Македонија ќе добие дигитален доказ за идентитет преку Mastercard ID

Image Courtesy of Mastercard

Мобилните уреди наскоро ќе може да се користат за идентификација на граѓаните. Ова ќе овозможи лицата кои ќе потпишуваат договори да не мора да бидат физички присутни на локациите на кои се потпишуваат договорите, наместо тоа, ќе можат да го докажат својот идентитет со камерата на паметните телефони. Телефоните како доказ за идентитет ќе може да се користат за склучување договори за платежни картички, кориснички договори со телекомуникациски оператори или при добивање јавни услуги. Ова ќе овозможи потпишување на договор во Македонија без разлика во кој дел од светот корисникот се наоѓа.

Партнер на владата за креирање на услугата за дигитална идентификација е Mastercard. Компанијата веќе има вакво решение и ќе треба само да го локализираат за потребите на македонските компании и граѓани.

Почнувајќи од земјава, имаме можност да изградиме хаб за дигитална иновација, со воведување на услуги поврзани со дигитален идентитет и доверливи услуги кои се прифатени на локално, регионално и глобално ниво. Планираме брзо да се движиме и да ја претвориме таквата иднина во реалност во 2020 година. И тоа ќе го направиме на правилниот начин, на начин со кој се обезбедува дека луѓето имаат ефектен и доверлив начин на интеракција со дигиталните служби, при што корисникот има контрола врз своите податоци со сигурност, приватност и доверба.

Сметаме дека почетните услуги ќе бидат едноставни, како, на пример, подобрување на процесот на верификација на вашиот идентитет при отворање на дигитална или онлајн сметка во банка. Или, верификација на вашиот идентитет заради купување нова „припејд“ или „постпејд“ сим-картичка, или, пак, заради интеракција со е-Владата – вели Чарлс Волтон, заменик претседател на Mastercard за дигитален идентитет.

Фотографија од најавата на оваа услуга од страна на МИОА и Министерството за финансии

Државата ова решение ќе го добие бесплатно, а Mastercard проценува дека нивната инвестиција е околу 3 милиони евра. Првите 150 000 корисници на uslugi.gov.mk ќе добијат по 5 бесплатни дигитални потпишувања. Засега не е официјално објавено колку оваа услуга ќе ги чини граѓаните во иднина.

Mastercard нема да биде единствено решение туку само ќе ја воспостават новата технологија. Веќе е формирана работна група со претставници од министерствата.

Придобивки има многу, но и предизвици и ризици. За успешна реализација на еден ваков проект потребна е силна меѓусекторска соработка, волја за промени, градење на свеста и капацитетите пред се кај администарцијата и јакнење на дигиталните вештини кај населението. Дали едно решение ќе биде прифатено зависи од тоа колку тоа е лесно за користење, вели министерката за финансии Нина Ангеловска.

Mastercard и претставниците на владата ветуваат безбедно и доверливо решение. Сепак друштвените мрежи веќе започнаа критики за дигиталната идентификација. Како главна опасност се наведува опасноста од пропусти кои би креирале поголема опасност за корисниците.

Mastercard ID

Mastercard официјално објави дека работи на децентрализирано, глобално и универзално решение за дигитална идентификација во декември 2018 година. Практично во објавата тогаш ги потенцираа сите можности кои денес се најавени за македонските граѓани, и некои дополнителни кои сега не беа, на пример финансиски трансакции, владини интеракции или други онлајн сервиси.

Сепак во време во кое безбедноста на личните податоци е од исклучително значење веројатно најважното прашање за системот кој потенцијално ќе го користат сите во Македонија е колку е безбеден.

Со системот на Mastercard не постои централно место на кое се чуваат податоците на корисниците, туку сите податоци се чуваат локално на паметните уреди. На овие податоци од телефоните на корисниците им се додаваат и дополнителни податоци, на пример од банките или од различни државни агенции.

Технологијата која ја користи Mastercard се базира на „zero-knowledge proof“. Практично треба да биде доказ за некое тврдење без на страната на која и е потребен овој доказ да и обезбеди било каков показател кој би го потврдил ова тврдење.

На пример, универзалната лична карта може да овозможи некој да докаже дека е доволно возрасен за да купи алкохол според законите на одредена земја, без да ја сподели возраста на купувачот. Или би можело да се користи за да докаже дека корисниците поседуваат валиден пасош што ги исполнува поставените услови без хотелот да има потреба да го види и чува нивниот број на пасош, вели Wired.

Како функционира системот

Корисникот иницира креирање на нов Mastercard ID за користење во некоја институција, пример банка или државна агенција. Во оваа институција веќе постојат лични податоци за корисникот, и организацијата започнува да ги спојува овие податоци во „податочен колаж“ (data collage). Во овој пакет може да се додаваат и дополнителни податоци како лична карта, пасош, возачка дозвола и слично. По скенирањето со апликација овие документи стануваат дел од ID-токенот.

На крајот цел пакет податоци со кој се идентификува корисникот се префрла на неговиот телефон, и е своевиден токен за потврда на идентитетот на корисникот.

Овој токен не содржи никакви податоци од документите со кои е креиран, на пример „број на лична карта“, „пасош“, „единствен матичен број“ и слично.

Дури ни Mastercard не ги чува овие податоци кај себе.

Естонија веќе има ваков систем

Веројатно не е никакво изненадување дека државата која е лидер на полето на дигитална трансформација, веќе поседува слична технологија. Со Mobile ID Естонците можат да пристапат до различни сервиси. Со кодот PIN1 добиваат пристап веб-портали на банките, на приватни и јавни дигитални услуги, како портали за недвижности, даночна агенција, регистрација на компанија и слично.

PIN2 се користи за плаќање во банка, онлајн гласање на избори и за склучување на договори.

Ова решение секако е поинакво од она кое го има Mastercard, а PIN1 и PIN2 се користат како дополнителен степен за безбедност.


Креирањето на систем за дигитална идентификација треба да помогне да се надминат низа проблеми кои постојат во моментов. Потребата од систем кој нема да биде самиот опасност ако биде пробиен од сајбер напаѓачи е евидентна. Дополнително тука е и проблемот со луѓето кои не поседуваат никакви документи за идентификација со што немаат никаква можност за приклучување во финансиските, здравствените, граѓанските и дигиталните системи.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии