Механички тастатури – Што се, и во какви големини ги има?

Со оглед на фактот дека истите повеќе не се толку скапи, и ги има во сé поголем број, механичките тастатури се интересна тема за дискусија. Покрај фактот што имаат неколку важни предности пред обичните кои користат мембрана, кај истите има огромен број на варијации, од самата големина на тастатурите, до тоа од какви компоненти се направени.

За таа цел, во серија текстови ќе се потрудиме да ги објасниме најважните аспекти кај истите. Ќе почнеме со краток вовед за нив и во какви големини ги има, а во наредните текстови ќе дискутираме за прекинувачи (свичеви), капачиња, подмачкување, handwiring, и за тоа што сé може да набавите локално.

Што се механички тастатури?

За подобро да разберете што всушност се механички тастатури, прво треба да се знае како функционираат обичните тастатури. Тие имаат гумена мембрана која оди од едниот крај на тастатурата, до другиот. Во мембраната е испечатен елемент кој го затвора електричното коло кога ќе притиснете на копче, и испраќа сигнал до компјутерот за тоа кое копче сте го притиснале. Со оглед на тоа дека има само една мембрана и електрично коло под неа, ваквите тастатури се релативно ефтини за производство и продажба.

black and white computer keyboard

За разлика од ова, кај механичките тастатури има прекинувач (свич) под секое копче. Ваквиот свич го испраќа сигналот кога ќе го притиснете, веднаш, и се враќа во својата првобитна положба. Иако главната предност за многу е поубавото чувство кога пишувате, има и многу други придобивки со ваков тип на тастатура.

Кои се главните придобивки со механичка тастатура?

Како што спомнавме, една од најважните работи за многу луѓе, посебно оние кои работат или играат пред компјутер подолг период во текот на денот, е чувството на пишување на механичка тастатура. Истото е неспоредливо со обична тастатура, и е многу поудобно. Многу луѓе кои пробале механичка тастатура не се враќаат на мембрана.

Покрај ова, другата главна придобивка е трајноста на тастатурите. Не само што самите тастатури се често многу подобро изработени, туку и самите свичеви неретко можат да издржат преку 50 милиони активирања, што е многу.

Не смее да се заборави и нивото на персонализација кое го добивате со вакви тастатури. Истите се достапни изработени од најразлични материјали, од пластика до месинг, ги има во најразлични големини, може да одберете каков сакате свич и капачиња, а неретко има и дополнителни функционалности кои нема да ги најдете кај обична тастатура. Можете сами да си програмирате распоред на копчиња, кој не мора да е она на што сте навикнати и може да е нешто сосема поразлично.

black keyboard beside laptop

Исто така вреди и да се спомне N-key rollover. Сигурно сте забележале дека кај обична тастатура, доколку притиснете повеќе копчиња кои се физички блиску,  наеднаш, нешто што е честа ситуација при играње, имате проблем – некои од копчињата нема да се регистрираат. Механичките тастатури го немаат овој проблем, и може да притиснете повеќе копчиња без проблем.

За крај, одржувањето и чистењето на механичка тастатура е прилично лесна задача. Капачињата на кои притискате се вадат релативно лесно, и имате можност потемелно да ја исчистите тастатурата.

Секако, вреди и да се спомене единствената негативна работа кај механичките тастатури, а тоа е цената. Дури и најефтините модели кои се достапни се далеку од цените на ефтина обична тастатура, а тука е и фактот дека нема горна граница. Многу модели се достапни во многу ограничен број, што ја крева цената, а истата знае да изнесува и илјадници долари. Ова ќе му се види неразумно многу на било кој што ја гледа тастатурата како “само тастатура”, но кај ентузијастите е малку поинаку и некои од нив ќе најдат начин да ги оправдаат цените.

Во какви големини ги има?

Кога гледате обични тастатури, истите генерално доаѓаат во само една големина, која ги има сите копчиња кои ви се потреби. Кај механичките тастатури, тоа не е случајот, и може да одберете една од многуте големини кои ги има на пазарот.

Full-size (104 key)

Доколку не сте сигурни која големина би ви одговарала, или едноставно не сакате ништо да ви “фали” од таа гледна точка, веројатно full size тастатура е големината која ја барате. Во зависност од распоредот на копчињата, истите имаат околу 104 копчиња.

Post image
Извор: /u/cyberbay / Reddit.com

Алфанумеричките копчиња, стрелките и делот со бројки се физички разделени, а F копчињата се горе, над останатите. Ако често работите со бројки, ваквата големина е наједноставна токму поради делот со бројки десно, познат како numpad. Истиот ги содржи и најчесто користените математички операции и е прилично корисен во некои ситуации.

Оваа големина е исто така и една од најретко користените кај механичките тастатури. Доколку барате механичка тастатура за гејминг, numpad делот обично ви е непотребен и одзема простор кој инаку би можеле да го користите за полесно движење на глувчето. Ако сепак ви требаат сите копчиња, но сакате нешто покомпактно, наредната големина која ќе ја дискутираме е совршена за вас.

1800-Compact

Како што спомнавме, оваа големина е идеална ако ви требаат сите копчиња на тастатурата во покомпактна варијанта. Ова е добиено со поместување на стрелките под Ентер копчето, додека останатите копчиња од овој дел се над numpad-от, со што добивате тастатура која изгледа прилично уникатно. Доколку се решите за оваа големина, ќе треба да се навикнете на поинаквиот распоред на копчињата, но ова не би требало да претставува голем проблем.

Post image
Извор: /u/Amthe / Reddit.com

Tenkeyless

Веројатно најпопуларната и најчесто користена големина во моментов, tenkeyless (TKL) тастатурите не содржат numpad. Настрана од ова, ги имаат сите други копчиња, и истите се на нормалните позиции на кои би ги очекувале истите. Причината за популарноста е што не сите користат numpad, а ваквата големина не бара да се навикнувате на нова позиција на копчињата.

Извор: /u/Noticemenot / Reddit.com

Покрај ова, може значително да го доближите глувчето до вашата лева рака, што е многу поергономска позиција. Оваа големина доаѓа со 87 или 88 копчиња, и поради ова ќе ја сретнете и како 87% или 88%.

Ваквите тастатури се исто популарни и кај гејмери кои ја носат тастатурата со себе кога одат да играат надвор од дома, бидејќи не само што се покомпактни, туку се и полесни за носење. Многу од големите производители на механички тастатури имаат барем по една ваква како модел.

75%

Уште покомпактна варијанта од TKL е 75%. Ова е уште една популарна опција бидејќи губите многу малку копчиња споредено со TKL, а добивате значително покомпактна тастатура. Истото е постигнато со елиминирање на просторот помеѓу копчињата, што резултира во распоред на копчиња кој за некои е неудобен за користење. Секако, ова е индивидуално и работа на навика, па за некои ваквата големина е идеална.

Post image
Извор: /u/crykn / Reddit.com

65%

Ако не ви се потребни копчињата од F1 до F12, но сепак ви требаат стрелки, веројатно 65% е вистинската големина за вас. Ваквите тастатури се уште помали и покомпактни, а сепак се прилично удобни за користење. Недостатокот на копчиња е решен со втор слој, до кој имате пристап со Fn копче.

black computer keyboard on brown wooden table

Кај ваквите тастатури има малку варијација, при што некои тастатури ги “лепат” стрелките и останатите копчиња до алфанумеричкиот дел, додека останати ги оставаат настрана како посебен дел, слично со TKL тастатурите.

60%

После full size и TLK тастатурите, 60% е најпознатата и најчесто користена големина кај тастатурите. Покрај фактот што немаат numpad и дел со стрелки, кај истите фалат и копчињата од F1 до F12. Оваа големина не само што е многу компактна, туку е и релативно лесна, што ја прави фаворит за оние кои често ја земаат тастатурата со себе, било во канцеларија, или кога патуваат.  

Post image
Извор: /u/Carlos666Danger / Reddit.com

Како и кај 65% тастатурите, сите копчиња се достапни на вториот слој со Fn копче, но ваквата големина може да е малку потешка за навикнување. Секако, распоредот на копчињата на вториот слој често варира од производител до производител, но обично имате можност да ги репрограмирате копчињата како што ви одговара најмногу.

40%

И покрај фактот што има и уште помали тастатури, 40% за многу е најмалата употреблива големина за механичка тастатура. Истите имаат само букви и модификатори, а сите останати копчиња се достапни преку неколку дополнителни слоеви.

Post image
Извор: /u/ADonkeyTaboggan / Reddit.com

Ваквите тастатури не се многу популарни, и како такви нема многу компании кои ги продаваат. Ова значи дека ќе мора да склопите сами доколу вакво нешто е она што ви треба.

Tenkey и 5%

И покрај фактот што не се баш тастатури, и овие две големини ви се достапни доколку ви треба вакво нешто. Tenkey е всушност numpad кој може да го поврзете преку USB, и ви дава можност да го искомбинирате со TKL тастатура за да ги имате сите копчиња што ви се потребни, но да го ставите од левата страна на тастатурата и да имате повеќе простор за глувчето.

Post image
Извор: /u/Quietone3 / Reddit.com

5% големината е всушност позната како macropad, и содржи 6 до 8 копчиња кои може да ги програмирате да прават она што ви треба. Многу корисници ги купуваат за контрола на мултимедијални содржини, или за дополнителни макро копчиња при гејминг.

Во наредниот текст ќе дискутираме за свичеви, и ќе разговараме за најпознатите опции, како и оние кои се во моментов достапни кај нас.

2 коментари на “Механички тастатури – Што се, и во какви големини ги има?

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии