10 игри кои мора да ги одиграте за време на новогодишните празници

За време на новогодишните празници, во моменти на апсолутен мир и изолација од надворешниот свет, би можеле да прочитате книга. Би можеле. Но, зошто да трошите ваша имагинација, кога можете директно да бидете изложени на туѓа, да подлегнете на ефектите на токсичниот коктел од аудио и визуелни ефекти, и да заиграте некоја од следниве пет десет игри кои излегоа во 2018 година.

Тркачка игра: Forza Horizon 4

Искусете ја потребата за апсолутна дигитална брзина со Xbox One/ Microsoft Store ексклузивата и навлезете во графичко-исполнителен отворен свет. Британските острови не биле никогаш поубави, а траките за тркање – никогаш поопасни. Ова е игра која не потфрлува во апсолутно ниеден аспект. Forza Horizon 4 излезе во октомври годинава и, за брзо време успеа да ги освои фановите со 450 лиценцирани возила за истражување на преубавиот отворен свет. За успехот на играта дефинитивно помогна и крајно комплексниот систем за динамично време и прикажување на омилените околини низ сите временски сезони и со сите предности и додатоци кои би можеле да влијаат на патот. На XONE, Forza Horizon 4 ужива 92 поени, а на PC платформата, играта собра 89 поени, што е повеќе од импресивнo.

Алтернатива: Wreckfest

Wreckfest e феноменален пример за тоа што може да се случи доколку сакате да понудите тркачка игра со целосен фокус на деструктивност. Wreckfest е и одличен пример за макотрпна упорност на авторите кои не кренаа раце и работеа на играта нешто повеќе од шест години. Wreckfest требаше да излезе во 2014 година. Наместо тоа, излезе во 2018 и е поубава и подобра од кога и да е. Задолжителна лектира за сите оние кои бараат исполнителен хаос зад дигиталниот волан.

Игра со прикрадување: Hitman 2

Hitman е исклучително стар серијал, но Hitman 2 е продукт кој успешно се надоврзува на ревитализирачкиот хит од 2016 година. Двојката пружа повешти начини за ликвидација и поголеми можности за де ескалирање на одредени ситуации. Приказната и понатаму продолжува да е со сомнителен квалитет, но Hitman не се игра за приказната. Кога се работи за барање издувни вентили, Hitman 2 е најдоброто нешто на пазарот.

Алтернатива: Monster Hunter World

Оние кои се по комплексни и динамички битки, но со различни суштества, дефинитивно би требало да ја проверат и Monster Hunter World. Hitman 2 и Monster Hunter World се две, исклучително различни игри, но одредени работи сепак нè принудија да ја претставиме како интересна алтернатива. Имено, самите чудовишта бараат внимателно да ги следите, да ги истражувате трагите кои ги оставаат зад нив и да бирате различни пристапи. Секое чудовиште се бори на различни начини и не можете да се потпирате на едни исти тактики. Дополнително, нивните напади се менуваат и во зависност од времето и здравствената состојба. Нивото на нивната агресивност, како и офанзивните и дефанзивните тактики, зависат од многу фактори. А да не ни зборуваме за тоа на кој начин можете да ја искористите околината во ваша полза. Добро, ќе позборуваме малку. За тоа како уништување брана може да испровоцира чудовиште да излезе од криење и да ве нападне. Или како можете да го одведете истото чудовиште во дувло со еден куп други чудовишта и да им дозволите самите да си се испотепаат додека вие само гледате од страна. Monster Hunter World е супер! Играјте ја!

Симулација: Jurassic World Evolution

Frontier Developments се имаат погрижено да понудат наслов каде ќе можете да управувате со цели острови и да ги пополните со преубавите ѕверови од едно друго време. Можете да создавате диносауруси кои ќе размислуваат, чувствуваат и реагираат на интелигентен начин со светот околу нив. Можете да им всадувате одредени однесувања, способности и изгледи, а и да се впуштите во детални прегледи и микро-управувања како би можеле да се справите со сите предизвици, како на копно, така и во воздух. Jurassic World Evolution е модерна и исклучително комплексна симулација која го наградува вашето првично трпение.

Алтернатива: Two Point Studios

Во случај да сакате малку поразлична симулација, не барајте подалеку од Two Point Studios. Духовниот наследник на Theme Hospital се враќа пооткачен од кога и да е, а лекувањето на дигиталните пациенти може да пружи исклучително задоволство. Two Point Studios е комплексно интерактивно дело во слоеви од откачен хумор. Дефинитивно препорачуваме!

Пукачка игра во прво лице: Battlefield 5

Слично како со Hitman 2, Battlefield e одамна докажано животно. Но, тоа не значи дека треба да биде запоставено, особено доколку барате чисто крвен шутер, со солидна кампања за еден играч, и бројни режими за мрежно препукување. Battlefield 5 не прави тектонски промени во жанрот, a желбата на DICE да игра безбедно се чини целосно оправдана. Месецов излезе нова мапа фокусирана со битки со тенкови, нова мисија за еден играч и можност да вежбате пукање со најразлични оружја. Во јануари, ќе бидат активирани два нови режими, како и ко-оп мисии низ различни мапи, а во март ќе излезе нова мапа сместена во Грција, како и Firestorm – планираниот Battle Royale мод.

Алтернатива: Call of Duty: Black Ops 4

Одамна не сме фанови на Call of Duty серијалот, особено во последните неколку години. На крајно безобразен начин, Activision ја користи секоја можна прилика да извлече максимален профит од нивните наслови, дали преку заклучување римастери зад астрономски цели или пак со агресивни кутии со плен. Во случај да можете да пројдете покрај сево ова, тогаш Call of Duty: Black Ops 4 е одличен наслов кој е целосно фокусиран на мрежните пресметки. Кампања за еден играч нема, но затоа сè останато е значително подобрено и проширено. Покрај комплексниот Zombies мод, на располагање имате исклучително добар battle royale мод кој се вика Blackout.

Авантура во трето лице: Assassin’s Creed Odyssey

Најновата игра од овој серијал воведува и значително поголеми промени. Отворен свет со комплексни RPG механики, избор за правец во кој се одвива дијалогот, AI фракции со ставови кои се менуваат во зависност од вашето делување и, а ова е големо И, адреналински поморски битки од кои често ќе заборавите да земате здив. Assassin’s Creed Odyssey крие три главни приказни, десетици споредни мисии и еден куп други благодати кои лесно можат да ве втурнат во над 100 часовно истражување. Assassin’s Creed Odyssey е најдобрата и најсилната Assassin’s Creed игра и го заслужува вашето внимание.

Алтернатива: Sea of Thieves

Се осмелуваме да ја препорачаме Sea of Thieves само доколку бевте импресионирани од поморските битки во Odyssey и барате уште, но од малку поразлична перспектива. Sea of Thieves е хаотична сендбокс пиратска игра каде здружувате сили со останати пирати и го работите она што пиратите најдобро го работат – што сакате! Играта имаше бурен стар, но моментно, со двете проширувања и новиот регион, се наоѓа на исклучително добро место. Надвор можеби е студено, но времето во Sea of Thieves е совршено за капење. Храбро скокнете и избегнувајте ги најблиските така што ќе се социјализирате со целосни странци.

1 коментар на “10 игри кои мора да ги одиграте за време на новогодишните празници

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии