Зошто Facebook го купи Instagram и што ќе прави со него?

Соопштението дека Facebook го купи Instagram за една милијарда го изненади сиот ИТ свет. Веста дојде одеднаш, се работи за многу пари и се работи за популарна апликација за споделување на фотографии за која многумина веруваа дека ќе прерасне во самостојна друштвена платформа. Впрочем и Марк Закерберг во соопштението рече дека ќе го остават Instagram да расне самостојно и да соработува со други сервиси.

Но, дали тоа беше напишано само за да не ги исплаши над 25-те милиони корисници на Instagram кои со право се загрижени дека нивната омилена апликација за споделување фотографии ќе биде интегрирана целосно во Facebook и потоа ќе биде изгасена?

Според Ом Малик од GigaOm, Facebook е тој кој се плаши од конкуренцијата бидејќи фотографиите се тоа што ја прави друштвената мрежа популарна, но не и со мобилните корисници.

„Tие [Instagram] растат како луди на мобилните уреди, а мобилната апликација на Facebook е само задоволителна. Зошто? Бидејќи Facebook не е мобилна компанија и не размислуваат од мобилна перспектива. Facebook-овата првична идеологија е дека се десктоп интернет компанија. Instagram е комплетно спротивен на нив. Изгради платформа основана на емоции. Не изгради само друштвена мрежа, туку убава друштвена платформа за споделување искуства.“

Влијателниот Роберт Скобле во прашање на Quora одговори дека купувањето на Instagram е заради зголемување на мобилните приходи кои Facebook ги нема, а му се потребни за да се претстави на берзата како профитабилна компанија.

„Денес Facebook НЕМА приходи од мобилните уред. Ниту еден долар. Тоа е неверојатно бидејќи многу луѓе, стотина милиони од нас, ги користат мобилните клиенти на Facebook. Тоа ќе се смени бргу по излегување на берзата, а Instagram ќе одигра голема улга во тоа, плус Facebook ќе добие многу талентиран тим од мобилни програмери кои изградија водечки апликации за iOS и Android.”

Со ова се согласува и Дејвид Копеланд од ReadWriteWeb кој вели дека Facebook го купува Instagram само да ги задоволи инвеститорите.

„Компаниите кои се акционерски друштвa треба да растат за да ги задоволат инвеститорите, и ако тие не можат да го направат тоа со додавање нови корисници или генерирање нови извори на приходи, тие треба да го направат тоа со голтање на ривалите.“

Приказната за двегодишниот стартап Instagram е неверојатна. Апликацијaта е стартувана во 2010-та година од страна на Кевин Систром и Мајк Креигер, и до денес успеа да израсне во популарен сервис со само дванаесет вработени. Откако се обиделе со неколку апликации за фотографии, двајцата програмери го креираат Instagram бидејќи забележале дека на пазарот нема друштвена апликација која нуди филтри за уредување и споделување на фотографиите со пријателите. Го искористиле моментот и за три месеци по објавувањето, апликацијата има еден милион корисници, па потоа 10 милиони за една година. Сиот раст е органски, без рекламирање и промовирање на апликацијата. Апликацијата ја привлече и поп-ѕвездата Јастин Бибер кој дури и побарал компензација затоа што ја користи. Систром му рекол не, а Бибер продолжил да ја користи, пишува TechCrunch во убав текст за историјата на овој мал стартап.

Но, на страна од причината зошто Facebook го купи Instagram, прашањето на кое сите бараат одговор е што ќе се случи понатаму?

BusinessInsider вели дека Facebook нема да го „уништи“ Instagram бидејќи Instagram е многу, многу подобар начин на споделување фотографии, подобар од „лошата скршена мобилна апликација“ на Facebook.

Според TechCrunch една можност е Facebook корисниците да добијат филтри за своите фотографии. Ова е со голема веројатност бидејќи претходно, пред една година, се открија документи во кои се вели дека Facebook гради конкурент на Instagram со филтри за подесување на светлината, контрастот и други ефекти. Филтрите и убавите фотографии сигурно ќе привлечат многу корисници да ја користат апликацијата која може да биде интергирана подиректно со Facebook, и за почеток да се овозможи логирање преку Facebook профил и дури тагирање на пријателите на фотографии на Instagram.

Една можност е да се искористи мобилната апликација за гео-тагирани фотографии кои ќе можат да се претворат во „чекирања“, односно одбележување на локација и нејзино споделување на друштвените мрежи. Локацијата во иднина може да донесе сериозни приходи бидејќи е уште една промотивна алатка за бизнисите кои ќе можат да допрат до поголем број клиенти преку друштвената мрежа.

Сега за сега никој не знае што следи. Соопштението на Facebook е премногу општо, „дипломатски“ напишано со внимание да не предизивка незадоволство и нејаснотии. Но, во тоа што сме сигурни е дека за некое време ќе видиме драстични промени кај двата сервиси.

1 коментар на “Зошто Facebook го купи Instagram и што ќе прави со него?

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии