Image courtesy of TeachHoot

Онлајн платформите кои овозможуваат туторство во светот не се новитет. Кај нас, сепак до неодамна не постоеше едноставен начин за онлајн одржување на туторски сесии.

Пред неколку месеци со тестови започна TeachHoot, македонска платформа која треба да го олесни туторството. Сервисот е основан од Тошо Мицевски и Деан Живковски, двајца ентузијасти кои и самите имаат искуство со туторството. Официјално платформата е пуштена од 15 септември, иако делови од системот за наплата беа во доизработка.

Со Тошо и Деан се сретнав во нивната нова канцеларија во близина на железничката станица. До неодамна на платформата работеле од дома, но ова нема да го забележите на сервисот кој изгледа беспрекорно. Една од работите кои не може, a да не се забележат е ентузијазмот со кој двајцата ја развиваат платформата, но и прилично студиозниот пристап во развојот на TeachHoot.

„TeachHoot е платформа за онлајн приватни часови во виртуелна училница. Со помош на TeachHoot целиот процес на пребарување, закажување, наплата и одржување на приватни часови со тутор се одвиваат онлајн, без никаква потреба од физичко присуство на било која од страните. Идејата за Teachhoot доаѓа од трендовите на напредок на образовните процеси во САД, како предводник во областа на онлајн туторство. Идејата со текот на времето доста еволуираше да дојде во денешниот облик“, вели г.  Мицевски.

Платформата функционира едноставно, иако барем засега има два модули. Првиот е класично туторство, учениците бираат тема, пронаоѓаат тутор, се договараат за цена и веднаш по плаќањето започнуваат часовите. На располагање се куп алатки кои овозможуваат поедноставно објаснување и решавање на проблемите. По истекот на часот, видео екранот автоматски се затвора и туторот и ученикот се врќаат во текст пораките каде може да се договорат за нов час. Дополнително, по завршувањето на часот ученикот може да остави некој коментар и рејтинг за одржаниот час.

Вториот начин на настава е решавање на проблем. Ученикот поставува прашање и одбира тематика. Прашањето стига до сите тутори кои се соодветни за темата, кои започнуваат со своевидна аукција со време и пари за кој ќе го понудат решението. По ова овие податоци заедно со рејтингот на туторот му се презентираат на корисникот која го поставил прашањето. По изборот на тутор веднаш се прави уплатата и започнува да тече времето.

„Туторот има онолку време колку одбрал да го реши проблемот, ако не го прикаже решението во овој период, проблемот е оспорен, а парите се враќаат назад“, објасни г. Живковски.

Тоа што часовите се одржуваат на далечина им овозможува и на учениците, и на туторите да заштедат време. Нема потреба од долги патување помеѓу предавањата, ниту дополнителни трошоци. Но, ова не единствената идеја на TeachHoot:

„Многу ученици во нашата земја имаат ограничен пристап до квалитетни тутори, или пак воопшто немаат пристап. Временските услови, одалеченоста, фокусирање на сѐ што има и постои само во Скопје, придонесе до едукативна суша во помалите градови. Ние сакаме тоа да го смениме. Сакаме секој што има да научи нешто интересно и корисно или да предаде нешто интересно и корисно, да може да го направи тоа на брз и едноставен начин од било која локација каде што има пристап до интернет. Со ова да го забрзаме образовниот процес и да придонесиме со поголема ефикасност во неговото изведување“.

Иако како ученик секој може да се пријави на платформата, изборот на тутори е малку покомплексен. Условите кои треба да ги исполнат туторите не се премногу ригорозни, но сепак постои селекција. Селекцијата се прави врз база на искуството кое го имаат туторите или врз база на образованието на туторот. Засега дел од часовите на  TeachHoot се по: математика, физика, хемија, програмирање, англиски јазик, шпански, италијански, француски, турски, македонски за странци, музичка уметност и ликовна уметност. Една од можностите со кои туторите можат да го „подигнат“ својот профил е преку пишување на блог на темите кои ги предаваат.

„Се обидуваме сите тутори да имаат или искуство или соодветно образование за темите. Игор (Богдановски) на пример, ми има мене држено часови, предава математика и физика со години“, вели г. Мицевски.

Можеби најдобро можностите на платформата се покажуваат со туторот Марга Велевска. Г-ѓа Велевска е одличен тутор за шпански јазик, но поради својата здравствена состојба (боледува од церебрална парализа) не може едноставно да се движи од еден ученик до друг. Благодарение на TeachHoot таа сега може да држи часови од одма, без да има потреба да се движи од еден ученик до друг.

Можеби волкавото внимание кон деталите и не треба да биде изненадување. Двајцата креатори имаат искуство од двете страни на туторството, и како ученици и како тутори.

Очeкувано, проблемите доаѓаат поради неприлагоденоста на банките кон онлајн платформите. Речиси сите банки имаат минимална сума на наплата која во споредба со висината на цената часовите е и премногу висока. Е-трговијата и плаќањето онлајн добива замав кај нас, но многумина се сомневаат дека се достапни добри сервиси за наплата…

„За жал, во право сте. Не постојат добри сервиси за наплата во Македонија. Тоа преставува еден голем хендикеп во развитокот на е-трговијата и е-бизнисот во Македонија. Системот за наплата е интегриран систем од Халбанка.„ 

Како што кажуваат и самите основачи, TeachHoot не е новитет на светско ниво, но локализацијата овозможува навистина интересни решенија. Можноста за помош и квалитетни часови во руралните средини е најверојатно највозбудливиот дел од платформата. Можеби во иднина не е лошо да се поработи на повеќе вакви системи, една од можностите која веќе се користи во дел од државите е онлајн здравствен систем. Ова ќе овозможи контакт на жителите на руралните средини со лекар онлајн, наместо да треба да одат во големите градови.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии