Exai Website Builder e CMS кој се изработува во Македонија

Последен пат кога зборувавме со Тошо Мицевски, ни раскажуваше за TeachHoot – платформa коja овозможува онлајн туторство. Овој пат не покани да ни покаже нова платформа – CMS Exai.

Се сретнавме во Козле и додека одевме кон новата канцеларија ме интересираше што се случува со TeachHoot.

„Добро е, имаме околу 10 часа секој ден, сепак заради малиот дел кој го земаме скалирањето е проблем. Разгледуваме неколку решенија за надминување на овој предизвик,“ вели Тошо.

Таман што заврши овој разговор, стигнавме и до канцеларијата на Exai. Всушност станува збор за поголема куќа во која се сместени неколку развивачи, дизајнери, SEO-експерти, и сè што може да очекувате дека е потребно за стартап кој работи на развој на техничко решение. На почетокот ова можеби делува малку чудно, но во најголем дел на стартапи функционира. Ова е случај и во Exai, барем во македонскиот оддел. Речиси со самото влегување може а почувствувате семејна атмосфера.

„Да“, вели Тошо. „Баш така. Заедно работиме, заедно готвиме, заедно јадеме“.

Exai до 2012 година била дел од Трафик Медиа, тогаш се одделува, со Exai Website Builder како продукт. Exai е основан со почетен капитал од 15 милиони долари и тим од 60 луѓе во Тел Авив. Основач на компанијата е Гал Моран, сериски претприемач, иноватор и ловец на таленти.

По неколку години развој, било невозможно да се натпреваруваат со американските компании во регрутирање на таленти. Случајно пронашле неколку таленти во Македонија, и донеле одлука да го префрлат развојот на производот тука; како заеднички израелско-македонски стартап проект. Стартапот е веројатно единствениот во Македонија кој дели 30% од компанијата со вработените.

Што е Exai?

Станува збор за CMS посличен со Wix, отколку со WordPress, Joomla или Drupal. Всушност станува збор за покомплексен систем кој содржи повеќе елементи. Заедно со Exai доаѓа и хостинг, оптимизација, а во иднина се најавува и креирање на темплејт со помош на вештачка интелигенција.

„Проблемот денес не е да се направи веб страна туку истата да се оптимизира и одржи на добро ниво што ќе овозможи да се донесат повеќе клиенти во бизнисот.
На ниво на интерфејс, Exai е изграден повеќе како програмски софтвер во споредба со обичниот Content Management System. Користи систем на наследување како на пример: откако ќе се намести фонтот на ниво на веб сајт, кога сакаме да го промениме, промената ќе се аплицира на целиот веб сајт. Како и да е, во секој момент може да се направат промени на ниво на страна при што промените се аплицираат на целата страна. Секако доколку е потребно може да се направат промени на фонтот и на ниво на елемент во самата веб страна.

Со цел да се зголеми продуктивноста, Exai исто така користи сличности. Правиме внатрешно структурирање на дизајнот при што групираме страни кои имаат исти одлики. Ова внатрешно структурирање ги групира одликите од неколку страни и кога се прави промена на една страна, сите други страни во таа група ја наследуваат истата одлика. Исто така може да се назначи особина на една страна од една во друга внатрешна структура при што страната од една внатрешна структура ги превзема особините на другата структура.

Го правиме истото и на ниво на елемент, групираме слични елементи низ целата веб страна и кога сакате да го промените изгледот на неколку елементи, променувате само еден елемент и ги аплицирате промените на сите слични елементи на една страна или на целиот веб сајт.

Овие и многу други предности го намалуваат времето за правење на веб сајт за околу 10 пати. На пример, ако ви требаат 10 дена за да направите веб сајт на WordPress, нас ни треба само 1 ден. Со тоа што времето е пари, на овој начин овозможуваме подобар производ за пониска цена.“ – вели Тошо.

Дел од предностите се лесни за забележување. Корисниците нема да треба да се грижат за надградби на страниците. Штом се надгради системот, надградбите се прават автоматски и на страниците кои ги хостира.

„Во Exai го правиме истото што го прави Microsoft. Од друга страна, со WordPress е невозможно да се направи истото бидејки нивните датотеки најчесто се во диск и не постои машина која создава HTML, CSS и други делови.“

Фокус на Exai се мали и средни компании кои се 65% од светската економија. Фокусирани се на пазари во развиените држави, а анализата покажала дека цел им се околу 300 милиони компании. Дел од овие корисници знаат за важноста на нивното присуство на интернет и на пребарувачите, па си ги одржуваат страниците. Друг дел, а тие токму и целта на Exai, немаат ниту време за да ги одржуваат.

„Имаат веб-станици, ги направиле одамна и ги заборавиле. Изгледаат ужасно и не се подготвени подготвени за мобилно рангирање. Корисниците не можат да ги пронајдат на првите страни на Google, иако се релеватни,“ вели Тошо.

Големи цели пред стартапот

Exai пред себе има поставено големи цели, сакаат да земат дел од пазарот кој вреди милијарди долари.

„Нашиот план е да станеме водечки производ на пазарот.

На пример, Wix моментално држи 1.8% од пазарот. Wix моментално вреди 4.2 билиони долари на Nasdaq, ако оваа сума ја поделиме со 1.8%, секој еден процент од пазарот вреди околу 2.3 билиони. Нашата цел е да заземеме 0.2% од пазарот што би вредело околу 460 милиони долари.

Exai е конкурент на Open Source платформите кои држат околу 70% од пазарот. Ќе биде многу тешко да ги заземеме тие 0.2% од 70%, но сепак е изводливо.“ – вели Тошо.

Додека се подготвував да излезам се слушна ѕвонење и славје. Успеаја да направат продажба. И ако продолжат со овој принцип на работа без сомневање наскоро ќе слават уште многу.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии