште потешка варијанта. Покрај точката на активација и вкупниот од кои се идентични со сините, зелените бараат 0.70 N и 0.80 N за притискање, и надминување на тактилната точка.

Gateron

Една од најпознатите алтернативи на Cherry MX, Gateron свичевите брзо станаа една од најбараните опции кај ентузијастите. Ако генерализираме, општото мислење е дека имаат тенденција да се малку помазни од еквивалентнионт Cherry MX свич, што за многу ги прави дури и подобра опција. Покрај ова, неретко се и драстично поефтини. За жал, ретки се производителите кои користат Gateron свичеви во тастатурите, па обично завршуваат во рацете на ентузијасти кои ги прават тастатурите “од нула”.

Пред да навлеземе во четирите Gateron свичеви на кои ќе налетате, една работа треба да се напомене. И покрај тоа што свичевите се одлична опција, кај истите ќе најдете одредени варијации и отстапувања од спецификациите. Според Keychron, производител кој ги користи свичевите во нивните тастатури, Gateron свичевите можно е да имаат 0.6 милиметри отстапка во одот и точката на активација, како и 0.15 N отстапка во силата потребна за активација.

Извор: /u/hensonli28 / Reddit.com

Почнувајќи со линеарните модели, кај Gateron ќе најдете жолти и црвени свичеви. И едните и другите се тивки, имаат точка на активација на 2 милиметри, и вкупен од од 4 милиметри. Но, силата за активација кај црвените свичеви е 0.45 N, додека кај жолтите истата е 0.50 N, што ги прави малку потешки. Не треба да се заборават ни Clear свичевите, кои имаат екстремно лесна активација, барајќи сила од само 0.35 N.

Покрај нив, ги имаме и тактилните кафеави свичеви, кои како и линеарните, доаѓаат со 4 милиметри од и точка на активација на 2 милиметри. Силата потребна за да притиснете ваков свич е 0.55 N, што ги прави малку потешки од нивниот Cherry MX еквивалент.

Слична ситуација имаме и кај синиот свич, со клик, кој има вкупен од од 4 милиметри, а точката на активација е на 2.3 милиметри. Истите, како и кафеавите, се малку потешки од Cherry MX сините и бараат сила од 0.60 N за активација. Доколку барате уште потешка варијанта, тука се и зелените свичеви кои бараат сила од 0.80 N за активација.

Kailh

Иако Gateron во моментов се попознати, всушност првите клонови на Cherry MX се Kailh свичевите, кои се производство на Kaihua Electronics. Истите се произведуваат од 2009 година, и во првите неколку години истите се сметаа за лоши копии на Cherry MX. Работите малку се променија откако почнаа соработка со Razer за нивните Razer свичеви, и во минативе неколку години Kailh свичевите и не се толку лоша опција. Покрај традиционалните опции кои ги имаат, во моментов ќе најдете и Kailh Speed, Kailh Box и Kailh Low Profile свичеви.

Kailh се познати и по проблемот со толеранцијата на оската на нивните Box свичеви. Наместо да е 1.3 милиметри, истата беше 1.32 милиметри, што предизвикуваше капачињата кои се ставени на таквиот свич да напукнат поради дополнителниот притисок. Не само што свичевите беа неупотребливи откако се дозна за ова, туку и многу купувачи останаа со скапи, скршени капачиња кои немаа начин да ги поправат. Секако, по ова, Kailh го средија производствениот процес и ова е поправено.

Извор: /u/mindsound / Reddit.com

Токму Kailh Box свичевите се и најпопуларната опција од овој производител. Поради кутијата која ја опкружува оската, имаат IP56 рејтинг кој ги штити од вода и прашина. Доаѓаат во четири варијанти – црвени, кафеави, бели и црни. Боите се еквивалентни со боите кај Cherry MX свичевите, со таа разлика што овде белите се свичеви со клик. Сите имаат вкупен од од 3.6 милиметри и точка на активација на 1.8 милиметри. Разликата е во силата која е потребназа активација – кај црните и кафеавите истата е 0.60 N, додека кај белите е 0.55 N, а кај црвените 0.45 N.  

Kailh Speed се уште една варијанта која е многу популарна кај ентузијастите, а ги има во четири бои – Silver, Copper, Bronze и Gold. Kailh Speed Silver се многу слични како Cherry MX Speed Silver кои ги дискутиравме погоре. Бараат само 0.40N за активација, имаат вкупен од од само 3.5 милиметри, а точката на активација е 1.1 милиметар, што ги прави одлични за играње. Copper е тактилен свич, со исти спецификации како и Speed Silver, со таа разлика што има и тактилна точка на 0.50 N. Bronze и Gold се свичеви со клик. И едниот и другиот бараат сила од 0.50 N, имаат тактилна точка која бара 0.60 N, и имаат вкупен од од 3.5 милиметри. Разликата е што Gold има точка на активација на 1.4 милиметри, додека кај Bronze истата е на 1.1 милиметар.  

Не треба да се заборават и “обичните” Kailh свичеви – сините, кафеавите и црвените. Боите соодветсвуваат со боите кај Cherry MX свичевите, но има мали варијации. Интересно е да се знае и дека кај Kailh ќе налетате и на други модели, како на пример Kailh Pro, Kailh Box Heavy, Kailh Box Thick, како и варијанти на некои од нив направени во соработка со NovelKeys, но гореспоменатите се оние кои најчесто се користат.

Outemu

За крај, Outemu свичевите се ефтини Cherry клонови на кои ќе налетате прилично често при купување на поефтина механичка тастатура локално. Истите, според многу, се прилично блиску до Cherry MX, а доаѓаат и во основните четири бои кои се соодветни со боите кај Cherry MX – црни, црвени, сини и кафеави.

Извор: /u/hbheroinbob / Reddit.com

Покрај ова, тука се и Purple и Purple ICE тактилните свичеви, како и Teal свичевите со клик, и Outemu Sky кои се неверојатно мазна тактилна опција. Purple бараат 0.62 N сила за активација, додека кај Purple ICE имате избор помеѓу 0.62 N или 0.68 N. Teal свичевите се прилично тешки и бараат 0.80 N за активација, додека Sky повторно ви дава избор помеѓу 0.62 N и 0.68 N.

Неколку збора за крај

Со оглед на огромниот број на опции кои постојат во моментов, невозможно е да се покријат сите во еден текст (или неколку). Иако подоцна ќе се навратиме на некои помалку популарни опции, во наредниот текст продолжуваме со капачиња.

2 коментари на “Механички тастатури – Прекинувачи

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии