Зошто да учествува некој на Startup Weekend Skopje? Добивме добар одговор…

Startup Weekend е светски најпознат настан за стартапи, вели Ева Пиперевска, еден од организаторите на скопскиот стартап викенд кој е закажан од 8-ми до 10-ти мај. Дводневниот хакатон е наменет за млади претприемачи кои ќе соработуваат на креативни идеи и бизнис планови, со помош на искусни ментори, идеи кои подоцна ќе ги претстават пред инвеститорите.

„Но не само пред нив, тие ќе можат да си ја претстават идејата и пред целата македонска стартап заедница. На тој начин за прв пат да добијат реални коментари, да стекнат знаење за тоа како една идеја може да стане бизнис и се разбира доколку немаат тим, да се запознаат со програмери, дизајнери, маркетолози или луѓе кои ќе им бидат потребни за реализација на таа идеја“.

Ева ни откри дека Startup Weekend Skopje, кој ќе се одржи по четврти пат, ќе почне да се одржува два пати годишнo „со цел брзо да ги стасаме другите“ викенди кои се одржуваат ширум светот. Идејата зад настанот, и многу други редовни стартап настани кои се случуваат низ Македонија, за жал повеќето во Скопје; е да се промовираат стартапите и претприемаштвото, да се направи подобра заедница која ќе соработува и која ќе прави иновативни продукти.

Засега македонските стартапи малку заостануваат зад регионалните. Ако во Хрватска, Србија и Бугарија веќе имаме стартапи кои добија неколку стотици илјади евра инвестиција, во Македонија таквите се ретки исклучоци. Можеби Tesseract добија 30.000 евра за игра, но примерите како u:Plug и Fueloyal кои се малку поголеми стартапи се всушност соработки помеѓу македонски и хрватски основачи. Се уште нема „чист“ македонски стартап, без да звучиме националистички, кој стигнал до голема инвестиција, иако нема ништо лошо во тоа стартапите да гледаат преку границите за соработка и успех. Можеби тоа е решението за македонските стартапи? Секако дека конечната цел е секако освојување на светот, на за почеток во Македонија е сепак тешко. Ниту новиот Фонд за иновации не внесе некој поголем оптимизам, како што охрабруваат локалните стартап настани.

Само на последниот Startup Weekend Skopje, кој заврши со громогласен аплауз, забележа над 100-тина учесници, 16 презентирани идеи од 11 тима, конвој на електрични автомобили, презентација на Google Glass, Oculus Rift и Mini Quadcopter и секако куп дружење. Интересно е што настанот го организираат волонтери што говори доволно за мотивацијата да се учествува на стартап викендот.

„Овој настан е специфичен по тоа што дава можност на учесниците да се сконцентрираат на својата бизнис идеја. Не на програмирање, дизајнирање и други технички вештини, а дава можност да се научи како се презентира една идеја пред потенцијални инвеститори, како се прави таа презентација дури и да немаш демо верзија и како со добар бизнис и маркетинг план можеш да го привлечеш вниманието на акселератори, компании или инвеститори“.

Но, според неа, Startup Weekend Skopje не е настан кој ќе ја развие стартап сцената, туку ќе ги промовира идеите, да даде можност на претприемачите или на тие што сакаат да го искусат адреналинот кој го дава стартап натпреварот. Таа вели дека во Македонија има потенцијал, иако недостасува менторство и едукација за како се прави успешен стартап со добар бизнис модел.

„Стартап концептот е популарен посебно последните година дена во Македонија. Тоа е добро за македонската стартап заедница чиј труд досега не беше видлив или прифатен во Македонија. Но не треба да се занесуваме и да мислиме дека ако имаш стартап ќе се пријавиш на Стартап Викенд, ќе добиеш инвестиција и ќе станеш милионер. Македонија е само уште една држава во светот која “произведува стартапи”. Но исто така сме и мал пазар со многу слаб стартап екосистем кој треба уште да расте за да го достигне она што го имаат регионалните стартап екосистеми, а за светските да не збориме“, вели Ева.

Билетите за Startup Weekend Skopje се пуштени за продажба.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии