Зошто e-трговијата во Македонија е на ниско ниво, иако има услови за нејзин развој?

(Ова е гостински текст на Нина Ангеловска, основач на сервисот за групно купување, Grouper.mk)

Електронската трговија и поврзаните активности преку интернет можат да бидат мотор на подобрување на економската состојба во земјата, но придонесува и за поголема интеграција на земјата во глобалните трендови. Информатичко-комуникациската технологија (ИКТ) направи трансформација во начинот на кој трговците и потрошувачите купуваат и дистрибуираат производи. Е-трговијата привлекува многу внимание од бизнисите, институциите, но и од владите како начин за генерирање на економски раст.

E-трговијата беше една од темите на Осмата конференција за платни системи и системи за порамнување на хартии од вредност под организација на НБРМ, која се одржа во Охрид од 11-ти до 13-ти Мај. Конференцијата има меѓународен карактер и во неа земаа учество претставници од централните банки од повеќе земји, институцијата UNCTAD за трговија и развој при Обединетите Нации со седиште во Швајцарија, финансиските институции Commerzbank од Германија и Accuity од Велика Британија, како и претставници од деловните банки, регулаторите на инфраструктурата на финансиските пазари и останатите финансиски и нефинансиски институции во Македонија.

На конференцијата се презентираше извештајот на UNCTAD за 2015-та година со наслов “Отклучување на потенцијалот на е-трговијата за земјите во развој“ од страна на тим лидерот на извештајот на UNCTAD, Торбјорн Фредриксон, со посебен акцент на состојбата во Македонија. Извештајот ги разгледува можностите и предизвиците со кои се соочуваат компаниите во земјите во развој коишто сакаат да се вклучат во електронската трговија. Презентацијата беше проследена со динамична панел дискусија за е-трговијата во Македонија  модерирана од Директорот на дирекцијата за платни системи г-дин Игор Величковск на која учестуваа претставници од Министерството за информатичко општество и администрација, Комерцијална банка, КИБС, CaSys , платежна институција INPAY од Данска и јас како претставник на бизнис сектротот од е-трговија (Grouper.mk).

Каква е состојбата со е-трговијата во Македонија?

Во изештајот на UNCTAD се воведува нова мерка за одредување на подготвеноста на една држава за е-трговија т.н индекс на електронска трговија (E-commerce B2C Index). Индексот зема во превид 4 параметри: интернет пенетрација, покриеност на поштенска испорака, пенетрација на платежни картички и безбедни интернет сервери. Анализата опфаќа 130 економии, а на врвот на листата се наоѓаат Луксембург, Норвешка и Финска како земји со најразвиена е-трговија, додека меѓу економиите во развој водечките места припаѓаат на Азија т е. Кореа, Хонг Конг (Кина) и Сингапур. Македонија се наоѓа на 41-вото место пред соседите Бугарија, Грција и Србија со вредност на индексот 62,2.

Индексот предвидува дека 13,5% од населението во Македонија треба да купува онлајн додека фактичката ситуација е дека 5,4% од населението купува онлајн, (UNCTAD, 2015). Од друга страна според Дигиталната агенда на Европа (2010), до 2015 година 33% од малите и средни претпријатија треба да продаваат и купуваат онлајн. Во Македонија само 6% од компаниите примаат нарачки онлајн, 5% прават нарачки онлајн.

Покрај мерливите фактори вклучени во индексот, во извештајот за нагласуваат и бариери од различна природа како што се: економски (несоодветна информациска и комуникациска инфраструктура, нестабилна и скапа струја, ограничено користење на платежни картички, мала куповна моќ и неразвиени финансиски системи); социополитички (слаба правна и регулаторна инфраструктура, преференци за лице-во-лице интеракции и преференци кон плаќање во готово); и когнитивни бариери (ниско ниво на компјутерска писменост, свест и познавање за е-трговијата помеѓу крајните корисници и компаниите).

Па кои се бариерите и предизвиците за развој на е-трговијата во Македонија?

Фактор кој директно влијае на развојот, според мене е понудата на пазарот. Ситуацијата беше многу депресивна во 2011 година кога ние го отворивме Grouper.mk, а сепак граѓаните се впуштија во онлајн купување на атрактивните понуди со попусти. Во време на рецесија и мала куповна моќ на населението главниот поттик за да направат онлајн купување не може да биде заштедата на време или удобноста да се купува од дома. Тоа се резултати односно придобивки кои граѓаните ќе ги почувствуваат со тек на време кога ќе креираат навика за купување онлајн. Но клучното за да се впуштат во онлајн купување и да ја направат првата трансацкија е атрактивната понуда, што во случајот кај нас значи заштеда односно поефтина цена за купување онлајн. Затоа треба не само да креираме претприемачка клима и да стимулираме отварање на нови компании кои ќе продаваат онлајн, туку треба да им се даде соодветен тренинг и едукација на претпиемачите за да се тргне од реалните потреби на пазарот. Министерството за информатичко општетство во 2011-ва имаше проект со кој се отворија 50 онлајн продавници, а денес само 7 од нив функционираат, токму поради оваа причина.

Бројот на брзорастечки стартап компании кои постигнале огромен успех во светот е навистина голем, а најголемиот дел од тие бизнис идеи ги нема во Македонија. Во земја во развој како што е Македонија иновирањето може да се состои од воведување т.е. аплицирање на постоечки бизнис модели, кои се докажано успешни во високоразвиените земји, со соодветно адаптирање за нашиот пазар. Иновацијата сама по себе е трансформација, а во случајот овие успешни модели кои постојат може да воведат значајни промени на домашниот пазар, а тоа го докажавме ние со Grouper.mk кој значително влијаше на развојот на е-трговијата во земјава.

Покрај локалните компании, понудата на пазарот ја креираат и интернационалните онлајн компании кои ги нудат своите производи за Македонските граѓани. Претпоставката е дека ако граѓаните почнат да купуваат онлајн од овие сајтови потоа ќе створат навика и ќе почнат да купуваат и од домашните компании. Во моментот некои од најголемите компании како eBay и AliExpress се отворени за купување за Македонците и Paypal дозволува сметки на физички лица. Но, бариерата сепак постои бидејќи ограничувањето за купување производи за лична употреба без царински давачи е поставено на 45 евра. Има предлози за зголемување на овој праг, што ќе влијае позитивно за онлајн купувачите, меѓутоа решавањето на оваа бариера може да значи меч со две острици бидејќи зголеменото онлајн купување од странски продавници може да значи и намалување на конкурентската предност на домашните компании кои поради големите царини и давачки за увоз не може да постигнат атрактивни цени.

Интервју со Нина на подкастот #ИТН:

Друг значаен фактор е културата и навиките на населението. И покрај тоа што има 1,6 милиони платежни картички во оптек (НБРМ, 2015) мал дел од нив активно се користат. Навика за голем дел од популацијата е да ја извадат платата од сметка на банкомат и да плаќаат со готовина, наместо да ја користат картичката за плаќања. Ова е бариера на која треба да се влијае за да се смени ставот и начинот на размислување, што не е лесно. Но потворно доаѓаме до клучниот фактор – понудата. Кај нас не го слушате често прашањето кога плаќате во ресторан, супермаркет или било која продавница: “Кеш или картичка?” што е нормално за било која развиена земја. Напротив кога купувач сака да плати со картичка прашањето е “Дали може да платам со картичка?”. Од вкупно 70.000 регистрирани активни деловни субјекти (Централен Регистар на РМ, 2015) 37% прифаќаат плаќања со платежни картички на физичките локации. Ова говори за фактот дека се уште сме многу далеку од директивата на ЕУ дека 33% од МСП треба да прават и примаат нарачки онлајн до 2015 година.

Ако ги погледнеме законите во нашата земја кои треба да се донесени според Европската директива за е-трговија ќе дојдеме до заклучок дека законката регулатива ни е јака страна. Закон за е-трговија – Имаме! Закон за заштита на потрошувачи – Имаме! Закон за заштита на лични податоци – Имаме! Закон за компјутерски криминал – Немаме посебен ама опфатен ни е во друг закон. Меѓутоа како сите овие закони се толкуваат во пракса и колку се корисни знаат засегнатите страни односно компаниите. Не сум правник, ама во 5 годишна напорна работа мораше многу добро да се запознаам со сите овие закони кои имаат недоречености и се направени пред повеќе години кога немаше реална понуда на пазарот за да се соочи со пречките и бариерите. Сепак по ова прашање има позитивна точка, бидејќи претставникот од МИО на панел дискусијата потенцираше дека законската регулатива ќе претпри измени наскоро. Наше е да се надеваме дека експерти од областа на е-трговијата ќе бидат повикани во изготвување на промените на законите поврзани со е-трговија и дека истите ќе бидат јасни за учесниците на пазарот и за надлежните институции.

Друга бариера со која се соочуваме во работењето која ја потенцирав на панел дискусијата, а верувам се однесува не само на онлајн компаниите се административните процедури кои негативно влијаат на продуктивноста во работењето. Проектот за е-фактура кој се најавуваше неколку години е зависен од електронскиот потпис кој е во функција веќе неколку години, но за жал при овие промени не се користат неутрални технологии за да имаме компатибилност со било која друга земја и воедно user-friendly принципот е изоставен.

Банките кои се директно засегната страна односно посредуваат помеѓу платежниот процесинг систем и трговецот да се изврши онлајн трансакцја треба да ги слушаат барања на трговците во насока на следење на трендовите. 20% од корисниците на Интернет во Македонија ги користат паметните уреди за пристап до Интернет од дома и над 50% за пристап надвор од дома. За да ја направиме мобилната апликација за Grouper.mk user-driendly и да го оптимизираме делот на плаќањето потребна ни беше многу креативност и работа бидејќи процесинг системите немаат оптимизирана платформа за мобилни уреди и апликациии. Од друга страна за да се олеснат адиминистративните процедури банките треба да имаат отворено API кое трговците може да го користат за различни потреби и цели.

Значајна препорака која ќе биде од корист на сите учесници во е-трговијата која се планира да се воведе од страна на МИО, која е посочена во ЕУ Директивата за e-трговија е воведувањето на контакт точка која ќе биде одговорна за е-трговијата во Македонија, ќе прибира податоци, ќе известува за состојбата, ќе објавува извештаи и ќе биде достапна за сите е-трговци кои имаат прашања или сакаат да се информираат.

Дополнително во насока на унапредување на е-трговијата, МИО треба да лансира кампања за креирање на свест за онлајн купување во соработка со е-трговците кои се борат на пазарот да креираат бренд и доверба, а со тоа ја промовираат е-трговијата. Со ова би се покажала поддршката на веќе посточеките локални е-трговци на пазарот, покрај подршката која се дава за отворање на нови компании.

Конференцијата и извештајот на UNCTAD придонесуваат кон целокупната ситуација со е-трговијата, запознавање на институциите со реалната ситуација и можност за соодветни интервенции. Во таа насока она што му дава особено значење на UNCTAD извештајот се препораките за националните стратегии и политики за унапредување на електронската трговија (Слика 1)

Стратегиска рамка за унпредување на е-трговијата, Извор: UNCTAD, 2015

На нас, е-трговците, ни останува напорно да работиме, да иницираме промени, да се информираме, да следиме трендови, да иновираме и да дадеме добра понуда за граѓаните да купуваат онлајн.

3 коментари на “Зошто e-трговијата во Македонија е на ниско ниво, иако има услови за нејзин развој?

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии