Механички тастатури – Капачиња

Веќе споменавме во текстот за прекинувачи дека тие се одговорни за тоа какво чувство има тастатурата кога пишувате на неа, како и звукот кој ќе го добиете. Но, покрај нив, има уште еден елемент кој има големо влијание овде, а тоа се капачињата.

Капачињата, кои ќе ги најдете како keycaps, се всушност допирната точка помеѓу вас и тастатурата, и лежат дирекно на прекинувачите. Истите, доколку го погледнете нивниот пресек, доаѓаат во неколку профили. Некои од нив се пониски, некои се повисоки, а има и различни агли, што влијае и на удобноста на самата тастатура, како и на звукот кој се создава кога ќе го притиснете прекинувачот.

За да ги разјасниме малку капачињата, ќе започнеме од тоа како се делат капачињата на една тастатура, па ќе продолжиме на профилите на кои може да налетате. Во наредниот текст ќе разговараме и за материјалите од кои се произведени, како и компатибилноста со различните прекинувачи и процесот на купување.

Поделба на капачињата на тастатурата

Кога ќе погледнете механичка тастатура, на неа веднаш се разликуваат два вида на капачиња. Едните се оние кои се користат за внес на букви, бројки и симболи, додека другите се користат за “модификации”, како на пример внесување на голема буква или внес на алтернативниот симбол на некоја од бројките. Покрај ова, ги имате и бројките и симболите кои се дел од numpad-от кој нема да го најдете на сите тастатури, како и дополнителни, не-стандардни капачиња.

Alphas (alphanumeric characters)

Како што кажува името, алфанумерички карактери, овој дел се всушност буквите и бројките кои ги гледате на тастатурата. Во зависност од тоа кои капачиња ги купувате, овој сет не секогаш ги содржи капачињата од F1 до F12 кои се наоѓаат над бројките на тастатурата. Ваквите капачиња се обично една “единица” големи, затоа што точно покриваат еден свич.

Mods (modifiers)

Овие капачиња всушност одат над копчињата кои се користат за “модификации”, како што спомнавме погоре. Пример за истите се Shift, Control, Caps Lock или Tab, а истите се обично поголеми од една единица. Под некои од нив, покрај свичот на кој лежат, се користат и стабилизатори за истите да не пропаѓаат подлабоко накај страните во споредба со средината, каде што лежи самиот прекинувач.

Arrow cluster

Во зависност од самиот сет и како го замислил дизајнерот, arrow cluster може да се однесува само на стрелките, но може и да се однесува на дополнителните копчиња кои се наоѓаат над стрелките, како на пример Insert, Home, End и останатите. Ова ќе го видите кога ќе ги купувате капачињата, но и овие се обично една единица големи, па доколку купите капачиња без симболи (blanks), може да искористите некои од алфанумеричките за овој дел од тастатурата.

Забелешка: Трите горенаведени делови од тастатурата, Alphas, Mods и Arrow Cluster, како и капачињата од F1 до F12, при купување ќе ги најдете како Base Kit.

Numpad

И овде името кажува многу, капачињата кои се дел од Numpad-от се всушност бројките кои стојат десно од стрелките, како и дополнителните симболи и копчиња кои спаѓаат во овој дел од тастатурата. Кога купувате капачиња, обично се купуваат како дополнителен дел.

Други дополнителни делови

Покрај Numpad делот, со некои сетови за капачиња ќе добиете и алтернативни опции за некои од капачињата, како и други дополнителни делови за некои поспецифични видови на тастатури. Еден популарен пример е кај Mods, при што некои дизајнери ќе ви дадат избор натписот на копчето да го идентификува копчето, како на пример Shift, или наместо натпис да добиете само симбол.

Покрај ова, некои сетови доаѓаат и со можност да купите повеќе Spacebar капачиња кои се во различни големини, во зависност од тоа каква е вашата тастатура. Од истата причина неретко се нудат и нестандардни капачиња, кои покриваат некои од копчињата за модификации. На пример, доколку сте купиле Cooler Master Quickfire TK, тастатура која до пред некое време беше достапна и кај нас, ќе забележите дека Alt и Control копчињата се поголеми од Windows копчето кое се наоѓа меѓу нив, нешто што не се смета за стандардно и бара дополнителни капачиња. За среќа, бар во светот на попознатите брендови, сé помалку се користат вакви нестандардни капачиња. Cooler Master Masterkeys Pro M, која е всушност обновената верзија на Quickfire TK, користи потполно стандардни капачиња и нема потреба за дополнителни сетови.

Извор: /u/superiorgorg30 / Reddit.com

За крај, често ќе налетате и на таканаречен Novelties Kit, што се всушност капачиња со различни големини кои доаѓаат со интересен дизајн кој се вклопува со целосниот сет. Овие капачиња не ви се потребни, но може да ги искористите за да смените некое од капачињата кое е со иста големина.

Капачињата се достапни во повеќе профили

Доколку се погледнат капачињата во пресек, ќе приметите дека не сите изгледаат исто. Ова многу влијае на тоа колку е удобна тастатурата за пишување, бидејќи различни профили исто така доаѓаат и со различна закривеност, неретко поради ергономија. Разлика има не само во закривеноста, туку и во висината. На пример, SA профилот на Signature Plastics според многу изгледа одлично, но е премногу висок за да е удобен, и многу корисници го избегнуваат, токму поради тоа. Кои се најпознатите профили на кои ќе налетате?

OEM

Доколку сте купиле некоја од механичките тастатури кои се достапни кај нас, огромни се шансите дека капачињата на неа се со OEM профил. Истиот се смета за стандарден профил кај тастатурите, и доаѓа со благо конкавна површина за полесно да се прилагоди на формата на вашиот прст. Различните редови доаѓаат со различни висини и агли, за поудобно искуство.

Cherry

Иако многу слични со OEM, Cherry капачињата доаѓаат со малку помала висина. Аглите се исто така поостри, освен кај R1 редот (Escape копче, и копчиња од F1 до F12) каде што аголот е всушност поумерен.

Извор: /u/misconceit / Reddit.com

Овие капачиња веројатно нема да ги најдете кај тастатурите кои се достапни кај нас, бидејќи се продаваат со тастатури кои се производство на Cherry брендот. Но, доколку купувате капачиња за вашата тастатура, убаво е да се знае дека капачињата кои се производство на GMK, една од најголемите компании за капачиња во моментов, доаѓаат токму во овој профил.

SA

SA е профил на Signature Plastics, една од најпопуларните компании кои произведуваат капачиња. Профилот се карактеризира со прилично голема висина и благо цилиндрична форма. Површината е конкавна за да се прилагоди на вашиот прст, освен кај Spacebar капачето, каде што има конвексна површина. Покрај ова, R1 редот е обично понизок од другите.

Извор: /u/zF_IndianaJones / Reddit.com

Доколку ги разгледате дизајните кои доаѓаат во овој профил, како и самиот профил, ќе видите дека всушност истите се направени да потсеќаат на ретро капачињата кои ги имало кај машините за пишување.

DSA

Уште еден профил кој е производство на Signature Plastics, DSA капачињата се значително пониски од SA. Карактеристично кај нив е што сите редови имаат идентичен агол и висина, и сите капачиња се конкавни, со исклучок на Spacebar капачето, кое што како и кај SA, е конвексно.

Извор: /u/MiToRMK / Reddit.com

Уште една карактеристична работа кај DSA е дизајнот на таканаречените homing keys, или капачињата кои одат на копчињата F и J. Овие капачиња се користат за полесно да го најдете централниот ред на тастатурата (home row), и кај повеќето профили, истите имаат мал повишен раб на долниот дел за да ги разликувате од другите без да гледате, како на пример при touch typing. Кај DSA го немате овој раб, но наместо тоа, овие две копчиња доаѓаат со многу поцилиндрична форма на површината, што прави да е скоро невозможно да ги промашите.

XDA

XDA капачињата се многу слични со DSA, најмногу во тоа што и тие се со идентична висина и агол. Но, споредено со DSA, имаат помалку агресивно закривување од врвот кон дното, што им дава малку поголема површина за допир на самите капачиња.

Извор: /u/Durational / Reddit.com

Останати профили

Ентузијастите ќе забележат дека профилите кои ги споменавме погоре се всушност само неколку од многуте кои постојат во моментов. Има профили кои не се повеќе во производство, како и профили кои се користеле само кај една одредена тастатура, како на пример капачињата на Apple AEK тастатурата. Но, не само што е невозможно да се покријат сите, туку и профилите кои ги наведовме горе се оние кои може да ги купите во моментов, без некои големи проблеми, што не важи за многу од останатите профили.

Во наредниот текст ќе се навратиме малку на прекинувачи, а потоа продолжуваме со уште една важна работа кај капачињата – материјалот и начинот на изработка. Покрај ова, ќе зборуваме и за компатибилноста со различните свичеви, како и процесот за купување кој е идентичен кај повеќето сетови капачиња.  

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии