Ја тестиравме затворената бета на GOG Galaxy

И додека војната на клиентите се заканува да ја достигне критичната точка, GOG се труди да ги смири страстите и да поврати дел од душевниот мир на секојдневниот гејмер. Втората верзија на нивниот клиент, GOG Galaxy, ги обединува сите клиенти и ги постројува од една, појдовна точка. Клиентот е се уште во затворена бета, но, некако имавме среќа да добиеме пристап и да видиме за што се работи. Со оглед на тоа дека сликите вредат илјада зборови, се одлучивме за малку посликовит преглед.

Првите впечатоци се исклучително важни, а GOG Galaxy успеа да нè освои со елегантниот дизајн и ефикасна распределба на елементите уште на самиот почеток.

При стартување на клиентот, првото нешто што се препорачува е да ги поврзете акаунтите од другите клиенти со акаунтот на GOG Galaxy. Процедурата е крајно едноставна и се состои од внесување на корисничкото име и лозинката за соодветниот клиент. Доколку на некој клиент имате многу игри, вчитувањето знае да потрае исклучително долго време (зборуваме за доволно време да испиете три кафиња)

Поголемиот дел од игрите во библиотеката имаат одредена слика, но со некои од нив не е тоа случајот и ќе мора самите да ги засукате ракавите (види скриншот подоле). Исклучително нѝ се допадна тоа што можеме да одбереме одреден жанр и листата да се освежи со игри кои припаѓаат на тој тип игра. Во поглед на дополнителни филтрирања, можете да прикажувате игри во зависност од клиентот (Battle.net или Epic), во зависност од оперативниот систем (Windows, Linux, maxOS), или во зависност од тоа дали ги имате инсталирано, или не.

За играње некоја игра која ја имате, да кажеме на Steam, потребно е да го имате инсталирано и покренато Steam. Откако ќе ја лансирате играта преку GOG Galaxy, инстантно започнувате со преигрување, без да шетате од еден до друг клиент.

За секоја игра имате посебна страна, преку која може да прочитате краток опис за неа, како и да прегледате трејлери, демо прикази и скриншотови. Особено сме задоволни од овој оддел затоа што со еден клик можете подетално да се запознаеме со играта, нешто што не е случајот со Steam, каде се скока од една на друга страна за да се дојде до саканата информација.

За секоја игра можете да го смените името, да ја оцените со до пет ѕвезди, како и да ја смените сликата која ја претставува.

Исклучително тажно без пријатели. Сè што треба да направите за да го промените тоа е да го внесете и-мејлот или корисничкото име на некој ваш пријател и да почекате поканата да биде прифатена. Потоа, шпионирањето низ листата со активности може да започне!

Во склоп на GOG Galaxy ја имате и продавницата. Функционалноста е потполно иста како и при работа преку прелистувач.

Во исклучително ретки ситуации, се случуваше клиентот да замрзне.

Не бевме преголеми фанови и на константното, минутно вчитување при секое првичното вклучување на GOG Galaxy.

Кога ќе се земе сè во предвид, исклучително сме задоволни од релативно стабилната работа и моќните можности на GOG Galaxy. Клиентот стана нашата прва дестинација за сите наши потреби и не можеме да дочекаме да видиме во кој правец понатаму ќе се развива.

Кое е вашето мислење? Кажете нѝ во коментарите!

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии