Зошто блокирањето на Telegram не го решава проблемот

IT.mk редакција

во ИТ.МК

Премиерот Зоран Заев се закани дека Македонија ќе го блокира сервисот за текст пораки Telegram. Причината за блокирањето е неисполнувањето на барањата за затворање на каналот „Јавна соба“.

„Испративме категорични барања до социјалната мрежа Телеграм да ја избрише групата Јавна соба и нема да престанеме да инсистираме на тоа барање сѐ до негово конечно исполнување.

Доколку апликацијата Телеграм не го затвори каналот Јавна соба каде се споделува порнографска и приватна содржина од наши граѓани, како и детска порнографија, ќе ја разгледаме и опцијата за блокирање или рестрикција на користењето на оваа апликација во Северна Македонија, сѐ додека не почнат да соработуваат со нас, со единствена цел да се затвори проблематичната група и да ни помогнат во откривање на идентитетот на оние кои споделуваат слики и прават кривично дело“, објави г. Заев во Facebook статус.

Случајот со јавна соба не е нов. Пред повеќе од една година медиумите пишуваа за оваа Telegram-група во која се објавуваат интимни фотографии на жени и девојки. За жал пред една година изостана соодветна реакција, па проблемот сега се повторува.

Ова е првпат Македонија да се закани дека ќе отстрани или блокира платформа, па блокирањето може да биде и опасен преседан.

Што е Telegram

Telegram е бесплатен сервис за размена на инстант пораки. Платформата  нуди криптирани пораки, и е супер едноставна за користење. Поради ова е популарна кај многу корисници. Од почетокот на оваа година Telegram го користат над 500 милиони корисници.

Telegram е достапен на Android, iOS, Linux, Windows, macOS и овозможува корисници од различни платформи да си испраќаат текст, аудио и видео пораки. Платформата овозможува и неограничено споделување на фајлови и документи помали од 2GB.

Корисниците на Telegram можат да креираат и групи со максимум 200000 корисници, со функционалности како хаштаг, одговори, и споменување (mentions). Групите може да имаат администратори кои имаат поголеми овластување и алатки, кои им овозможуваат поефикасна и попрегледна комуникација во големите групи.

Каде е забранет Telegram

Ако заканите се остварат и Македонија го блокира Telegram ќе биде во мала листа на 11 држави кои го направиле ова. Азербејџан, Бахреин, Белорусија, Кина, Хонгконг, Индија, Индонезија, Иран, Пакистан, Русија и Тајланд. Дел од овие држави веќе не ја блокираат платформата; ова е случај на пример со Азербејџан кој во ноември 2020 го прекина блокирањето на Telegram.

Најголем дел од државите кои некогаш го блокирале Telegram, или ова не го прават повеќе, или не го прават доволно добро, па не успеваат да ги блокираат каналите кои сакаат да ги блокираат. Исклучок се Кина, Иран, Пакистан , Тајланд и Русија кои активно ја блокираат платформата.

Во Кина забраната дојде откако дисиденти започнаа да ја користат платформата да ја критикуваат Комунистичката партија. Русија пак ја забрани платформата откако Telegram не одговори на барањето да ги доставува клучевите за криптирање на Федералната служба за безбедност (ФСБ).

Една од техничките опасности од блокирање на Telegram е широкиот опсег на IP адреси по кои треба да се направи блокирањето. Платформата користи сервери на многу различни локации, па блокирањето ќе предизвика проблеми. Блокирањето ќе значи и блокирање на сервиси кои платформата ги користи за рутирање како Amazon Web Services и Google Cloud.

За илустрација токму ова се случи кога Русија ја блокираше платформата. Блокираа 19 милиони IP адреси, а во нив имаше куп погрешни IP адреси. Заедно со Telegram тогаш беа блокирани и Amazon Web Services и Google Cloud. На крај ниту оваа ригорозно блокирање на вроди со плод. Корисниците преку VPN ја „прескокнаа“ блокадата и продолжија да го користат Telegram.

Ова без сомневање ќе биде случај и со Македонија. Можеби дел од корисниците нема да знаат и нема да може да се снајдат па ќе престанат да користат Telegram. Сепак еден и веројатно поголем дел ќе остане. Конечно проблемот и натаму останува, бидејќи не е предизвикан од Telegram и блокадата нема да го реши.

Проблемот не е во апликацијата, бидејќи ако не е Telegram ќе биде Signal, или некоја трета апликација и некоја трета група… Блокирањето на Telegram не го решава проблемот кој е многу поголем и општествен и институционален.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии