Механички тастатури – Капачиња, втор дел

Иако во претходниот текст дискутиравме за различните профили кај капачињата, има уште неколку работи кои се прилично важни, и прават голема разлика кога станува збор за изборот на капачиња за вашата следна тастатура. За таа цел, продолжуваме со материјалите кои се користат за изработка на истите, како и компатибилноста со различните типови на прекинувачи, и начинот на кој може да купите некои од овие капачиња.

Изработка на капачињата

Кога станува збор за изработката, сите капачиња, со исклучок на некои ретки примероци како на пример алуминиумските Rama Wave R 01, се изработени од пластика. Но, не секаде се користи истата пластика, што резултира и со различни карактеристики кај капачињата. Покрај ова, кај капачињата кај кои има симболи или цртежи, има повеќе начини за изработка на истите, што исто така влијае врз квалитетот.

Материјал

Доколку разговараме за пластика, има две најпопуларни опции, PBT и ABS. Генерално, PBT капачињата се сметаат за подобра опција. Истите се поцврсти, поквалитетни, не ја губат бојата со тек на време, и не создаваат отсјај после подолготрајно користење. Секако, поради ова неретко истите се и поскапи.

Извор: /u/MiToRMK / Reddit.com

Од друга страна, ABS капачињата се поефтини за изработка, и често се потенки, поради што многу корисници ги избегнуваат. Пластиката е исто така и помека, па по некое време се појавува отсјај и се губи текстурата на самото капање. Вреди да се спомне и дека не сите ABS капачиња се исти. GMK Electronic Design, една од најпопуларните компании кога станува збор за капачиња, користат ABS пластика за своите капачиња поради тоа што симболите кај капачињата се поостри и изгледаат поубаво. Но и покрај тоа што е ABS пластика, процедурата на изработка на самите капачиња (double shot) за која ќе разговараме за момент, значи дека и покрај отсјајот кој несомнено ќе се појави, буквите и останатите карактери на капачето нема да избледат.

Покрај PBT и ABS, некои капачиња се изработени и од POM пластика. POM е всушност уште поквалитетна варијанта на PBT, но е прилично скапа, поради што не многу капачиња се изработени од истата.

Начин на изработка

Еднакво важен како и материјалот кој се користи кај капачето е и начинот на изработка. Првата поделба која е важна овде е дали капачето е направено од еден слој пластика, или два. Доколку е направено од два слоја пластика, имаме таканаречен double-shot injection molding. Овде, капачето добива два слоја, каде што долниот е во една боја, и истиот се гледа само кај натписот на самото капаче, а горниот е во друга боја, и го покрива останатиот дел од капачето. Поради ова, и покрај долготрајна употреба, натписот на капачето нема да избледи. Процесот е релативно скап, и затоа ќе го најдете кај поквалитетни капачиња,  како оние од GMK кои ги споменавме погоре. Со овој процес, доколку долниот слој е прозирен, ќе добиете делумно прозирни капачиња кои се користат кај тастатурите со позадинско осветлување.

Извор: /u/ripster55 / Reddit.com

Доколку капачето е направено од само еден слој пластика, имаме повеќе варијации околу тоа како е испишан натписот на самото капаче. Кај поефтините тастатури генерално се користи pad printing, или сито штампа, при што буквите или натписот буквално се печатат над празно, еднобојно капаче. Друга опција е sublimated dying, процес кој користи високи температури за да го “впише” натписот во капачето. Ваквата солуција често се користи кај некои PBT капачиња, со цел натписот на капачето да не се избрише пребрзо.

Последниот метод кој се користи е ласер. Кај ласерското печатење има три популарни методи. Првиот ја гори пластиката, притоа оставајќи црн натпис влдабнат во капачето. Ваквиот метод најчесто се користи кај белите капачиња. Вториот ја гори пластиката, но потоа вдлабнатиот натпис се полни со боја, и истиот најчесто се користи кај црни капачиња. И за крај, го имаме третиот метод, кој се користи кај капачињата кои се делумно прозирни поради позадинското осветлување. Овде, имаме прозирно капаче кое е покриено со црна боја, а потоа ласерот ја трга бојата каде што сакате да има натпис, при што позадинското осветлување го осветлува само натписот на капачето.

Извор: /u/Toxicxxfuzion / Reddit.com

Компатибилност со различните прекинувачи

Доколку се навратиме на текстот за прекинувачите, или свичеви, ќе видите дека сите опции кои ги спомнавме имаат една заедничка карактеристика, а тоа е врвот на свичот, или стемот. Овој тип на стем, кој се користи кај огромен број на свичеви, и изгледа како знакот плус, е познат како Cherry MX стем, поради тоа што токму ваквите свичеви првпат го искористиле истиот. Но, треба да се знае дека не сите тастатури го користат овој стем.

Друга популарна опција се и Topre свичевите, кои ги изоставивме во претходните текстови бидејќи истите не се механички, туку електростатски. Истите користат гумена мембрана и тенок федер кој прави контакт со колото долу, и на овој начин се регистрира дека сте притиснале одредено капаче. Повеќето Topre свичеви, како на пример оние кои се користат кај популарната Happy Hacking тастатура, всушност имаат кружен стем. На овој стем не можат да се користат капачиња кои се наменети за Cherry MX стем.

Извор: /u/ripster55 / Reddit.com

Интересна солуција на овој проблем претставија Cooler Master со нивната Novatouch TKL тастатура, која во кружниот стем внатре, стави и MX стем. Со ова, на тастатурата можат да се користат и капачиња кои се наменети за MX стем, и за Topre стем. Токму поради ова и многу ентузијасти го користат овој дел од свичот, познат како slider, од оваа тастатура, и го ставаат на друга Topre тастатура, со што добиваат одлична компатибилност со најразлични капачиња. На фотографијата погоре се гледа разликата помеѓу Topre slider (десно) и Novatouch TKL slider (лево).

Додека сме на темата, не треба да се заборават и помалку познатите Alps прекинувачи, кои многу ентузијасти ги користат, а исто така имаат свој карактеристичен стем на кој не одговараат многу сетови на капачиња.

Извор: /u/hectorduenas86 / Reddit.com

Истиот проблем го имаат и Logitech G тастатурите, кои ги има кај нас, а ги користат Romer G свичевите на Logitech. Дизајнот на стемот нема да го најдете кај ниедна друга тастатура, што значи дека со овие свичеви е практично невозможно да ставите друг сет капачиња кој не е од Logitech G тастатура. За среќа, се чини дека Logitech полека се враќаат на свичеви кои користат Cherry MX стем, што би го решило проблемот.

Како оди процесот на купување?

За жал, со огромен број на популарни и квалитетни сетови на капачиња, купувањето не е толку едноставно. Истите не се достапни за продажба како било кој друг типичен производ, туку функционираат преку group buys.

Ваквото купување овозможува дизајнерот и производителот да направат онолку комплети колку што има заинтересирани купувачи. Бидејќи дизајнерите се често оние кои ги продаваат капачињата, ова значи дека нема да им остане залиха која никој нема да ја купи, и на овој начин немаат загуба при продажбата.

Секако, ова значи дека доколку сте го промашиле организирањето на ваквото купување, единствен начин да добиете одреден сет, доколку истиот не се произведе пак, е да го купите од некој кој учествувал во купувањето. Ова често диктира цена драстично повисока од првичната, бидејќи на некој начин сите вакви капачиња се во ограничено издание.

Извор: /u/xerpocalypse / Reddit.com

Купувањето започнува со проверка на интерес кај купувачите. Дизајнерот обично користи медиуми како Reddit или Deskthority за да го објави својот дизајн и да види дали и колку купувачи би биле заинтересирани да го купат. Со оглед на тоа дека заедницата на ентузијасти кои можат да си дозволат скапи капачиња и не е толку голема, ова му дава можност да процени дали воопшто вреди конкретниот сет да се произведе, или не.

Доколку има доволен интерес, дизајнерите влегуваат во преговори со производителите. Најголемите производители се GMK Electronic Design, кои ги споменавме погоре, и Signature Plastics, кои ги споменавме во претходниот текст. Покрај нив, има и некои производители кои се поефтини, и помалку познати. Од преговорите, дизајнерот на капачињата добива MOQ (minimum order quantity), што е број на сетови кои мора да се произведат за да се постигне договорената цена доколку капачињата влезат во производство.

Дизајнерите потоа го започнуваат процесот на купување, при што купувачите однапред плаќаат за сетовите кои им требаат. Кога group buy процесот ќе заврши, дизајнерот точно знае колку сетови треба да порача за да не останат непродадени и да има загуба.

Извор: /u/Rensuya / Reddit.com

Овде почнува делот кој многу ентузијасти го мразат, а тоа е чекањето. Откако дизајнерот ќе ги нарача капачињата, до моментот кога тие ќе стигнат кај купувачите, неретко поминуваат и неколку месеци. Не само што процесот на правење прототипи е долг, туку тука е и производството, па испраќањето на капачињата од производителот до дизајнерот кој ги продава, па на крај испраќањето од дизајнерот до крајниот купувач. Секако, како краен купувач, вам ви останува само да чекате.

Доколку сакате да го избегнете ова, единствена солуција ви е да купите капачиња кои веќе се произведени. Опција ви се на пример WASD Keyboards, кои ви даваат можност да направите свој дизајн за капачињата, како и многуте продавачи на eBay и AliExpress кои често продаваат и реплики со дизајн сличен на популарни сетови од поквалитетни произведувачи.

Неколку збора за крај

Иако за сите работи кои ги опкружуваат капачињата, од профили, до компатибилност со свичеви и начини за купување, постојат огромен број на опции, во овие два текста се обидовме да ги покриеме најпопуларните, како и оние кои би можеле (на полесен или потежок начин) да ги добиете и кај нас. Во наредниот дел продолжуваме со изработка на custom тастатури, и ќе разговараме за различните компоненти кои ви требаат за истите.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии