Вечната војна помеѓу Android и iOS веќе не се води помеѓу фановите на двете најпопуларни мобилни платформи, туку се претвара во лична битка за кој телефон да одбереме. Ако iPhone беше далеку посупериорен пред неколку години, сега има Android телефони како Samsung Galaxy S5, HTC One и Google Nexus 5 кои се исто толку моќни и убаво дизајнирани. Големиот избор е искушение бидејќи секој корисник ќе ја бара вредноста за своите пари, а бидејќи Android телефоните се поевтини од iPhone, тоа ги става iOS корисниците на мисла да пробаат нешто ново.

Еден од тие кои се префрлија на Android e Митко Цабевски, основачот на македонскиот стартап Ambio.me, кој во својот пост на новата платформа за блогирање Medium, објави пост со наслов „Андроид е тапа“ во кое го објасни искуството од двете платформи. Како iOS корисник кој е запознаен со Android платформата се согласувам со Митко околу комплексноста, бидејќи Apple не навикна да користиме телефон со само две-три лесни движења, без да се грижиме на персонализација или виџети. Но, тоа што можеби е пресудно што им фали на поранешните iOS корисници е недостатокот на „еye candy”, како што вели Митко.

„Честопати имав чувство дека јас му служам на телефонот а не обратно. Целиот тој избор од подесувања, опции, прилагодувања и можности како да се направи една иста операција на повеќе начини знае да биде парализирачки. Едноставно се чувствува комплексноста“, пишува Митко во својот пост. „Втора работа која веднаш ја приметив кај Аndroid е отсуството на задоволство, фини детали и т.н. ‘eye candy’, посебно кај апликациите. Вистина е дека тоа зависи и од самите девелопери на апликациите, но во целина искуството е премногу ‘техничко’ и без флуид”.

Постот мотивираше дискусија и кај профилот на Дарко Булдиоски, основач на New Media MK, кој е исто така поранешен iOS корисник, сега има Google Nexus 5, кој би сакал да се врати на iPhonе доколку цената биде разумна. Во дискусијата се вклучи и Глигор Дачевски, основач на популарната фитнес апликација SportyPal, кој вели дека „ги имавме сите телефони за избор, но некако пак се враќав на Apple…“.

Но, iPhone е прескап телефон за поголемиот број oд македонските корисници, кои, на страна од Android фановите, евентуално ќе купат телефон кој работи на платформата на Google. Можеби некои ќе купат и Windows Phone телефони кои имаат прекрасен дизајн и одличен кориснички интерфејс, и без апликации; но сепак Android ќе биде примарна платформа. И со право, вели Филип Димитрoвски кој инспириран од претходниот пост, на Medium објави свое алтернативно искуство „Зошто Андроид не е тапа“.

Постот на Филип е одличен, објективен и со детални објаснувања за техничките можности на Android, што го прави совршен пост за споредба на различките помеѓу желбите на iOS и Android корисниците. Митко како iOS корисник бара убав дизајн кој е лесен за користење; Филип пак како Android корисник ужива во техничките детали на сите функционалностите кои се подесуваат, со отворен ум дека Android е одлично замислен, но под притисок да го освои светот.

„Она што сакам да го кажам е дека Android има одлична замисла за како се треба да функционира. Поради отвореноста и малата контрола, производителите и развивачите го уништуваат тоа што Google го има замислено“, пишува Филип.

На крај, иако изборот е личен, дебатите никогаш нема да престанат бидејќи наскоро ќе сакате да купите таблет компјутер – дали ќе биде iPad или Android?; наскоро ќе сакате да купите и паметен часовнок – дали ќе биде Apple iWatch или Аndroid Wear?. Фановите веќе од сега се одлучени, но за тие што се двоумат цената ќе ви го наметне Android, но ако имате можност пробајте ги и двете платформи.

3 коментари на “Зошто Android e тапа, и зошто не е…

  1. Ќе го цитирам дел од текстот повеќе:Во дискусијата се вклучи и Глигор Дачевски, основач на популарната фитнес апликација SportyPal, кој вели дека „ги имавме сите телефони за избор, но некако пак се враќав на Apple

    Jaс би му препорачал да си ја оправи апликацијата SportyPal бидејќи ни на IOS,ни на АНдроид не му покажува точни податоци.

  2. Хахахха…….Ме изнасмеавте. Иако оригиналниот ("stock") изглед на Андроид излгеда прилично спартански,
    HTC Sense на пр. има далеку повеќе "eye candy" од која било верзија на iOS. Андроид е широк поим, па затоа на "новопечениве" корисници на Андроид им препорачувам да пробаат повеќе варијанти пред да излезат со генерализирано мислење како "Андроид е тапа" и сл.

    Поздрав!

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии