Зошто има нов конкурс за е-продавници кога првиот не е целосно реализиран?

Само 32 бизнис планови беа пријавени од можни 50 места во првиот конкурс за отварање на електронски продавници спонзорирани од Министерството за информатичко општество и администрација. Идејата зад проектот е локални бизнис да се пријават со свој бизнис план, а МИОА да им креира продавница и да им плати хостинг за една година, по што продавниците ќе бидат оставени на бизнисите. Замислени се вкупно 100 продавници за 100 бизниси, односно 50 во 2012-та, и 50 во 2013-та година.

Идејата мора да признаете е одлична за да ги охрабри бизнисите да се впуштат активно во електронското тргување. Но, што ни кажува фактот што немаше доволно пријави за бесплатни целосно функционални веб сајтови? Можеби бизнисите се незаинтересирани за свои е-продавници бидејќи не знаат како да ги користат правилно. Затоа MИОА треба да почека да ги реализира сите тие 32 бизнис планови бидејќи во моментов се претставени само 2, и потоа со тие десетина позитивни студии на случај, (не само со примерите на Tilla.mk и Macedonian Handicrafts), да им го презентира потенцијалот на веб тргувањето на бизнисите.

Вториот проблем е малку покомплициран за решавање, бидејќи ги вклучува навиките на корисниците, нивната доверба во онлајн продавниците и можеби стандардот на живеење во Македонија. Во моментов статистиката поразително открива дека само 4,3 отсто од корисниците активно тргуваат на интерент додека само 5,3 отсто од деловните субјекти продале нешто преку интернет во 2011-та година (што е пад од 6,9 отсто во 2010 година).

Оптимизам или форсирање?

МИОА го најави својот нов конкурс (технички втор дел од проектот), само десетина дена по претставување на првата е-продавница, односно само десетина дена откако се виде дека првичната квота не е исполнета. Според ИТ министерот Иво Ивановски, во Македонија има развиено информатичко општество во кое секој бизнис може да отвори електронска продавница кои ќе биде конкурентна со тие на запад.

„На првиот конкурс за електронски продавници за 50 места имаше 32 бизнис пријави. Свеста во Република Македонија за електронска продавница е неизградена, владее страв, чувство дека таму има корупција, криминал и злоупотреби на податоците. Но, тоа не е точно, ниту логично. Ги охрабрувам сите да се пријават на огласот што наредната недела ќе го објавиме за 50 компании за отворање веб-продавници и своите производи да ги пласираат низ цел свет.“

Но, ако зборуваме за работи кои се „логични“, тогаш најавување дека македонски електронски продавници можат да бидат „конкурентни со тие на запад“ не би требало да биде споменато, бидејќи продавниците на запад можат да опстанат само од онлајн продажби. Зарем не е пологично МИОА да го одложи конкурсот барем до крајот на 2013-та година за да им помогне на компаниите полека, но сепак да сфатат како да заробатат од своето веб присуство?

2 коментари на “Зошто има нов конкурс за е-продавници кога првиот не е целосно реализиран?

  1. Лесен одговор, за да се исперат пари на легален начин LOL :), Додека ебеј не дојде во македонија нема ни е да видиме од е-продавници. Но колку ни го најавуваше тоа министерот за информатика само некако не се случува, ајде можеби на следните избори ќе го стави во предизборна програма и ќе ги викне ебеј како позадина

  2. Во земја каде што владее стравот, корупцијата и злоупотребата на податоците – како што е тоа случајот со Македонија, единствено логично е истото да се очекува и во областа на ел. продавници. Освен ако не си владина фирма, па да се водиш од друга логика.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии