Злото се враќа: Прв поглед на Diablo 3 бета

Повеќе од петнаесет години од излегувањето на првиот дел од Diablo и повеќе од десет години од последната експанзија на Diablo II: Lord of Destruction, конечно добивме шанса да го видиме и третото продолжениe на оваа култна игра која официјално излегува на 15 мај.

[youtube]8scZZfU9Zh8[/youtube]

Blizzard одлучи викендов да биде бета викенд и да направи стрес-тест на серверите. Со исклучок на преоптовареноста на серверите и неколку грешки при логирање на кои се пожалија поголем број од тестерите, играта, барем првиот дел (Act I) изгледа подготвена да излезе уште утре. Мора да признаам дека иако не ми е јасно дали играта цело време комуницира со серверот или само при транзициите од една во друга зона, латенцијата со неколку исклучоци беше одлична.

Во бета тестот е пуштен воведниот акт, а карактерите беа лимитирани на 13 нивоa. Сепак ова беше доволно за да го подгрее мојот оптимизам дека Diablo 3 ќе биде уште едно ремек дело на Blizzard. Со самиот почеток на играњето станува јасно дека овој дел е многу поблизок до првиот Diablo, отколку до продолжението. Од музиката која е иста со музиката од оригиналниот наслов и е одлично искористена да ве потсети на епскиот прв дел, па до New Tristam, град кој е изграден на местото на разурнатиот стар Tristam. Амбиентот исто така е помрачен и музиката одлично ја покрива мрачната атмосфера која владее во играта.

Најголем број од играчите кои со нетрпение ја очекуваат играта немаат никакви замерки, иако по форумите можат да се најдат голем број на забелешки кои се однесуваат на графиката од играта, од коментари дека играта изгледа како да е правена пред 5 години до такви кој ја споредуваат со Drakensang online, игра која се игра во прелистувач. Иако и едните и другите се во право, коментарите од овој тип се потполно излишни. Првенствено затоа што Diablo 3 изгледа добро и уште поважно естетски е најдобрата акциона RPG игра.

Diablo 3 бета започнува со сите пет класи: Barbarian, Witch doctor, Monk, Wizard и Demon hunter. Секоја од класите користи различни ресурси кои се трошат кога напаѓате со специјалните моќи, на пример варваринот го користи својот гнев (Fury), а ловецот на демони комбинација од омраза и дисциплина.

За разлика од двата претходници овој пат класите не се ексклузивни за некои полови, туку секоја класа има можност за машки или женски карактер. Моќите кои ви се на располагање се поделени во пет групи: примарен напад, „моќен“ напад, активни, дефанзивни и пасивни моќи. Со кревање на нивоа вашиот карактер ги подобрува карактеристиките и ви стануваат достапни руни кои кога ќе ги активирате во моќите ги менуваат нивните карактеристики (го зголемуваат бројот на непријатели кои ги напаѓате, го зашеметуваат непријателот, дополнително го забавуваат и слично). Статистиките за жал во Diablo 3 нема да може сами да ги распределите бидејќи дизајнерите ги имаат прифатено моделот од World of Warcraft за овој дел од играта.

Назад кон споредбите со оригиналната Diablo, барем во делот презентиран викендов изгледа дека најголем дел од играта ќе го поминуваме повторно под земја во катакомби, зандани и тунели. И токму овој дел е најдобриот дел од играта. Непријателите се значително подобро групирани и „попаметни“, пример, групи од скелети стрелци ќе го користат живиот штит составен од скелети штитоносци, па за да стигнете до нив ќе треба вешто да ги планирате своите напади. Планирањето уште повеќе доаѓа до израз бидејќи во занданите се поставени стапици (висечки лустери, полуразрушени ѕидови), кои можете да им ги срушите врз глава на „кутрите“ непријатели. Не се ретки ни ситуациите кога непријателите се обидуваат да ве изненадат и да ви постават заседи излегувајќи од под земја, делови од ѕидови или прекачувајќи се преку препреки, па ако сте невнимателни за кратко време може да се најдете обиколени од групи од 20-30 непријатели. Конечно и покрај неколку мои обиди да ги (respawn) непријателите, работата која најмногу ме нервираше во Diablo 2, со големо задоволство морам да истакнам дека во ова продолжение тоа не е случај.

Дизајнерите на Diablo 3 прилично вешто ви ги претставуваат непријателите со раскажување на куса приказна секој пат кога за прв пат ќе убиете непријател од таа група. Приказната за „босовите“ е распределена во неколку дела па со нетрпение ќе ја дочекувате секоја книга која ви раскажува дел од приказната.

Повеќе од десет години очекување, надеж и нетрпение ги делеа љубителите на овој серијал од третото продолжение. Но, на чекањето конечно му дојде крај! А злото допрва доаѓа.

7 коментари на “Злото се враќа: Прв поглед на Diablo 3 бета

  1. Diablo III е игра која ја чекамо со брат ми незнам колку време. Порано имаше куп шпекуцалие за D3, додека не ја објавија во 2008.

    Браво за рецензијава, бш ја изиграв со Barbarian, Witch Doctor, а брат ми изигра со Demon Hunter и Wizard.

    Целокупно мене многу ми се допаѓа концептот на играта, нуди многу повеќе од претходните, но нема random generated dungeon system! Тоа беше огромен плус за D1 и D2, затоа што секогаш си на ново ниво, бараш исти предмет, но во различна околина.

    Ве поканувам сите што сте љубители на Diablo да се приклучите на https://www.facebook.com/pages/Diablo-III-Macedon

    Поздрав и уште еднаш браво за рецензијава! :)

  2. Ке ја има и во НИКО Компјутери проследена со целодневен ивент. Има можност за преордер/резервирање за задолжителна копија. Ке има наградна игра, со мауспади, маици и друго како награди на 14ти во продавницата на НИКО во Рамстор која ке работи до 01:00 по по лноќ, за да им се дадат копиите на сите што направиле преордер.
    Имате инфо на форумот на it.com.mk -> http://it.com.mk/forum/threads/%D0%A8%D1%83%D1%9C

    FAQ имате тука -> http://www.gorast.com/d3c/d3_faq_niko.pdf

    Се гледаме на лансирање ^^

  3. Овие 2 недели се стварно најтешки недели ! Имав прилка овие 2 дена да уживам во бетата која што не ме остави да спијам како човек :D Инаку стварно имам замерки до графиката али ајде… ќе пројде. Инаку за играва треба трајно да се има интернет конекција ?

    1. Blizzard не е компанија која „турка“ последна технологија од страна на графика… Нивна бизнис стратегија е да се игра и на постари системи, каде гејмплејот е во преден план.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии