Интервју со Пер Ерик Персон, бизнис тренер на најголемите шведски компании меѓу кои и IKEA

Во изминативе години Шведска несомнено станува глобална сила во ИТ индустријата со стартапи кои постигнаа светски успех, како Spotify, Minecraft, Skype и многу други. Во 2018 година Шведска беше втора, после Силиконската долина по бројот на еднорог компании (мулти билионски компании) по глава на жител. Според информации од OECD, Шведска има 20 стартапи на 1 000 вработени, во споредба со САД каде има 5 стартапи на 1 000 вработени. Шведска несомнено е и предводник во Скандинавскиот регион. Финтек компаниите од Шведска добиле 75% од вкупниот капитал кој бил инвестиран во финтек компании во Скандинавските земји. Но, на што се должи успехот на овие компании?

Минатата недела се одржа првиото издание на Startup Grind за оваа година. Токму таму го запознавме Пер Ерик Персон кој зборуваше на тема “Скандинавското лидерство, клучот на успешните стартапи”. Пер Ерик има искуство во основање на стартапи и е бизнис тренер на едни од најголемите шведски компании како IKEA и ÅF.

За тајната состојка зад успехот на шведските компании го прашавме токму него.

Претставете се на нашите читатели, кој е Пер Ерик  и што работи? 🙂

Јас обучувам лидери и се фокусирам на менаџери и тимови. Страстен сум за комуникација и достигнување меѓусебно разбирање. Живеам во Шведска со моите две деца и жена. Мојата мајка е од Колумбија, што допринесува до имање надворешна перспектива за шведската култура.

Со години, скандинавците се едни од главните двигатели на иновација. Компании како IKEA, Spotify, Skype, Mojang и многу други не само што имаат достигнато глобален успех туку и успеале целосно да го сменат полето во кое работат. Зошто мислите дека тоа е така? Кој е нивниот рецепт за успех?

Шведска има долга историја со компании кои имаат достигнато меѓународно признание. Alfa Laval, Tetra Pak, Electrolux, SKF, Ericsson и Trelleborg се само неколку такви компании. Верувам дека ова има допринесено до развивање соодветна свест за тоа како да се достигне глобално признание. Шведска неуморно инвестира во дигиталната инфраструктура и во програми кои стимулираат желба за сопственост на PC уште на самиот почеток. Дополнително, Швеѓаните се крајно амбициозни, а нивните лидерски способности се исклучително демократски. Бидејќи Швеѓаните бараат хармонија и се спремни за компромиси, верувам дека имаме изнајдено успешен начин за работа со клиентите и за овозможување отворени, внатрешни клими кои се привлечни за талентираните лица кои бараат работа. Шведските компании се одликуваат со култура која се заснова на дарежливост, во многу ситуации, компаниите ги поставуваат стандардите за еднакви можности и позитивни работни услови. Ова овозможува безбедна средина која им дозволува на вработените да напредуваат.

Според вас, што мислите дека поттикнува иновација на работното место?

Амбиција и спремност за пораз. Амбиција затоа што потребно е нешто да ве турка, порив да се подобрат работите. Отвореноста за грешки ви дозволува да преземате ризици без да бидете сигурни за нивниот резултат. Ова е нешто со што Ингвар Кампрад (основоположникот на IKEA) ги запозна неговите вработени. Иновација произлегува од желба и смелост. Дружељубивост е исклучително важен услов во една компанија, како и психолошко безбедна околина. Лидерите треба да понудат безбедност преку сочувство и доверба. Но, за правилен и продуктивен напредок, лидерите треба и да ја охрабрат спремноста за ризикување и брутално искрено сервирање повратни информации.

Според едно истражување на Gallup, од 7500 вработени, 23% се изјасниле дека често или скоро секогаш се чувствуваат преработено (burned out), а дополнителни 44% сметаат дека само понекогаш се чувствуваат исцрпено. Дали вие некогаш сте се чувствувале така? Како се вие лично справувате со тоа или со некој вработен кој е во слична ситуација?

Сум имал два поголеми судири со ѕидот, како што имаме обичај да велиме за таквата преработеност во Шведска. Првата таква ситуација беше на осумнаесет годишна возраст каде, покрај студирање, 50% од времето ми одеше и на работа како лидер на проект за општината. Докторот ми даде сериозен совет и, благодарение на тоа, успеав да го сменам мојот начин на живот, начин на размислување и начинот на исхраната. Ваквата комбинација ми помогна да извлечам подобар баланс.

Вториот момент на крајна презаситеност беше пред шест години, кога бев одговорен за огромен ИТ проект, а немав соодветна поддршка. За среќа, во моменти на криза, се водев по мудрите зборови на татко ми кој често велеше дека свеќата не се пали од двете страни. По период на несоници и хаос во главата, сфатив дека ми треба помош и резервирав состанок со доктор и психолог. Ваквата одлука произлезе дека е на место, затоа што навистина ме спаси. Знам за многу други кои едноставно прифаќаат дека не можат да спијат и, како резултат, се доведуваат до степен на целосна истоштеност. Јас го немам достигнато таквото дно, моето обновување беше брзо, а проблемите изолирани во работниот простор. Вторава криза целосно ме разбуди, ми помогна да сфатам дека не сум среќен и ме принуди да се залагам за кариерата во која сега уживам.

Некои од менаџерите кои ги тренирам чекорат на исклучително тенка линија и се мачат со балансирање на работите. Тие често ги жртвуваат нивните потреби и стануваат глуви на сигналите на телото. Се трудам да им помогнам да разберат дека не можат да направат ништо сè додека не ги намират потребите на телото. Се работи за слична ситуација како кога сте во авион. Имено, ја ставате маската прво на вас, па потоа на останатите, дури и да се работи за вашето сопствено дете.

Времето во кое живееме многумина го нарекуваат ера на четвртата индустриска револуција, одбележана од нови технолошки откритија во бројни полиња, не исклучувајќи ја роботиката, вештачката интелигенција, нано технологијата, квантните пресмeтки, интернетот на нештата, и слично. Ова, исто така, бара од вработените да се здобијат со нови вештини со кои би можеле повеќе да бидат вреднувани на пазарот за работа. Кои мислите дека се вештините на иднината и како некој би можел да се здобие со нив?

Мене ме потсетува сево ова на време на човечката интелигенција каде, доколку сакате да напредувате, ви треба исклучително флексибилно размислување. Промените се значително побрзи од порано, а нема ни никогаш да бидат побавни отколку што се во моментов. Ваквата реализација знае да има истоштувачки ефект, што е и очигледно од бројките кои ги видовме од Gallup. Најважната вештина е да научите да бидете господари на вашиот ум, да се прилагодувате на останатите и на новите предизвици. Ова е главното нешто што менаџерите го бараат од мене. Тие знаат дека нема да бидат успешни се додека не научат соодветно да се поставуваат.

Наслов на книга која ве има инспирирано во последно време?

ENGAGEMENT MAGIC: Five Keys for Engaging People, Leaders, and Organizations – последното нешто што го купив од Киндл, ја читам во моментот и апсолутно ја обожавам.

Како личност која има основано стартап и има работено со стартапи, кој совет би можеле да дадете на младите и амбициозните претприемачи во овој брз, секогаш променлив свет?

Најдете партнер, а потоа и тим. Светот е премногу комплексен за самостојно покренување на големото тркало. Не мора да делите капитал доколку не сакате, но погрижете сте приклучени на мрежа која ве поддржува. Ви треба некој кој може да ви даде искрена повратна информација, како би можеле да бидете смирени и да се фокусирате на она што е важно. Вашето его е вашиот најголем асет – со кој верувате во вашиот капацитет – но, егото е исто така и вашиот извор на најголеми ризици – да изгубите фокус во работите кои се навистина важни. Инвеститори бараат силни тимови за инвестирање. Осаменото его е мит. Ако не можете да привлечете индивидуалци околу вас, како мислите дека би можеле да пронајдете побарувачка за вашето решение?

Повеќе информации за Пер Ерик Персон и неговата работа може да најдете на неговиот LinkedIn профил или на официјалниот сајт.

2 коментари на “Интервју со Пер Ерик Персон, бизнис тренер на најголемите шведски компании меѓу кои и IKEA

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии