Војната на клиентите и падот на Steam

Подемот на џинот

Порано, работите се чинеа крајно едноставни. Купувавте игра на CD, ја инсталиравте и ја игравте. Кога сакавте и како сакавте. Со напредокот на технологијата и желбата за иновација и поголем профит за компаниите, ситуацијата почна да се менува. Valve, компанијата зад феноменалните серијали како Half-Life и Counter Strike, отвори продавница и клиент кој беше исмејуван до бесвест. Купување лиценци и претплати за дигитални игри, кои моравте првин да ги преземете, па потоа да ги играте преку еден нестабилен клиент? На времето, концептот беше крајно чуден и, за многумина, неприфатлив. Но, Valve истраја во замислата, а, полека, најголемите издавачки имиња ја поддржаа платформата и ги пласираа нивните наслови. За таквата чест, Valve бараше 30% од севкупните продажби кои ќе се направат преку нивната продавница и клиент – Steam. Доколку играта има интегрирано микротрансакции – тогаш 30% одат кај Valve и за таквите зделки. Долго време, никој не се бунеше против ова; често и читавме како се величи ваквата фер политика. Имено, девелоперите прават игра и потоа ја предаваат во рацете на трета компанија која, за 30% од заработките, го средува целиот пласман и создава идеални можности за играње. Како неочекуван бонус, Steam нуди и соодветна социјализација и информираност преку дополнителни алатки кои се дел од клиентот. Како поминуваше времето, така поголемите издавачи гледаа во бројките и забележуваа исклучително интересна работа: Valve ја освои гејмерската популации со предностите на дигиталниот гејминг и, за возврат, почна да се дави во пари. Дигиталниот фронт стана непресушен извор на огромна профитабилност. Tогаш, работите почнаа да се менуваат.

Летот на Икар

Во време кога Steam пали и жари на сите фронтови, сѐ уште никој не се осмелува за директно соочување. Ubisoft произлегоа со нивен клиент, но и понатаму продолжуваа со продавање на нивните игри на Steam. Подоцна, полека почнаа да го наметнуваат нивниот клиент, дури и да ја купевте играта од Steam. Па така, гејмерите почнаа да се наоѓаат во исклучително парадоксална ситуација каде купуваат и преземаат игра од Steam, но за да ја играат истата, мораат првин задолжително да инсталираат и Uplay. Во меѓувреме, издавачите EA почнаа да ги задеваат гејмерите со нивниот клиент Origin и да дозволуваат сите игри кои ги имате купено од овој издавач на Steam, бесплатно да можете да ги активирате на Origin. Така и авторот на овој текст беше вовлечен во секојдневна употреба на Origin. Одеднаш, на стабилен клиент ги активиравме титаните како Crysis, Dead Space, Mass Effect, и Dragon Age. Нашaта The Sims 3 игра и трите експанзии кои ги имавме на Steam можеа без проблем да се активираат на Origin. Ова беше возбудливо! Некако нѝ се допаѓаше идејата што не се сите јајца во една кошница и што имавме понудено алтернатива. И потоа се случи нешто крајно интересно. Origin почна да ги продава преостанатите проширувања и пакети со огромни попусти, нешто што не беше случајот на Steam. Сакајќи да поминеме значително поевтино, останатите експанзии и пакети ги купивме преку Origin. Во наредните неколку години, забележувавме како проширувањата често се продаваа со попусти на Origin, но, не и на Steam. Дополнително, Origin, за разлика од Steam, често беше дарежлив и подаруваше бројни игри на гејмерите. На друг фронт, CD Projekt Red почна да ја продава нивната ултрапопуларна игра The Wither 3 на нивната продавница во долари и, секогаш, неколку дена пред каква било продажба на Steam. The Witcher 3 се продаваше на Steam во евра, што е поскапо, а и со неколку дневно задоцнување. На трет фронт, ЕА водеше значително поагресивни кампањи. Mass Effect 3, Dead Space 3, Battlefield 3, Dragon Age: Inquisition и еден куп наслови станаа игри само за Origin и, ако сакавте да ги играте, моравте да го инсталирате овој клиент.

Првите чекори беа направени.

Издавачите полека почнаа да се освестуваат дека Steam не е семоќен и дека не е фер тој да зема ненормални 30% од целиот профит. Одеднаш, се најдовме во ситуација каде просечниот гејмер има по три клиенти на неговиот компјутер. Но, го немаше истиот отпор кон клиентите како со тој на Valve. Во ситуација со Origin, често наидувавме на постови кои тврдеа дека доколку имате инсталирано Origin, перформансите на игрите се подобри. Апсурдно или не, луѓето станаа во ред со клиентите. Но, овој меч излезе дека е меч со две сечила.

Битка на титаните

Идните наслови на Call of Duty серијалот се повлекуваат од Steam и се пласираат само на клиентот Battle.net.

GOG охрабрува преземање и играње игри на нивниот клиент Galaxy.

За игрите на Ubisoft треба uPlay.

За најновата Anthem треба Origin.

За Twitch Prime претплатниците мора клиентот Twitch.

За Fallout 76 и, најверојатно Rage 2, треба Bethesda клиент.

За Discord претплатниците мора Discord.

За гејмерот треба лексилиум.

Се наоѓаме во ситуација каде секој клиент има нешто да понуди и едноставно мора да ги имате повеќето на вашиот компјутер. GOG продава игри без DRM заштита, а преку GOG connect ви дозволува бесплатно да добиете DRM-Free копии за одредени игри кои сте ги купиле на Steam. Нивниот клиент, Galaxy, не е задолжителен, но е значително постабилен и пофлексибилен за преземање игри, а и има солидни можности за социјализација.

Origin стана феноменален, не само за играње игри, туку и за претплата на игри. За 25 евра, добивате годишен пристап до 165 исклучително квалитетни игри и 10% попуст низ целата продавница. Доколку сте претплатите на Premier, добивате пристап и до сите најнови игри кои ќе излезат од овој издавач.

Uplay гледа да ве вовлече во целата мрежа со добивање достигнувања, освојување поени и добивање дополнителни работи за вашите игри кои не можете да ги добиете на друг начин. Паралелно со ова, ви дозволува да ги конвертирате поените и да извлечете ваучер со 20% попуст на која било игра.

Twitch Prime даваше по неколку клучеви за игри кои ги регистриравте на Steam. Сега игрите ги регистрирате, преземате и играте само преку нивниот клиент. Би било штета да не го користите затоа што секој месец добивате повеќе од одлични игри за исклучително ниска цена.

Steam почна да забележува дека му се загрозува престојот на тронот и почна да го менува тонот на песната, особено откако Discord објави дека игрите кои ќе одат преку тој клиент ќе замаат значително поголем дел од колачот. Па така, од октомври 2018 година, компанијата реши да „наградува“ одредени девелопери доколку направат зашеметувачко висок профит на платформата. Имено, ако некоја игра спечали над 10 милиони долари, Valve ќе зема само 25% од заработките. Ако играта заработи над 50 милиони долари, тогаш Valve ќе дозволи издавачот да повлече 80% од средствата. Во ваквата математика не е вклучена само основната игра, туку и сите додатоци и микротрансакции за еден наслов. Ова, претпоставувате, апсолутно не е доволно и само ја разлути огромната инди сцена која знае дека ваквите бројки се невозможни за остварување. Одеднаш, на Steam почна да се гледа како на одвратно корпоративно чудовиште кое е слепо за сè освен профит.

За сето ова време, една компанија внимателно ја набљудува целата индустрија и препознава дека ова е вистинскиот момент за ултимативен напад.

Кралот е мртов, да живее кралот

Epic нападна брзо, неочекувано, и немилосрдно. И Epic Store започна со продавање игри, но со една огромна разлика. 88% од севкупните продажби ќе одат во чебот на девелоперите, а Epic ќе задржува само 12%. Гејмерската индустрија го прифати ова како оаза во огромна пустина и инстантно почна да му го врти грбот на Steam. За кратко време, почнавме да забележуваме како многу игри, или целосно се повлекуваат од Steam, или пак ги одложуваат нивните официјални датуми за излегување на таа платформа (повеќе на оваа тема пишувавме тука). Запрепастувачка е брзината со која се поттисна Steam, на сметка на Epic. По првпат во историјата, Ubisoft се изјасни дека нивната игра The Division 2 нема да излезе на Steam, туку само на Epic и на uPlay. Но, не се среќни само развојните и издавачките студиа, туку и самите гејмери кои ќе добијат 24 бесплатни игри (по две игри месечно, низ првата година од постоењето на продавницата). Игрите, погодувате, можете да ги играте само на Epic.

Моментно се наоѓаме во ситуација каде ни требаат исклучително многу клиенти, исклучително многу акаунти и исклучително многу трпеливост, сè со цел да се собере дел од профитот кој му припаѓаше на Steam. Се наоѓаме на праг на нешто исклучително парадоксално и ризикуваме да ја задавиме крајно флексибилната PC платформа во низа од слоеви на екслузивност кои, до одредена мера, беа карактеристични само за конзолите. Ако порано беше достигнување да се објави игра на Steam, сега таквото нешто важи за Epic. Дефинитивно загрижува и тоа што многу наслови се ексклузивни само за Epic. На некој начин, од сево ова, ултимативните победници се првенствено самите девелопери, односно издавачи. На сметка на ова, гејмерот би можел да забележи побројни и поквалитетни наслови во иднина, но шансите се дека само ќе биде исфрустриран од констатното шетање од еден клиент на друг и секојдневната побарувачка за ресурси помеѓу клиентите.

Што се однесува до самиот Steam, па далеку од тоа да е мртов, но тронот повеќе не е само негов. Тешко е да се поверува дека ќе може да се најде во истата ситуација во која беше со години, но можно е да примени одредени мерки кои би биле пофлексибилни, а, со тоа, и попримамливи и за оние што ги прават игрите, и за оние што ги играат.

4 коментари на “Војната на клиентите и падот на Steam

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии