Audacity е задолжителна алатка за сите љубители на музиката. Не само што ви дозволува да снимате интернет радио станици (за малку поразлична алтернатива прочитајте за StreamWriter), туку и ви дозволува да ја дигитализирате вашата музичка колекција, како и да внесете најразлични ефекти.
Според авторите, најновата верзија на Audacity е соодветно поддржана во Windows 10 и нуди беспрекорно и брзо снимање, сечење, прилагодување или внесување ефекти и не се испорачува со непотребни, дополнителни програми, како што е случајот со други бесплатни алтернативи (CamStudio и Free YouTube Downloader се програми кои напаѓаат со непотребен софтвер).

Од новите функции, имате на располагање Scrub Ruler за прилагодување на репродукцијата со вашето глувче, нови ефекти на дисторзија и тајмер за одредување за колку време да се почне автоматско снимање од компјутерот или микрофонот, што знае да биде корисно за снимање претстојни радио програми. Дополнително, во случај да снемате простор на хард дискот, Audacity предвреме ќе ве предупреди.

Со оглед на комплексноста на програмот, одредено привикнување е повеќе од очекувано, но за сите детали и водичи консултирајте се со неисцрпниот Audacity Wiki.
Audacity 2.1.3 e одлична за Windows 7, 8 или 10. За жал, ова е последната верзија која е компатибилна со Windows XP и таквите корисници, како и оние на Vista OS потребно е да ја преземат преносливата верзија.







