Huawei: Од втор најголем производител на паметни телефони до проблеми со санкции и апсење

Дејан Соколоски

во feature, Свет

Image courtesy of Huawei

Huawei е еден од најголемите производители на паметни телефони и најголем производител на телекомуникациска опрема за инфраструктура. Компанијата има над 180 000 вработени во повеќе од 170 држави. Huawei е компанија која е во сопственост на вработените.

Името на Huawei (华为) грубо се преведува како „Кинеско достигнување“. Првиот збор 华 го означува кинескиот збор за цвет, но често се однесува на Кина или кинеско или извонредно; вториот збор 为 значи достигнување или акција. Двата збора заедно формулираат „кинеско достигнување“. За изговорот на Huawei, погледнете го видеото.

Huawei е основана 1987 година од Рен Женгфеи, инженер во кинеската армија. Компанијата започна како производител на делови за телефони, но прерасна во гигант кој произведува сè, од паметни телефони до инфраструктура за мобилна мрежа.

Почетоците на Huawei се тесно поврзани со надградбата на телекомуникациската инфраструктура во Кина во доцните 1980-ти. Најголем дел од кинеските компании во овој период работеа во партнерство со странски компании. Компаниите од надвор немаа доверба и ретко споделуваа технологија со кинеските компании, целата телекомуникациска технологија беше увезувана однадвор. Наместо ова, Huawei со обратен инженеринг купуваше странска опрема и откриваше како работи со помош на локални истражувачи. Потоа врз база на она што го дознаваа со обратен инженеринг продолжуваа да работат на развој на сопствена електроника, во прво време компанијата заработуваше исклучиво од увоз-извоз на PBX свичови од Хонг Конг.

Први сопствени производи

Во 1993 година истражувачкиот тим на Huawei го разви најмоќниот свич кој беше достапен во Кина. Дури и во периодот кога увезуваа имаа над 600 истражувачи кои работеа на обратен инженеринг на свичовите кои ги препродаваа.

Наскоро (1994) дојде понуда од кинеската армија за изградба на првата кинеска телекомуникациска мрежа. Две години подоцна кинеските власти одлучија дека за телекомуникациската мрежа во Кина ќе ги поддржат исклучиво кинеските компании.

До 2000-та година Huawei работеше на пазарите во регионот. Кина, Хонг Конг и Индија беа во фокус на компанијата. Во 2000-та Huawei започна да инвестира и во останатите пазари.

Првиот развоен центар надвор од Кина компанијата го изгради 2000-та година во Стокхолм. Една година подоцна, изградија развојни центри во САД.

Освојување на пазарите

Првата понуда за изградба на телекомуникациска мрежа надвор од Кина дојде во 2004 година. Холандскиот оператор Telfort го одбра Huawei за изградба на мрежата.

Една година подоцна (2005) Vodafone и Huawei потпишаа договор за партнерство. Со ова Huawei стана првиот кинески производител на телекомуникациска опрема со „Approved Supplier“ статус.

Во 2010 година за прв пат влегоа на листата на Fortune 500 компании. Оваа година Huawei имаше продажба од 21,8 милијарди долари и заработка од 2,67 милијарди.

Оваа година покрај забраната за продажба во САД, Huawei успеа да го надмине Apple по глобалната продажба. Со ова компанијата е на второто место по остварени продажби. Во август компанијата имаше 15,8% од глобалниот пазар на мобилни телефони, 2,7% повеќе од Apple.

Светски пазар на телефони, Топ 5 продавачи, дел од пазарот, и промена во однос на претходна година (продажбата е во милиони единици)
Производител 2Q18 продажба дел од пазарот 2Q18 2Q17 продажба  дел од пазарот 2Q17 промена во однос на 2Q17
1. Samsung 71.5 20.9% 79.8 22.9% -10.4%
2. Huawei 54.2 15.8% 38.5 11.0% 40.9%
3. Apple 41.3 12.1% 41.0 11.8% 0.7%
4. Xiaomi 31.9 9.3% 21.4 6.2% 48.8%
5. OPPO 29.4 8.6% 28.0 8.0% 5.1%
Others 113.7 33.2% 139.5 40.1% -18.5%
Вкупно 342.0 100.0% 348.2 100.0% -1.8%
Source: IDC Worldwide Quarterly Mobile Phone Tracker, July 31, 2018

Денес компанијата е еден од лидерите во полето на информатичка и комуникациска технологија. Huawei работи во четири сектори: ИТ, паметни уреди, сервиси во облакот и најголемите телекомуникациски мрежи. Huawei е еден од лидерите кај 5G мрежата, но овој сегмент е под санкции во САД, Австралија и повеќе други држави.

Во 2017 година Huawei имаше приход од 92,55 милијарди долари и профит од 7,28 милијарди долари.

Санкции на САД за Кина и забрани за Huawei

Сепак 2018 година не беше без проблеми. Во мај САД ја забрани продажбата на Huawei и ZTE телефоните за вработените во државните институции во САД. Главна причина за ова се врските кои компанијата ги има со властите во Пекинг.

Сепак поголем проблем од забраната за продажба на телефони е забраната за продажба на телекомуникациска опрема. Оваа година САД, Австралија и Британија забранија користење на опрема од Huawei за изработка на 5G мрежа.

Стравувањата се дека преку уредите и мрежата на Huawei, Кина ќе може да ги шпионира државите во кои операторот инсталирал опрема. За опасностите на хардвер кој има „заден влез“ објавуваше Едвард Сноуден. Секако доколку кинеските служби успеале да ги натераат производителите или да се инфилтрираат во постројките, опасноста е голема.

Нема крај на непријатностите

Минатата недела во Канада беше приведена финансиската директорка на Huawei. Менг Ванжу е ќерка на основачот на компанијата, а причина за приведувањето е „заговор за проневера на повеќе финансиски институции“. Доколку биде екстрадирана и осудена во САД би можела да биде казнета до 30 години затвор за секое од обвинувањата.

Причина за апсењето е нејзината работа во Skycom, компанијата која ги нарушила санкциите кон Иран. Сепак обвинителот Џон Гиб-Керсли вели дека Skycom е Huawei. Skycom всушност е подизведувач за Huawei.

Сослушувањето започна во петок, но не е донесена одлука. Поради ова сослушувањето продолжува и на 10 декември. Во меѓувреме продолжуваат притисоците врз властите во Канада. Од една страна САД притиска за екстрадиција, а од друга страна е Кина која се заканува со санкции ако Менг Ванжу не биде ослободена веднаш.

1 коментар на “Huawei: Од втор најголем производител на паметни телефони до проблеми со санкции и апсење

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии