Зошто Клиф Блезински го затвори неговото студио?

До сега, претпоставуваме дека имате слушнато за затворањето на студиото на Клиф Блезински, човекот кој поголемиот дел од неговиот возрасен живот го има посветено во гејмерската индустрија и директен заслужник за успехот на Unreal Tournament и Gears of War и на сите игри кои пробаа со години да ги копираат. Како главен дизајнер, Клиф Блезински успеа да ги смести овие две игри на евергрин пасиштата и да го цементира неговото име како еден од најспособните дизајнери. Имајќи го ова во предвид, бројните фанови знаеја дека кога Клиф отвори негово студио и почна да работи на LawBreakers, стандардите во жанрот со мрежни пресметки одново ќе биде поместен. Наместо тоа, играта доживеа катастрофален пораз и, по уште еден монументален неуспех во форма на Radical Heights, Клиф реши да го затвори неговото студио и да се повлече од гејмерската индустрија.

Тоа беше кратката верзија.

Првата игра на Клиф е од 1993 година. Death to Dream не доживеа голем успех, но беше одлична отскочна даска за неговата понатамошна кариера затоа што не само што играта го прикажа како способен дизајнер и му даде работа, туку и му помогна да се запознае со кодерот Аржан Бруси, човекот кој ги има вмешано прстите и во изработката на Killzone, како и PS хитот, Horizon: Zero Dawn. во 1994 година, Клиф и Аржан работеа на Jazz Jackrabbit, а од плодовите на таа соработка се создаде многу подлабоко пријателство, до таа мера да кога Клиф го отвори студиото Boss Key Productions, го повика Аржан заедно да работат на LawBreakers. По излегувањето на Bulletstorm, игра на која Клиф работеше во 2011 година, почна да се забележува одредено разочарување во неговите изјави и Клиф нечесто беше цитиран како издавачите не ги ценат доволно неговите идеи и дека целата гејмерска индустрија е недоволно ентузијастична. Токму поради тоа, а и поради вмешувањето на кинеската компанија Tencent (компанијата зад Riot Games, односно League of Legends), Клиф реши да се повлече од индустријата.

„Го правам ова уште од кога бев тинејџер и буквално израснав во оваа индустрија. Но, сега откако пораснав, сметам дека е време за долго посакувана пауза“, изјави Клиф во 2012 година.

Клиф мора да бил многу уморен затоа што беше надвор од сцената цели две години. Во 2014 година, меѓутоа, Клиф отвори негово студио, Boss Key Productions, заедно со Аржан. Уште во самиот почеток на новото студио, Клиф ја градеше својата пропаганда со напади врз одредени издавачи и како моментната индустрија е целосно искомерцијализирана. Во одредени ситуации дури и ги напаѓаше Call of Duty играчите така што велеше дека тие не ни знаат што е вистински арена шутер, а дека тој знае и дека работи на нешто исклучително револуционерно. По неколку години развој, LawBreakers излезе на 9.август 2017, како арена шутер кој се играше од никого. На 10.април 2018 излезе Radical Heights, но некако дојде премногу доцна за да ги спаси од давење.

Зошто?

Клиф се води по одредени принципи. Првин, воопшто не е импресиониран од моментниот однос помеѓу издавачите и девелоперите, а и покажа голема несигурност спрема моделот бесплатно за играње.

„Искрено, не сум сигурен,“ се изјасни Клиф на редит за моделот. „Free to Play е еден од оние модели кои зависат многу од самата игра. За секој модел кој потсетува на методите од Лас Вегас (Zynga, Candy Crash) има луѓе кои ги осмислуваат игрите на вистински начин, како League of Legends или Warframe. Решен сум играта да не биде Pay to Win (плати за да победиш). Со оглед на тоа дека оваа игра е шутер, не сакам играчите да мислат дека треба да трошат вистински пари за да добијат нефер предност во играњето.“

До самиот крај, Клиф одби да ја направи LawBreakers бесплатна за играње, наспроти верувањето на повеќето дека LawBreakers би била успешна само кога не би барала пари за пристап. Клиф веруваше дека не постои начин да се направи бесплатна за играње игра без да се чувствува валкано. За Destructoid изјави дека не се сигурни на кој начин би го овозможиле тоа, дали преку ротација на херои, дали со рестрикции преку енергија, но на крај решиле да одат со платежниот модел. Втората игра на Клиф, Radical Heights, стана бесплатна за играње, но и тоа се покажа како недобитна формула.

Како ветеран кој е повеќе од две децении во гејмерската индустрија, Клиф го достигна врвот само за да падне на дното. Играта во која навистина веруваше и зад која застануваше горд и непоколеблив стана катастрофален неуспех и го уназади не само финансиски туку и психички, а ова е човек кој веќе покажуваше одредена нестабилност и незадоволство. Но, и покрај неуспехот на LawBreakers, Клиф реши да се крене од прашината и храбро да чекори по истиот пат. Radical Heights требаше да му биде спас, но само дополнително го нокаутира. И двете игри не успеаја да соберат доволна група играчи.

„Пред четири години сакав да направам светско признаено студио и вработив едни од најдобрите таленти во индустријата на видео игрите. Тие работеа неуморно да произведат квалитетни производи и, иако имавме и добри и лоши моменти, би сакал да мислам дека нѝ беше забавно.“, објаснува Блезински и додава: LawBreakers беше одлична игра која за жал не успеа да генерира доволен интерес и со последни напори успеавме да допринесеме кон Battle Royale жанрот со Radical Heights, игра која беше добро прифатена, но со промашен тајминг.“

Сево ова го принуди Клиф да го затвори студиото и да го посвети времето на размислување за неговите идни планови.

„На сите оние кои ме поддржаа мене и студиото во последните четири години, ви благодарам од дното на моето срце“.

Искрено се надеваме дека вториот одмор на Клиф е од привремена природа и дека нема да трае долго како првиот, а еднаш кога ќе се врати, ќе биде на големата врата, и со наслов од кој ќе се гордее не само тој, туку сите гејмери.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии